Културата е еден од трите важни сегменти за подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните во една урбана европска и цивилизирана општина, општина како што и доликува и треба да биде град Куманово, општина најголема во Република Македонија, но реалностa е нешто друго, а за тоа некој друг пат ... Она што е култура во општина Куманово е презентирано и доставено како предлог – програма оперативна на културни манифестации и настани од предлагач – градоначалник на општина Куманово и изготвувач – сектор за култура. Програмата укажува за непознавање на законот за култура и неговите одредби, програма на една ограничена перцепција за културата и нејзините вистински вредности.
За донесување на годишна програма на македонската култура ја информирам локалната власт од СДСМ дека таа е јасно утврдена со законот за култура и доследно се спроведува и почитува од страна на министерството за култура. Комисија што ја подготвува – предлог – оперативната програма, не се држи во тајност, туку јавноста, во секое време може да добие информации, кои истакнати поединци се дел од овие комисии, луѓе кои не се анонимуси, туку се имиња со голем кредибилитет, луѓе кои својот труд го имаат втемелено во македонската култура. Оттаму објаснувањето дека што се однесува до изборот на подржаните проекти, сите пристигнати пријави во Министерството за култура, внимателно се разгледани и од страна на комисијата, секој од апликантите согласно законот, најтранспарентно си добива решение во кое јасно се образложени причините за одбивање или прифаќање на проектот. Ако локалната власт од СДСМ не ја препознава вредноста на уметниците, подржани во програма од национален интерес, ќе ги информирам дека во истата програма се подржани проекти на уметници како што се Симон Трпчевски, Милчо Манчевски, Весна Гиновска – Иванова, Венко Андоновски и многу други.
Зар за Вас не се од национален интерес проекти на Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, на театри од Македонија и сите други институции од областа на културата ?! Зошто продолжувате да ги деградирате и омаложувате македонските уметници ?! Зар за Вас нивните успеси не се важни ?! Вашиот индиферентен однос кон културата го покажувате и за време на вашиот мандат кога не реализиравте ниту еден значаен проект од областа на културата. Навистина е жално што и сега кога сте на власт во општина Куманово, продолжувате со еден крајно ограничен и тендезиозен однос кон вистинските вредности во културата кон македонските уметници. Нашата локална власт во општина Куманово, има две институции за културни манифестации : Фондација за култура и Сектор за култура и тие институции имаат соработка и се надополнуваат, соработуваат и го организираат културниот живот во нашиот град, прават една целина и се тоа е во ред, но не е добро и лошо е што предлог – оперативна програма, и од двете институции е препишување на се едно исто, без новини и нови проекти, за освежување и збогатување на културниот живот во општина Куманово, за подобрување на квалитетот за живеење на граѓаните на нашиот град. Според тоа, културниот живот на граѓаните во општина Куманово е повторување на се едни исти културни манифестации кои на свој начин се реализираат, а во последно време и “тие” мал број на културни настани се под знак на прашалник дали ќе се одржат бидејќи општината нема пари – финансирање на културни манифестации и настани е сведено на минимални средства, па дури и со ребаланс на буџетот на општина Куманово – најмногу ребаланс се врши токму кај културни манифестации и настани. Па според тоа, културниот живот, на најголемата општина во Република Македонија може да се спореди и идентификува со касаба, со мал број на проекти вметнати во оперативната програма за културни манифестации кои се донесени и јасно утврдени со закон за култура од министерството за култура, а тоа се : Рома Фест, Тамбурашки Фестивал, Денови на комедија, Ликовна колонија “Пелинце”. Во таа смисла, градоначалникот ,како предлагач и изготвувач – секторот за култура, да ги надградат своите сознанија за актуелните културни текови во европски и светски контекст и конечно да понудат конструктивни предлози и проекти за унапредување на културата во општина Куманово.
Валентина Јовановска Советник од ВМРО-ДПМНЕ, Валентина Јовановска
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*