Еве, почитувани мои сограѓани кумановци, полека привршува и оваа “пеколна“ недела на кумановската политичка сцена. Велам пеколна, затоа што само во 3-4 дена успеавме да го видиме најгрдото лице на кумановскиот политички естаблишмент. Пред неколку дена и на Фејсбук објавив, на што ме потсеќа сегашната ситуација во Куманово...
Големиот Меша Селимовиќ во една од своите книги имаше една прекрасна мисла: “Бој се овна, бој се говна... А кад ќу да живим?“.
Нормално, морам да почнам од онаа, сега веќе “историска“ седница на Советот на Општина Куманово на која се донесоа толку штетни одлуки што не се сеќавам, барем од 2000-та година па наваму, дека за неколку часа биле донесени толку одлуки, кои директно ќе влијаат на влошувањето на животот на кумановци.
Секако, првата одлука е онаа за покачувањето на цените на услугите на „Чистота и зеленило“, или кумановски кажано, “колко поскупо ќе не кошта ѓубре у Куманово“? Јас знам дека како и сите јавни претпријатија во Куманово, но и во целата држава, и “Чистоќа“ поради енергетската криза, инфлаторната криза, кои не се само во Куманово ниту, пак, само во Македонија, туку се проблем во целиот свет, и ова претпријатие се соочува со проблеми. Меѓутоа, зарем граѓаните на Куманово, кои имаат проблем да врзат крај со крај, сега треба да го спасуваат претпријатието плаќајки, на пример во делот на сопствениците на станови сметки поголеми за 50% ??! Зарем нема друг начин ??! Секако дека има, ама ако градското раководство се откаже од својата комоција и наместо во време на најголема криза да прави 2 сосема непотребни кружни тека за стотици илјади евра (некои велат дека ќе чинат и 1 милион евра) истите тие пари да ги насочи во зголемувањето на средствата во програмата на „Чистота и зеленило“ и така да го реши проблемот. Ееееее, ама зашто да се трошив паре на јавно предузеќе к`д може да се трошив на непотребни глупости, а у исто време да се плаче “ДРЖАВА НЕ НИ ПОМАГА“! Па и не треба да ви помага, зашто ви сами не сакате да си помогнете. Нормално, за сето тоа на крајот ќе плаќаат граѓаните преку своите сметки. И може да ви се кладу што ќе биде следеќи потез: пошто смо популисти какви што смо, прво ќе се качив плате на општинари и вработени у јавни претпријатија за онија чувени 2800 денара. БРАВО! Сви су среќни, само народ плаќа... и нормално, “продолжуваме да ги штитиме интересите на граѓаните“!!!
Кога сум веќе кај “фамозните“ кружни токови, “они су веќ посебна прича“. Ги гледам изведувачите како се мачат од ништо да направат нешто. И да се разбереме, изведувачите добро си ја вршат работата, не е проблем кај нив, проблем е кај оние што ги нацртале овие “циркуси“ и им ги тутнале на изведувачите и тие да се чудат што да прават. Кај оној ток горе, од една страна, од кај “Гоце Делчев“ имате авионска писта со 4 траки, а од карши, од кај “Бајрам Шабани“ не можете ни да влезете во кружниот ток и да одите кај сте наумиле. Оној па кружниот ток доле кај „Трета МУБ“ и “Октомвриска револуција“ го гледам и се уште се чудам како ќе изгледа на крај. Има да биде “мистерија завиткана во енигма“ како да се влезе и излезе од таму! Ама, тој не е важно. Важно правимо нешто што не ни треба само да изгледа дека работимо нешто. А спортска сала још чмае! Никој ништо не мрда тамо!
Туку, да се вратам на онаа несреќна седица на Советот на општината. Другарчињата решиле да си играат и право и урбанизам онака “како мали Ѓокица замишља свет“! Донеле одлука ако имаш парцела на која треба да градиш зграда, можеш, ама само на 30% изграденост! ОК, еве да се сложам, место повеќе поевтини станови ќе имаме помалку ептен скапи, ама ете, ќе имало дрва и зеленило. БРАВО! Ама, што викаше еден покоен пратеник од Куманово, “туј има една беља“. Во одлуката напишале дека истата ќе се применува и на оние одлуки кои Советот на Општината веќе еднаш ги донел!
Оопппп, кочи мајсторе! Во Уставот на Македонија (и не само во нашиот, во сите устави на светот) постои едно правно начело кое се вика “забрана за ретроактивно дејство на законите, подзаконските акти и други прописи“. Во превод на јазикот на обичниот граѓанин, ова начело значи дека секој закон или одлука како оваа за која зборувам може да има дејство и примена само од денот кога ќе биде донесена па натаму, а не може да се применува на нешто претходно донесено. Ова го измислиле пред 200-300 години за да се создаде правна сигурност дека нема некој да ви зема било какви права кои веќе сте ги стекнале. Ама тоа за овие нашиве не важи, они мислат дека ова е “Не љути се човече“, па кој ќе изгуби нема право да се љути. Да ви кажам нешто... оваа Одлука нема да ви падне на Уставен суд, ќе ви падне на пат до Уставниот суд, некаде кај Романовце отприлика!
Сосема на крајот, морам и маршот само на кратко да го спомнам. Легитимно и демократски е да се протестира за било кое важно прашање во државата. Ама има еден проблем... не ги лажете луѓето дека некој ќе им “го украде македонскиот идентитет“. Идентитет не е точак па некој да ви га украде. Идентитетот е нешто што или го имаш во себе и го чувствуваш или не. Ако се плашите дека некој ќе ви го украде, тогаш вие ВООПШТО НЕМАТЕ ИДЕНТИТЕТ!
Фала, поздрав до следеќи пут!
Виктор Божиновски адвокат
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*