×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • ЗА КУМАНОВЦКИТЕ РАБОТИ – ВТОР ДЕЛ (ЗЛОСТОРНИЧКО ЗДРУЖЕНИЕ)

    Виктор Божиновски

    Пред околу еден месец на ова исто место, напишав колумна “За кумановцките работи“ во која се обидов да посочам во кратки црти дека нешто навистина “не штима“ во кумановската политика и кумановскиот “политички естаблишмент“.
    Во таа прилика, меѓу другото, се осврнав и на “фамозната“ седница на Советот на општина Куманово од 12.07.2022 година на која се донесоа некои скандалозни одлуки. Имав искрена намера да укажам дека некои од тие одлуки не само што се лоши, туку се и во спротивност со Уставот и законите на Македонија. Наивно помислив дека на некој ќе му дојде памет, ќе се преиспита и ќе ги повлече таквите одлуки. Ама ете, наивност...

    Како што и тогаш напишав, советниците во Советот на општина Куманово од актуелното владеачко мнозинство решиле да си играат и право и урбанизам онака “како мали Ѓокица замишља свет“! Имено, на таа седница донесоа одлука која во суштина значеше дека ако имаш парцела на која треба да градиш зграда, можеш, ама само на 30% изграденост. Арно ама, во истата таа одлука напишале дека истата ќе се применува и на оние одлуки кои Советот на Општината веќе еднаш ги донел!

    Тогаш најискрено сугерирав дека во Уставот на Македонија (и не само во нашиот, во сите устави на светот) постои едно правно начело кое се вика “забрана за ретроактивно дејство на законите, подзаконските акти и други прописи“. Во превод на јазикот на обичниот граѓанин, ова начело значи дека секој закон или одлука како оваа за која зборувам може да има дејство и примена само од денот кога ќе биде донесена па натаму, а не може да се применува на нешто претходно донесено. Ова го измислиле пред 200 - 300 години за да се создаде правна сигурност дека нема некој да ви зема било какви права кои веќе сте ги стекнале. Исто така, сугерирав и дека самата одлука нема да го издржи тестот на “проверка“ пред Уставниот суд, и дека сите решенија кои евентуално би се донеле од страна на општинската администрација би биле целосно неправилни и незаконски. Со други зборови кажано, “на кумановски език“ - “не се бута ѕид сас главу“!
     
    Арно ама, нема кој да те слуша.

    И така, сега општинската администрација, водејќи се по паметот на советниците, реши и таа да си игра право и урбанизам, и почна во пракса да ја спроведува одлуката донесувајќи барем едно решение (за кое јас знам, можеби има и други за кои не знам), кое во целост го засноваше врз незаконитата одлука на советот на општината, па реши на одредени баратели да им ги ускрати веќе стекнатите права, што нормално укажував дека е незаконски.

    Среќа, Македонија е правна држава па имате право на правна заштита во второстепена управна постапка, па и на судска заштита.
    Бидејќи како адвокат, за себе сметам дека во својата работа сум професионалец, а знаев дека се што ќе произлезе од оваа одлука е незаконито, на барање на клиентите, заедно со уште еден колега, поднесовме жалба до надлежниот второстепен орган согласно законот.

    И... што е исходот? Па нормално, првостепениот Заклучок на општина Куманово е ПОНИШТЕН како неправилен и незаконит.

    Меѓутоа, дури сега можат да почнат да настапуваат последици од многу посериозен карактер. Видете, тоа што општинарите мислат дека можат да прават тоа што сакаат, тоа е нивен проблем. Но, самите мора да разберат дека со своите постапки на некого причинуваат штета, и тоа од сериозни размери, затоа што луѓето не можат да си ги спроведат своите права кои веќе порано ги стекнале. Со самото вакво постапување, бидејки се работи за службени лица кои ги пречекоруваат границите на своите овластувања и притоа на друг му нанесуваат значителна штета, истите треба да знаат дека опасно се приближуваат до законската дефиниција на “ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНА ПОЛОЖБА И ОВЛАСТУВАЊА“, а бидејќи се работи за повеќе луѓе кои претставуваат група, многу се блиску и до дефиницијата на “ЗЛОСТОРНИЧКО ЗДРУЖУВАЊЕ“.

    Оттука, уште еднаш, најискрено и најдобронамерно, на советниците во Советот на општина Куманово им укажувам да соберат сила и храброст и оваа незаконска одлука да ја стават вон сила, а на општинската администрација да се воздржи од донесување незаконски акти врз основа на таа одлука затоа што последиците и штетите само се трупаат.....

    Виктор Божиновски адвокат

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*