Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пописот е граѓанска обврска утврдена со закон. Учеството во Пописот е задолжително и претставува одговорност на секој граѓанин кон државата. Повикот за бојкот и бојкотот на Пописот е кривично дело, истакна Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика.
„Тоа е исто што и организирање отпор и непослушност кон законити одлуки и мерки на државен орган опфатени со членот 387 од Кривичниот законик и предвидува парична казна или затвор до 3 години за оној, што ќе организира други на отпор и на непослушност. Ако пак поради делото не е спроведено или значително е отежнато спроведувањето на законита одлука или мерка, или ако делото го стори како водач на група сторителот ќе се казни со затвор од 1 до 5 години“, додаде Ѓоргиева.
На прес-конференцијата информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 57-ма седница на Владата, како и за тековните активности поврзани со Пописот 2021.
Портпаролот Душко Арсовски информираше дека за теренскиот дел е обезбеден потребниот број на попишувачи и почнува обуката на реонските инструктори, при што нагласи дека здравствените протоколи со кои е предвидено да се спроведува Пописот гарантираат највисоко ниво на заштита и за попишаните и за попишувачите.
Во однос на активностите во дијаспората е информирано дека самопопишувањето на нерезидентното население забележливо се зголемува и досега се самопопишале 137.114 македонски државјани кои живеат во странство, а претставничката на ДЗС Ѓоргиева соопшти дека најголем е бројот во Швајцарија, Германија и Италија, како и дека е забележан и раст во САД и Канада.
Арсовски посочи дека податоците од Пописот се доверливи и заштитени по највисоките стандарди и со учеството во оваа статистичка операција секој придонесува државата да има релевантни и точни податоци, а не претпоставки, за да може да се креираат политики за натамошен развој.