Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Министерството за транспорт и врски го објави вториот јавен повик за реконструкција на локални улици и патишта во рамки на проектот “Поврзување со локални патишта”. Со овој јавен повик опфатени се вкупно 35 локални улици во 21 општина и Град Скопје со вкупна должина од 35,5 километри и вредност од околу 7 милиони евра.
Во рамки на овој јавен повик опфатена е реконструкција на локални патишта во избрани општини согласно изработени основни проекти, доставени до Министерството за транспорт и врски, а одобрени од Светска банка. Рокот за доставување на понуди е 8 aприл 2021 година.
„Ова е еден од најзначајните проекти со вкупна вредност од 70 милиони евра што го реализираме преку Министерството за транспорт и врски, а кој се однесува на реконструкција и санација на локалните улици и патишта во општините во Република Северна Македонија. Во оваа втора фаза опфатени се локални улици и патишта во 21 општина и Градот Скопје, кои до Министерството за транспорт и врски доставија комплетна техничка документација. Тоа што сакам да потенцирам, пред извесен период ги склучивме договорите од првата фаза или тендер 1 во рамки на овој ист проект и кон крајот на овој месец започнуваме со реконструкција на 27 улици во 17 општини за што инвестираме 4,4 милиони евра“, истакна на денешната прес конференција министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Министерот потенцираше дека во двете фази заедно опфатени се вкупно 62 локални улици, или инвестиција од преку 11 милиони евра.
„Веќе работиме и на тендер 3 од овој проект, прибираме проекти од општините, заеднички работиме на нивно усогласување согласно правилата на Светска банка. Во однос на распределените средства веќе информиравме дека висината на распределните средства е различна за секоја општина и е утврдена согласно методологија воспоставена заедно со Светска банка. Како критериуми земени се бројот на население, бројот на населени места во општината, површина на општината и бројот на регистрирани моторни возила во општината“, истакна министерот Бочварски.
Тој додаде дека овој проект е од голема важност за општините, бидејќи општините добиваат неповратни средства за реконструкција на локални улици и патишта кои се приоритетни за граѓаните и ги повика општините навремено да доставуваат готови проекти.