Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Првиот пакет вакцини - донација од Србија денеска пристигна на граничниот премин Табановце. На примопредавањето премиерот Зоран Заев и претседателот Александар Вучиќ потврдија дека пријателството меѓу двата народи и поддршката помеѓу земјите е причина да се помогне кога е најпотребно.
„Српскиот народ солидарно споделува дел од своите вакцини со македонскиот народ. Пакетот од 4.680 вакцини од вкупно 8000 е израз на пријателска и соседска подадена рака и поддршка за македонските граѓани, додека стигнат вакцините што ние ги нарачавме. Нашата денешна средба е резултат на пријателството и меѓусебната поддршка. Оваа солидарност е израз на традицијата во регионот, првата рака на помош да се подаде на најблискиот сосед. Овој чин ги зацврстува и им дава светла перспектива на односите меѓу Македонија и Србија, кои традиционално се пријателски. Србите во Македонија и Македонците во Србија се алката на поврзување меѓу двете земји“, - изјави Заев.
Тој упати посебна благодарност до пратенците од Куманово, Иван Стоиљковиќ и Мирослав Јовановиќ, кои помогнале во кординацијата на оваа донација, но и во зајакнување на врските помеѓу српскиот и македонскиот народ.
Претседателот Александар Вучиќ, истакна дека вакцините би биле испорачана и порано, доколку немале проблеми со производителот околу дозволите за извоз.
„Среќен сум што можеме да помогнеме на нашите браќа и пријатели. Сакам да порачам една работа, Србија нема никакви други интереси освен да покажува пријателство кон македонскиот народ. Ништо друго не нè интересира, освен нашето пријателство да напредува, нашата економска соработка да се зголемува и да живееме не само како најблиски соседи туку и како најдобри пријатели. Јас сум сигурен дека и вие на нас би ни помогнале, бидејќи сметам дека доколку соседот не ви е задоволен, нема ни вие да сте среќни. Вистински пријател ви е оној кој ќе ви се најде во тешко, а не кога ви е лесно и убаво, - изјави Вучиќ.
Министерот Венко Филипче најави дека вакцинацијата ќе започне во среда, а први ќе се вакцинираат здравствените работници во модуларната болница на Инфективната клиника во Скопје.
(С.Н.)