Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Минатата година 5494 лица биле повредени, а 125 го загубиле животот во сообраќајни незгоди, што е најмал број на лица кои настрадале во патниот сообраќај во однос на претходните години.
Трендот на подобрување на безбедноста во сообраќајот продолжува и оваа година.
Позитивните статистички показатели се резултат на зголемениот број на контроли од страна на сообраќајната полиција и континуираните превентивни активности што ги реализираат МВР и РСБСП.
Со цел да продолжи позитивниот тренд на подобрување на безбедноста и сигурноста во патниот сообраќај, МВР и РСБСП денеска започнаа и со кампања под мотото „Стави појас“, која ќе опфати голем број на превентивно едукативни активности на територијата на целата држава, во период од неколку месеци. Дел од кампањата ќе бидат и интензивни медиумски активности, како и засилени сообраќајни контроли за користење на појас од страна на возачите и патниците.
Проценките покажуваат дека голем дел од возачите не користат сигурносен појас. Состојбата е уште понеповолна кога станува збор за сопатници на предното седиште, додека бројот на патници на задното седиште, кои користат појас, е приближно еднаков на нула. За споредба, стапката на користење сигурносен појас на предните седишта во земјите од Европската Унија е околу 90%, а на задните седишта од 60% - 70%.
МВР и РСБСП потенцираат дека користењето на сигурносните појаси е законска обврска како за возачите, така и за патниците на предните и задните седишта. Возачите и патниците треба да знаат дека користењето на
сигурносниот појас е наменето пред се за нивна лична безбедност и е од суштинско значење за тоа какви ќе бидат последиците од сообраќајните незгоди.
Обврската за користење на сигурносен појас е задолжителна без разлика на тоа дали возилото се движи во населено или надвор од населено место.
Некористењето на сигурносниот појас се санкционира со парична казна, наменета исклучиво за лицето кое не користи појас, без разлика дали станува збор за возач или патник на предното или задното седиште. Кај голем дел од современите моторни возила вклучувањето на воздушните перничиња зависи од тоа дали е ставен сигурносниот појас.