×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Анкета на Кумановоњуз: Над 70 отсто од анкетираните граѓани од Североистокот сакаат да се вакцинираат

    15.03.2021 11:16 | KumanovoNews

    Исто толку испитаници се скептични дека државата ќе обезбеди вакцини за навремена имунизација

    Анкета на Кумановоњуз: Над 70 отсто од анкетираните граѓани од Североистокот сакаат да се вакцинираат

    Кумановоњуз за да го испита пулсот на населението од Североистокот во однос на борбата за справување со коронавирусот, спроведе анкета, во периодот од 21 февруари до 5 март оваа година. Целта беше да ги слушнеме ставовите на жителите од регионот за вакцинацијата против ковид-19, но и да ги актуелизираме во јавноста нивните потреби и приоритети.

    Анкетата предизвика голем интерес во јавноста, а на прашалникот одговорија 323 граѓани од 6-те општини од Североисточниот регион.

    Најактивни беа граѓаните на Куманово, чии одговори се застапени со процент од 82,7%, потоа следуваат граѓаните од Крива Паланка, Кратово и Липково, додека најмалку застапени се испитаниците од Старо Нагоричане и Ранковце.

    Жените се вклучија во малку поголем процент од мажите и дадоа 51,1 отсто од одговорите. Според старосната структура, најголем број одговорени прашалници имаме од лицата на возраст од 36-50 години(42,4%), потоа следуваат младите од 18-35 години (34,75%), а по нив старосната група од 51-65 години (18,6%) и над 65 години (4,3%).

    Според анализата на резултатите, жителите од Североистокот главно се за вакцинација и сакаат да се вклучат во процесот на имунизација против ковид- 19. Имено, вкупно 71,5% од анкетираните граѓани сакаат да се вакцинираат, а дури и оние што одбиваат не го прават тоа заради антиваксерски ставови, туку претежно заради недоволна сигурност, безбедност и испитаност на вакцините.

    Најчеста причина да не се вклучат во системот за обезбедување на колективен имунитет е што сметаат дека вакцините не се доволно испитани, дека се несигурни и небезбедни, а некои затоа што веќе прележале ковид или се уште не одлучиле како ќе постапат. Интересно е што дел од младите покажуваат емпатија и сакаат да придонесат за ефикасна имунизацијата. Во своите коментари зошто нема да се вакцинираат, навеле дека нема доволно вакцини за сите, а тие не се во ризична група, па местото им го преотстапуваат на постарите и хронично болни. Но има и такви, иако се малубројни, кои ја одбиваат вакцинацијата затоа што не обезбедува траен имунитет или затоа што се уште не веруваат дека постои корона вирусот.

    Очекувани се и резултатите добиени според старосната структура за ставот кон вакцинирањето. Така, најголем процент на лица што ја поддржуваат вакцинацијата се оние над 65 години, приближно 86 отсто. Тука некаде се и старосните групи од 51-65 години и од 36-50 години, кои се за вакцинирање во процент од околу 83% односно 80%. Најслаба заинтересираност има кај младите од 18-35 години, од кои приближно 60 отсто ќе се вакцинираат, а останатие 40% нема.

    Иако, најголем дел од анкетираните се изјасниле дека ќе се вакцинираат, постои голема дискрепанца во однос на нивното пријавување за имунизација.

    На прашањето „Дали веќе се регистриравте во системот vakcinacija.mk“, само 30% одговориле дека тоа го направиле, 4% се пријавиле кај матичен лекар, а останатите околу 65% се уште не го сториле тоа. Причина не се потешкотиите при регистрацијата, затоа што само 14,5 % одоговориле дека биле соочени со неприфаќање на кодот, недобивање на потврда и слични проблеми.

    АНЕКЕТИРАНИТЕ И ДАВААТ ПРЕДНОСТ НА РУСКАТА ВАКЦИНА

    Руската, кинеката и вакцината на Фајзер Бионтек се најприфатливи за граѓаните од Североистокот, а послаб е интересот за вакцините на Модерна и Астра Зенека. Околу 41% од испитаниците одговориле дека би ја избрале руската вакцина „Спутник В“, доколку би имале можност да бираат. Приближен интерес,пак анкетираните , изразиле за кинеската вакцина (22,1%) и за Фајзер Бионтек вакцината (21,8%).

    Идентичен е резултатот и при анализата по старосни структури. И според оваа анализа, руската вакцина има предност кај сите старосни групи. Младите од 18-35 години на второ место ја ставаат кинеската, па дури потоа вакцината на Фајзер Бионтек, додека кај сите останати старосни групи на второ место по приоритет е Фајзер Бионтек, па дури потоа кинеската „Синофарм“ вакцина.

    Нема големи поместувања и во однос на полот, што се однесува до приоритетот при избор на вакцините, со таа разлика што жените после руската, ја преферираат кинеската, па вакцината на Фајзер Бионтек, додека кај мажите распоредот е обратен во поглед на последните две вакцини.

    ГРАЃАНИТЕ СКЕПТИЧНИ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ПРОЦЕСОТ НА ИМУНИЗАЦИЈА

    Според истражувањето, граѓаните од Североисточниот регион се скептични кога станува збор за спроведувањето на имунизацијата. На прашањето „Сметате ли дека државата ќе ги набави потребните количини на вакцини?“, 70,3% одоговориле негативно, а останатите 29,7% имаат доверба дека институциите ќе ги набават потребните количини, кои би биле доволни за вакцинирање на населението.

    Воздржани се и во ставот за успешно спроведување на процесот на имунизација. Близу 30% веруваат дека ќе има успешно имунизирање на населението, а 70,6 отсто од анкетираните сметаат дека државата нема да може најквалитетно да го спроведе овој процес.

    Над 90 отсто од учесниците во анкетата, пак, одговориле дека досега ги примиле сите задолжителни вакцини, што значи дека имаат доверба во имунизацијата како третман за заштита на населението од разни болести и дека во овој регион нема многу антиваксери. Но, кога се работи за незадолжителните вакцини, состојбата е сосема поинаква. Како пример беше земена минатата година, кога против сезонски грип се вакцинирале само 5,3 отсто од анкетираните, а останатите 94,7 % не се одлучиле на овој чекор. Но од овој податок не може да се дефинира гледиште за причините. Поточно, не може да се заклучи дека граѓаните ги примаат само оние вакцини за кои постои законска обврска, затоа што споредбата е направена во однос на вакцината за сезонски грип за изминатата сезона. Ако знаеме дека поради ковид кризата, сезонскиот грип беше ставен во „сенка“, односно беа регистрирани многу мал број на заболени од овој тип на вирус, секој заклучок би бил неприменлив.

    Анкетата ја заокружуваме со прашањето дали вакцината против ковид-19 треба да биде задолжителна или не. Постојат поделени мислења кај испитаниците, при што 58,5 отсто сметаат дека таа треба да биде задолжителна, а останатите дека тоа е право на личен избор.

    И ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ ПОДГОТВЕНИ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ

    Исто како граѓаните, така и здравствените работници во регионот се подготвени да се вакцинираат. Од Општата болница Куманово, кажуваат дека досега 70 здравствени работници ја примиле вакцината, а повеќе од 200 чекаат да се вакцинираат.

    „Интересот е променлив, затоа што има некои што се откажуваат затоа што кога ги провериле антителата, откриле дека, без да знаат, го прележале ковидот и сега не чувствуваат потреба да се вакцинираат. Но, има и такви коишто во првиот момент не се пријавиле, а сега пројавуваат интерес и верувам дека со тек на времето бројката ќе биде уште поголема“, изјави Снежана Захариева, директорка на Општа болница Куманово.

    Од Министерството за здравство велат дека Националниот план за имунизација ја утврдува вакцинацијата согласно приоритени и суб-приоритетни групи, односно таргетирани се три главни приоритетни групи, со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување, компликации и смрт и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура.

    Кумановоњуз им благодари на сите учесници во анкетата и нивниот придонес да се слушне гласот на граѓаните и да се почитува нивниот став при носењето на одлуки важни за здравјето и квалитетот на живот.

    (Тим на Кумановоњуз)