×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Бесплатни дигитални библиотеки има, но учениците не се доволно информирани за нив

    12.03.2021 07:59 | KumanovoNews

    Најголем дел од учениците од Североисточниот регион, кои учествуваа во истражувањето на Кумановоњуз за дигитално библиотекарство, велат дека немаат пристап до дигитални книги и не знаат дали во Македонија постојат дигитални библиотеки од каде бесплатно можат да ја преземат потребната литература.

    Бесплатни дигитални библиотеки има, но учениците не се доволно информирани за нив

    Тие бараат професорите, училиштата и другите надлежни институции да им посочат да дојдат до информации за достапните дигитални ресурси за да ги надминат потешкотиите што влијаат на нивниот успех во образовниот процес.

    Кумановоњуз одлучи да им помогне на средношколците, но и на нивните професори и на училиштата, така што направи дополнително истражување за расположивите дигитални платформи во државата.

    Нашата иницијатива се темели на резултатите од истражувањето во кое се вклучија 132-ца средношколци од Североистокот, а според кое 90,2% сметаат оти дигиталното библиотекарство ќе ја подобри наставата, а 69,1% од нив би се претплатиле на дигитални книги.

    Нашето истражување, пак, покажа дека во Македонија сепак постојат дигитални библиотеки и се прават пионерски чекори за развој на библиотечните збирки.

    НЕПРОФИТНИ ЗДРУЖЕНИЈА-ИНИЦИЈАТОРИ НА ПРВИТЕ ДИГИТАЛНИ БИБЛИОТЕКИ

    Првата и најразвиена македонска дигитална платформа, со најголем дигитализиран библиотечен фонд од домашни и странски автори, е Фондацијата Македоника, која е основана во 2013 година, со цел да претставува стожер, ризница и клучен двигател во сочувувањето и промовирањето на дела напишани од автори од сите периоди на македонското книжевно творештво.

    Идејата е создавање голема е-библиотека која трајно ќе ги сочувува делата напишани во десет вековната книжевна традиција, што во неограничен број можат да се чуваат на еден мобилен уред. Книгите се достапни за сите граѓани од државата, како и за оние кои живеат во соседните земји и дијаспората, со што се подобрува писменоста и образованието на младите, се охрабрува и поттикнува литературното творештво со промовирање нови,современи автори и се обезбедува дијалог помеѓу различите култури, вредности и традиции. Мисијата на Фондација Македоника се базира на два основни принципа – бесплатна услуга и безвременска достапност.

    „Кога ја стартувавме бесплатната дигитална библиотека, дигиталното издаваштво не беше актуелно на нашите простори. Иако знаевме дека дигиталиацијата е неизбежен процес, сепак на почетокот не бевме сигурни како ќе биде прифатена од страна и на читателите и на писателите. Во прво време, ние ги контактиравме авторите за објавување на нивните дела во електронски формат, но со текот на времето, како што се популаризираше библиотеката, така се зголемуваше и бројот на читатели, а авторите сами ги доставуваа своите изданија за објава во електронски формат, вели Андреа Ичокаева-Бундалевска од Македоника.

    По позитивните искуства, во рамките на Македоника, во 2015 година, основана е и првата дигитална книжарница Книготека, чија главна активност е креирање готови апликативни решенија наменети за дигиталната издавачка индустрија. Електронските изданија, кои се продаваат, секогаш се речиси за 50 % поефтини од печатените книги.

    „Со цел да ја комплетираме софтверската платформа која ќе ги има сите компоненти кои му се потребни на еден издавач, добивме поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој и успеавме да развиеме целосно интегриран софтверски пакет за производство, продажба и дистрибуција на е-книги, кој, пред се, е наменет за издавачите во светски рамки. Во 2018 година, софтверската платформа е ставена во функција на агрегатор за продажба на електронските изданија на македонските издавачи, а во моментов преку него свои изданија продаваат 10 македонски издавачи: Антолог, Сакам книги, Бата прес, Бегемот, Магор, Пагома, Полица, ПНВ публикации, Или Или и Tip of the week. За пристап до библиотеките не се потребни посебни читачи, тие функционираат на мобилни уреди (телефони и таблети), преку апликациите за читање Книготека и Македоника“, посочува Бундалевскa.

    Во моментов и двете платформи посебно бројат по повеќе од 70.000 корисници на дигиталните библиотеки, a според статистичките податоци најголем број се на возраст од 18 до 35 години. Имаат широка понуда на книги за млади-деца и тинејџери, а имаат објавено и повеќе од 70 лектирни изданија за основно и средно образование, кои досега се прегледни повеќе од 3.000 пати по книга.

    ОД ПРЕД ЕДНА ГОДИНА И ПРВА АУДИО БИБЛИОТЕКА

    Од пред една година македонската дигитална сцена е збогатена и со првата аудио библиотека „Самоглас“ на која сите аудио изданија се бесплатни, а делата ги читаат актери.

    „Тргнавме од идејата дека сакаме да ја доближиме литературата до младите и да им понудиме поинтерактивна форма, која нема да ја користат само кога „мораат“ да обработуваат дела од македонски јазик и литература, туку и да развијат љубов и љубопитност. Во текот на нашето истражување сфативме од колкава важност е аудио литературата и за слепите и лицата со оштетен вид, како и за лицата со дислексија. Веднаш штом ја направивме платформата достапна за јавноста и штом почнавме да комуницираме со истата, сфативме дека може да ја користи секој и секаде“, вели тимот на Самоглас.

    Дека дигитализацијата веќе не е само прашање на успех од аспект на годишна оценка и просек, туку и неизбежна потреба, покажале и истражувањата, направени во соработка со Националниот сојуз на слепи лица и Здружението за дислексија „Ајнштајн“.

    Во Македонија има над 2.500 евидентирани лица со визуелни потешкотии, а од над 2000 испитани ученици од прва година, од 15 средни училишта, од 8 региони на РСМ, 12.2% покажуваат знаци на дислексија. Резултатите кои ние ги добивме од спроведената анкета низ средните училишта, ни покажаа дека 80% од средношколците сметаат дека аудио книгите им се потребни. Според нив, за да ја користат платформата најбитно е да има разновидна понуда (82%) и голем избор на лектири (61%), објаснуваат од аудио библиотеката.

    Резултатите на Самоглас се импресивни. За една година имаат повеќе од 8000 корисници, објавено 55 книги, а гласовите ги позајмиле 38 актери. Во соработка со Самоглас, Здружението за дислексија Ајнштајн претходната година го создала и првиот македонски фонт за дислексичари, кој што е имплементиран на платформата, а Здружението за слепи и лица со оштетен вид на Град Скопје учествувало во процесот на креирање на книгите.

    Соработуваат и со Фондација Македоника и годинава планираат поголем заеднички проект, како и со издавачките куќи Бегемот, Антолог, Икона, Темплум, Полица, Феникс. Од бројките се изненадени и самите, и се стремат барем двојно да ги зголемат оваа година.

    „Горди сме што минатата година успеавме да ја креираме мобилната апликација на Самоглас. Истата наскоро ќе биде достапна и на AпГалери за корисниците на Huawei. Годинава ќе работиме на зголемување на бројот на лектири и дела од македонски автори и ќе се обидеме да го разработиме комерцијалниот модел на Самоглас, кој ќе ни дозволи да обработуваме актуални наслови и автори“, вели тимот на Самоглас - Ангела Стојановска, Васко Костовски и Христијан Поп- Симонов.

    За време на пандемијата се зголемил бројот на корисници на сите три дигитални платформи, што јасно укажува на неминовната потреба и се поголемата употреба на дигиталните книги. За време на карантинот, во Книготека се зачлениле повеќе од 20.000 корисници, а за помалку од еден месец бројот на корисници на веб платформата на Самоглас се зголемила за 23 отсто.

    АФИРМАЦИЈА НА МЛАДИ АВТОРИ

    Првите дигитални библиотеки не се соочиле ниту со потешкотии околу регулирањето на авторските права. За книгите на Македоника тие се регулирани со издавачки договори. Секоја книга која е објавена е добиена со претходна согласност од авторот или носителот на авторските права, додека за апликацијата Книготека авторските права ги регулираат издавачите кои се дел од агрегаторот. Базата на бесплатни аудио наслови на Самоглас, пак, започнала со дела кои се дел од јавниот домен т.е. веќе не бараат обезбедување на авторски права од авторот. Од македонските издавачки куќи и преведувачи добивале одобренија за аудио обработка на книгите и нивно бесплатно поставување на платформата.

    „Една од првичните идеи ни беше да дигитализираме учебници. Јасни ни беа придобивките од електронски учебници, меѓутоа уште на самиот почеток го увидовме проблемот со регулирање на авторските права. Ако нив ги поседуваат авторите на учебниците, што е во најголем дел од случаите, тогаш барањето и добивањето на одобренија за креирање на бесплатни аудио изданија од нив е речиси невозможно, особено за здружение како што е нашето. Институциите пак, од друга страна, можат и мора да изнајдат решение за овој проблем“, велат од Самоглас.

    Од особено значење е што овие дигитални платформи активно работат и на афирмирање на млади македонски автори.

    „Во библиотеката на Македоника може да се најдат и преку 300 дела од млади автори, кои се објавени преку реализирање на конкурси за промоција и афирмација на млади автори од сите етнички заедници. Целта на ваквите проекти e да ги охрабри и мотивира сите млади да пишуваат, притоа давајќи им можност нивното творештво да допре до крајниот читател преку новиот и најактуелниот дигитален медиум. На тој начин илјадната читателска публика на е-библиотека има можност да се запознae со нови дела на современи теми и истите да го привлечат вниманието на нова публика“, објаснува Бундалевска.

    На крајот на минатата година, преку конкурсот „Слушни ја својата книга“, и Самоглас ја прошири аудиотеката со дела од Ива Дамјановски, Снежана Стојчевска, Брано Прља и Лидија Димковска, а и годинава планираат да продолжат со обработка на дела од млади македонски автори. За оваа работа ја добија и наградата за младинско учество и придонес во подобрувањето на своите заедници од Националниот младински совет на Македонија во рамки на проектот за граѓански ангажман на USAID.

    Посочените извори велат дека се повеќе млади во Македонија читаат дигитални изданија, како што и во светски рамки печатените книги ја „губат битката“ пред електронските книги, заради низа предности што се нудат.

    „Дигитализацијата сигурно ќе ги модернизира процесите кај нас и ќе ги направи книгите подостапни. Аудио издаваштвото во светски рамки е најбрзорастечки сегмент во дигиталното издаваштвото и има огромен бенефит за менталното здравје. Со оглед на тоа што постои оралната традиција за пренесување на приказни, а во денешно време сме визиуелно стимулирани од сите страни, аудиото ни овозможува да здивнеме од секојдневието. Луѓето кои се подлежни на анксиозност или депресија, тешко можат да ги контролираат негативните мисловни циклуси за да можат да се фокусираат на пишаниот збор, а аудиото, практично само по себе го овозможува тоа. Аудио книгата е интимна форма на изразување предводена од нараторот, ја доближува приказната на магичен начин, помага да се намали стресот и да се зголеми имагинацијата и емпатијата кај младите, но и кај возрасните“, појаснува тимот на Самоглас.

    На сите ни е јасно дека книжниот формат не може да биде заменет, дека мирисот на книгата и допирот на хартијата се непроценливи за читателот. Но, тоа и не е целта. Целта е дигиталните изданија да бидат подостапни и поинтерактивни и попримамливи за користење. Како што писателот ги заменува своите рачно напишани белешки или машината за пишување за што побргу неговата порака да стигне до љубопитниот читател.

    (Тим на Кумановоњус)