Работниците го пријавуваат прекршувањето на нивните права главно преку анонимни пријави

19.09.2021 21:20 | KumanovoNews

 Најголем број на пријави за прекршени работнички права, кои се пријавуваат до Сојузот на синдикати на Македонија се анонимни. Оттаму велат  дека 62 отсто од вкупниот број на пријавени прекршоци  биле доставени како анонимни пријави.

Работниците го пријавуваат прекршувањето на нивните права главно преку анонимни пријави

Овој податок покажува дека работниците се уште се плашат јавно да зборуваат за своите проблеми на работното место или да ги пријават во надлежните институции, што ги потврдува клучните наоди од спроведената анкета на Кумановоњуз за работничките права, на која се осмелија да одговорат само 34 граѓани. Иако во нивните одговори беа евидентни поплаките за  притисоци од страна на  работодавачите и недостоинствениот статус на работникот, само двајца прифатија доброволно да зборуваат за своите проблеми.
        Резултатите на ССМ и Кумановоњуз се идентични и во поглед на видот на прекршувањата на работничките права. 
       Според податоците од апликацијата ССМ – мои работнички права, најголем дел од пријавите биле во врска со платата, прекувремената работа, правото на минимална плата, надоместоци и придонеси од плата.
    „Од податоците може да се види дека најголем број пријави или 61 процент биле во врска со платата, прекувремена работа, правото на минимална плата, надоместоци, додатоци и придонеси од плата. Понатаму, 18 отсто се  во врска со нарушено право на годишен одмор и право на регрес за годишен одмор, 12 отсто се поврзани со промена на договорите за вработување, престанок на работен однос, 5 проценти  се однесуваат на безбедноста и здравјето при работа, а 4 проценти биле во врска со правата на синдикалниот претставник и колективното преговарање“, соопшти Сојузот на синдикати на Македонија.
      И според податоците на Куманово њуз, најголеми проблеми се неплатената дополнителна работа и работата за време на викендите на кои се принудени работниците, понатаму   небезбедните услови за работа, малите плати, привремените договори за работно ангажирање  и заканите за отказ.
„Од вкупниот број испитаници,  56% одговориле дека работат од 8-10 или 12 часа, а некои дури и повеќе, 52,9% работат и за време на викендите, а прекувремената работа не им се плаќа дури на 67,6 отсто. Дури 47,1% одговориле дека газдите сами одредуваат кога и по колку дена одмор ќе им дадат. Регресот за годишен одмор не им се исплатува на  35,3% , а 26,5% го добиваат надоместокот, но мора да го вратат на газдите. Во однос на работните услови, 47, 1 % одговориле дека тие се  задоволителни , а за 23, 5% условите се лоши. Вкупно 20,6% од испитаниците  потенцираат дека  работните услови се небезбедни, а само 8,8% имаат одлични услови за работа“ , покажа анкетата на Куманово њуз.
        Во однос на видот на пријавите пристигнати до ССМ, пак, најголем дел или  63 отсто се жалби, 22 отсто се за прекршоци и 15 отсто се барања.
      „Педесет и девет проценти од пријавите се затворени и по истите веќе е постапено од страна на ССМ или Државниот инспекторат за труд, 29 % од пријавите се во процедура, а 12 % се отворени и за нив се чекаат дополнителни информации од работниците во врска со прекршувањата на нивните права од работен однос“, нагласуваат од ССМ.
        Согласно статистиката од апликацијата „ССМ – мои работнички права“, пријавите се во 87 проценти од вработени, а 13 отсто од нив се од невработени лица или лица на кои им бил прекинат работниот однос.
        Поголемиот дел од испитаниците во анкетата на Куманово њуз, пак, се соочиле со притисоци на работното место, односно околу 60% од нив. Тоа најчесто биле навреди, закани со отказ и  принуда да работат прекувремено и за време на викендите. Но, дури 70,6% од нив не ги пријавиле овие повреди на работничките права. Тоа го направиле само 20,4% , а од нив дури 70,5% немале никаков позитивен ефект. Тие се жалат на неефикасноста на надлежните инспекциски служби и на непреземање на соодветни санкции за работодавачите за непочитување на работничките права
        За таа цел, Сојузот на синдикатите на Македонија, потсетува дека врз основа на предлозите на работниците за потребата од поголема достапност за овозможување бесплатна правна заштита, воведе нова алатка, „ССМ – мои работнички права“ која претставува прва мобилна апликација со која на работниците и граѓаните им се овозможува преку користење на своите мобилни телефони да пријават прекршување на работничките права до ССМ. Апликацијата нуди можност за пријавување на прекршено право за себе и за друго лице, анонимно пријавување, директна комуникација со претставници на ССМ, како и следење на вести и совети од ССМ.

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk