×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Социјалните мрежи „мека“ за социјални измами и за собирање донации на емоции

    09.01.2024 08:16 | Сузана Николиќ

    Социјалните мрежи се преплавени од барањa за донации, често од луѓе со измислени дијагнози или анонимни, за кои подоцна се покажува дека се измами. Лажните баратели на донации, користејќи ги хуманите граѓани, бараат и добиваат помош, која, ако е во облека, завршува на локалните пазари.

    Социјалните мрежи „мека“ за социјални измами и за собирање донации на емоции

     „Самохрана мајка на две малолетни деца има потреба од јакни и чизмички. Доколку некој сака да помогне, нека ме контактира во инбокс. Пишувам анонимно затоа што не сакам децата да се срамат поради нашата сиромаштија“.

    Ова е само една од многуте пораки што можат да се сретнат на социјалните мрежи, а со кои анонимни лица бараат помош за себе или за своите семејства. Дел од овие пораки се вистинити, но повеќето се лажни и имаат за цел да ја изманипулираат јавноста заради добивање помош, која реално и не им е потребна.

    Пораките секогаш се многу емотивни, трогателни, тажни приказни, во кои авторите се претставуваат како самохрани родители со болни или починати деца или жртви на семејно насилство. Со измислена дијагноза, најчесто од неизлечиви болести, тие се мамка за лековерните посетители на групите, особено жените и мајките, кај кои очекуваат да предизвикаат емоции и сожалување за да донираат средства според нивните барања.

    Маре Бојковска од Куманово, која веќе 15 години се занимава со хуманитарна работа, вели дека во овие случаи, свесно не се бара голема сума на пари, туку се работи за симболична донација, како што се јакни, чизмички, детска количка или креветче, новогодишно пакетче или елка – нешто што секој може да го одвои, да го купи или да го подари. Но, проблемот е во количеството на добиената помош.

        „Неодамна имаше случај кога жена бараше јакна. На објавата имаше 98 коментари и таа одговараше на сите 98, која големина на јакна ѝ треба и каде да ѝ ја испратат. Тоа беше толку очигледно дека е измама. Доколку жената беше чесна, по првите две понуди ќе кажеше, благодарам ми се јавија луѓе и веќе ми донираа јакна. Вака, по некоја моја логика и од некое мое искуство, да добиеш речиси 100 јакни, можеш да ги земеш за да ги однесеш и да ги продаваш на тезга на пазар, друго нема“, вели Бојковска.

    Бојковска објаснува дека објавите во принцип секогаш ги прават истите луѓе. Тие пишуваат по сите групи во државата, но ги знаат групите на социјалните мрежи што ги користи дијаспората. Кога ќе бидат откриени на еден профил, создаваат друг и така во круг. Според нејзината проценка, во Куманово има 15-тина такви луѓе, дел од нив и лично ги знае, бидејќи им носела помош, но вели дека тие постојано бараат „нови жртви“.

    Поучена од ваквите искуства, таа вели дека нејзината хуманитарна организација „Да шириме љубов“ (Let`s Spread love), која им помага на децата што живеат во нехумани услови и сиромаштија, води сметка кому му донира, но, и покрај сета внимателност, не успеваат секогаш на „прва“ да ги препознаат манипулаторите.

     

      „Има семејства што примаат социјална помош, а сопрузите им работат во странство и парите ги примаат преку брз трансфер на пари. Имаме семејство, кое има ископано дупка и облеката не ја пере, туку по еднократна употреба ја фрла и ја пали. Во еден случај, се сеќавам дека една жена ни побара креветче и количка, кои вредеа повеќе од 200 евра, а ги продаде за 2.000 денари и пак бараше нови. Доколку дознаваме дека има злоупотреби, а тоа најчесто ни го „шепнуваат“ соседите, ние веднаш ги тргаме од нашиот список “, вели Бојковска.

    За злоупотреба со хуманитарната помош понекогаш придонесуваат и медиумите поради читаност и сензационализам или од недоволна информираност и од невнимание, со тоа што не ги претставуваат реално потребите на семејствата. Тие во фокусот на вниманието ја ставаат материјалната помош, а не комплексноста на проблемите со кои се соочуваат членовите, како што се на пример: нарушени семејни вредности, дисфункционални семејства, семејно насилство, пороци и зависности, на кои треба да се работи, за вистински да му се помогне на семејството.

    Неодамна, во мошне непријатна ситуација се нашол и Александар Ѓоргиевски од здружението „Подај рака, спаси живот“ од Штип, кој по објавената приказна на национална телевизија, организирал акција за реконструкција на куќа на семејство во село, во Кратовско. Откако неколку дена работел на терен, тој видел дека семејството ги има сите услови за нормален живот, но проблемот бил во алкохолизмот на таткото и во недомаќинското однесување на мајката.

        „Семејството има 20.000 денари социјална помош, има 9 крави, 40 кокошки, свиња, трактор, култиватор, дрва од шумата, може многу добро да живее од својот труд. Но, наместо да се грижи за семејството, таткото е постојано во алкохолизирана состојба, а мајката мрзелива. Куќата им е распадната, валкана и без елементарни услови за живот, затоа што тој по цел ден не се трезни. Се сожаливме за децата, посебно за едното, кое е болно од аутизам, па се нафативме да помогнеме. Почнавме да ја реновираме куќата и 10 дена работевме, три соби поправивме, но бевме секојдневно напаѓани од агресивниот татко и не можевме повеќе да ја гледаме немарноста на дел од членовите на семејството, поради што ја прекинавме акцијата“, вели Ѓоргиевски за „Јасно“.

    Александар вели дека во семејството стигнала храна за да се нахрани цела источна Македонија. Се наполниле три подруми со донации, кои во најголем дел се прехранбени производи со ограничен рок на траење, кои ќе се расипат и ќе се фрлат, но и облека и постелнина, кои тие немаат каде да ги користат.

        „Детето доби преку 100 пара патики. Добија едни исти работи по којзнае колку пати. Луѓето што донираа, доаѓаа од сите градови, носеа сериозни донации во пари, храна, хигиенски средства, облека и телефони. Дополнително, имаше и уплата на сметката. Од сета помош, на децата нема да им биде подобро. Парите пак ќе отидат на алкохол. Затоа институциите треба да преземат нешто за да не се прават вакви пропусти и да се спречи злоупотребата“, повикува Александар Ѓоргиевски.

    Тој го пријавил случајот во локалната самоуправа во Кратово, која ги известила и надлежните социјални служби, па очекува дека децата ќе се заштитат од неодговорните родители.

    На оваа сторија во Кратовско реагираше и јутјуберот Стефан Лазаров, кој направи неколку емисии, разоткривајќи лажни барања на хуманитарна помош од семејства во Прилеп, Велес и во други места. 

    За да се спречат ваквите појави, активистите сметаат дека треба да се направи координација меѓу здруженијата и граѓаните, правилно да се распореди хуманитарната помош. Наместо секој поединечно и на своја рака да донира откако ќе се појави некоја објава на социјалните мрежи и во медиумите, прво треба да се направи увид на терен дали таа е веродостојна и да се провери во социјалните служби.

    Со ова се согласува и директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Куманово, Александра Арсовска, која вели дека лицата што бараат хуманитарна помош преку социјалните мрежи, медиумите и невладини организации, главно се од семејства, кои веќе ги користат правата на социјална помош, како гарантирана минимална помош, детска заштита, детски додаток, образовен додаток, посебен додаток за лицата со попреченост или еднократна парична помош, и затоа треба да се внимава дали на ваквите семејства им се помага на овој начин.

        „Ние алармираме и апелираме секогаш кога ќе се појават вакви лица, медиумите и невладините организации, за да имаат комплетна слика, да соработуваат со нас. Ние ги имаме сите сознанија за состојбата на семејството, со што му е помогнато од државата и кои права на социјална заштита ги користи, како и од аспект на работоспособност, сѐ со цел да се избегне злоупотреба на одредени средства. Со една ваква заемна соработка може да се направи проценка дали на тоа семејство навистина му се потребни донации, хуманитарна помош и колку честа таа треба да биде“, вели Арсовска.

    Директорката на Центарот за социјална работа во Куманово додава дека има одредени семејства, кои се во социјален ризик, не по своја вина, пред сѐ поради болест, меѓутоа има и такви што самите ја создаваат состојбата во која се наоѓаат, бидејќи не сакаат да работат.

        „Многу често се прави лоша услуга, со донација на средства, корисниците мислат дека на тој начин ќе обезбедуваат средства и не сакаат да се вработуваат, поради користење и злоупотреба на одредени финансиски средства, кои им пристигнуваат како хуманитарна помош. Сепак, има семејства на кои им е потребна привремена помош, меѓутоа тоа треба да биде наменски и во одреден момент, а не долгорочно. Тогаш ќе прифатат институциите да им помогнат и да не бидат зависни од државата или од хуманитарна помош“, додава Арсовска.

    Полициската статистика покажува дека се поднесени кривични пријави против луѓе, кои на социјалните мрежи објавувале огласи за работа и посредување во странство, за посредување документи, и на тој начин, со барање пари однапред, направиле измами тешки и по десетина илјади евра.

    (Текстот е преземен од порталот јасно.мк)