×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • ВИДЕО: Жените од Гиновци, чувари на традицијата и достоинството

    10.08.2024 09:55 | Жаклина Цветковска

    Сред плодната рамница на Славишко Поле, во селото Гиновци, еден уникатен и автентичен процес, кој се уште е „жив“, ја раскажува приказната за макотрпната женска работа, сила и посветеност.

     Жените од Гиновци не само што ја продолжуваат традицијата за рачна изработка на подници, туку ја создаваат со свои раце и со душа, покажувајќи како женскиот труд и креативност може да го сочуваат културното наследство.

    Гиновци е едно од ретките места каде се зачувала традицијата на изработка на подници, земјен сад во форма на тепсија што случи за печење леб или како што ги нарекуваат овде „црепњи“. Ова е исклучиво „женски занает“, бидејќи во него не учествуваат мажите. Жените велат така е затоа што тоа е „тврда“ работа за која мажите немаат трпение, вештина и толку време.

    Снежанка Додевска, позната како Жана, и Славица Давидовска се главните мајсторици кои го наследиле „марифетлукот“ за правење подници од своите мајки и кои го пренесуваат на новите генерации. Порано обичај било подниците да се прават за празникот Еремија, но денес ги прават по потреба, кога одговара времето и во зависност од побарувачката.

    Од раните утрински часови до доцна во ноќта, овие жени посветено работат на создавање на подниците. Процесот е долг и напорен, започнува од 7 часот наутро и трае до полноќ. Основата на правењето подници е земја црвеница и тоа не било каква , туку глинеста. Велат ја има на многу места во Гиновци. Ја собираат, ја носат на местото каде ќе ја обработуваат и најпрвин ја просејуваат и прочистуваат. Потоа, земјата се меша со вода, слама и волна. Најдобра е велат козја волна (козина), која ја купувале, чешлале, миеле, влачеле , пределе и ја мешале со црвеницата. Тајната на цврстата подница, всушност, е во волната и сламата кои ја штитат од пукање. Потоа, така подготвената земја се гази седум до девет пати.

    „Почнуваме со разгазување на земјата, па ја собираме на купчиња, односно топчиња. Потоа, едно по едно топче се удираат од земја, пак се ставаат сите на куп и пак се разгазуваат. И така 7-9 пати, разгазуваш, правиш топчиња, пак сите на куп, пак газиш...“, ја објаснуваат постапката Жана и Славица.

    На крајот од целата постапка прават големи топки со рака и рачно ги обликуваат подниците. Потоа, ги сушат во подрум на ладовина и на промаја, зашто на сонце пукаат. Процесот на сушење трае околи 3 недели по што се спремни за користење.

    Жана има 64 години, а почнала да „гази“ црепњи уште од девојче, од 15 години. Ја научила мајка ѝ. Порано сите во селото правеле подници, тогаш имало домашно жито, секој сеел, жнеел и се печел леп во црепња. Сега, пак, обично се собираат по три жени и прават подници една кај друга.

    „Еве, веќе 20 години газам црепњи со жени од селото и си ги продавам во Германија, Швајцарија, и сега имам многу таксано, се јавуваат на телефон и бараат, си земаат. Една подница е 1.500 денари. Од тоа си заработувам , немам други приходи. Децата ми даваат, но не сакам да сум им товар. Додека можам ќе правам црепњи“, вели Жана, која работи и во својата бавча и сади од се по малку, но има богат род.

    И 55-годишната Славица редовно учествува во изработката на подници, а занаетот го пренела и на својата внучка, 6-годишната Дариа, која гази црепњи „барабар“ со постарите мајсторици.

    „Традицијата ја пренесуваме на помладите, така што тие ја продолжуваат и негуваат.Тоа ни е многу важно, зашто ова е наша земја, наша особеност и женска работа“, вели Славица. Овие вредни жени, велат дека процесот од цвеница до подница е многу макотрпен и тежок. Цел ден се на нозе и не е лесно да се развлекува и разгазува црвеницата, а кога ќе дојде време за обликување на подницата од рацете крв им тече.

    „Велат од земја пари не се земале, ама рацете ни се „изедени“, крв тече од нив. Ова не се прави со ракавици, се е рачно и природно“, објаснуваат Жана и Славица.

    Подници научила да прави и 36-годишната Кика Стојческа од Скопје, која е мажена во Гиновци. Овие жени ја навлекле на „занаетот“, а денес им е и главна промоторка на социјалните мрежи и им го води маркетингот. Воедно, таа е и регистрирана земјоделка со сертификат за органско проиводство на мед и одгледува околу 100 кошници пчели.

    “Кога еднаш ќе пробаш каков е вкусот на лебот и зелникот, ќе научиш и подници да правиш и во подница да ги печеш“, вели Кика.

    Taa објаснува дека најпрвин се загрева црепњата на оган. Вели се прска малку водичка одоздола на подницата и ако прави меурчиња значи е загреана. Потоа се става зелникот или лебот во неа, а одозгора се поклопува со вршникот на кој, пак, се става врела пепел или жар. Оваа млада домаќинка и земјоделка не само што ја прифаќа и негува традиуцијата на жените од Гиновци, туку ја следи и технологијата, па така креира и постира објави за ракотворбите на руралните жени и раководи со онлајн продажбата и продажбата на клиенти од другите градови. Воедно, ги рекламира сопствените производи, но и производите на останатите земјоделци од Гиновци.

    „Мора да сфатиме дека навиките и животните стилови се менуваат и треба да се прилагодиме на нив. Затоа, јас им помагам да создадеме заедничка база на понуда, која ќе биде достапна до заинтересираните клиенти и по која луѓето ќе не препознаваат за да го развиваме руралниот бизнис“, вели Кика.

    Иако, соговорничките велат дека статусот на жената во рурална средина не е како порно и дека сега таа знае да се избори за свој став и е многу похрабра и решителна, сепак се сложуваат дека во однос на мажите се дискриминирани и обесправени. Можностите за вработување се помали отколку за мажите, работата им е потешка и помалку платена, а ретко која од нив е сопственичка на имот. Но, некој како Кика, Жана или Славица, во секоја ситуација знае да си го пронајде своето место, да се поврзе со заедницата и да биде достоинствена рурална жена.

    Така, изработката на подници за овие жени не е само техничка работа, туку содржи и емоционален и културен елемент, кој се пренесува на следните генерации. Тие ја чуваат вредноста на традицијата , прилагодувајќи се на современите текови на животот.

    ВИДЕО: Жените од Гиновци, чувари на традицијата и достоинството