Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Не постои никаков план и заговор за присилна вакцинација на децата и нивно труење со вакцини, како што се тврди во Фејсбук објавата што ја рецензираме, ширејќи вознемирувачки пораки и потткнувајќи паника кај родителите. Имунизацијата за младите од 12-18 години се спроведува единствено по претходна пријава, со согласност од родител и во вакциналните пунктови, а за децата под 12 години засега не се препорачува ниту една вакцина против ковид-19
Објава на Фејсбук шири вознемирувачки пораки за присилна вакцинација на учениците и нивно „жртвување“ без знаење на родителите, поттикнувајќи страв и паника, но и недоверба во институциите и програмата за вакцинација. Во оваа манипулативна објава се инсинуира постоење на „завера“ од страна на државата, со која се планира загрозување на здравјето на децата, што е целосна невистина.
Ќе дојдат ненајавено, со силно полициско обезбедување, како атентатори и децата силум ќе ви ги вакцинираат на препад, ги предупредува родителите авторот на објавата.
Ова тврдење е неточно и бесмислено, а авторот воопшто не го познава правниот систем и процесот на имунизација. Или, пак, е приврзаник на онлајн настава за учениците, а не со физичко присуство и на суптилно прикриен начин го прокламира својот став.
Прво, вакцините во државата не се задолжителни, туку доброволни, иако здравствените власти повикуваат на масовна имунизација, вклучително и на младите, по зголемувањето на бројот на заболени и смртни случаи кај оваа група од популацијата.
Тоа постојано го повторува и министерот за здравство Венко Филипче, кој истакнува дека иако некои земји го воведуваат вакцинирањето на децата против ковид-19 како задолжително и нема да ги примаат невакцинираните деца на училиште, тоа во земјава нема да се случи.
Второ, засега нема никаде вакцинација на деца под 12 години. „Фајзер“ сè уште работи на клинички испитувања на групите од 5 до 11 години и од 6 месеци до 5 години, а во тек се истражувања и од страна на „Модерна“. Во овој момент, вакцините се достапни само за малолетници од 12-18 години, кои претходно треба да бидат пријавени преку системот за вакцинација и се аплицираат исклучиво на вакциналните пунктови. Засега нема најава за организирано вакцинирање во училиштата, што значи дека со објавата се шират лажни и неточни информации.
И трето, за вакцинација на малолетни лица, вклучително и за вакцината против ковид-19, неопходна е согласност од родител, што значи дека никој не може „силум“, како што пишува во објавата, да вакцинира малолетни ученици, а најмалку здравствените и полициски власти задолжени за почитување на прописите и законите.
Авторот на објавата не застанува тука со ширењето на невистини, туку продолжува со уште повознемирувачки пораки до родителите:
Дечињата ко кротки јагниња сите ќе ви ги испотрујат. А учителите само ќе кажат така ни наредија. Молчете родители со вашиот кукавичлук сопствените ви деца курбан ги жртвувате…
Труење на децата нема, а најмалку од вакцини. Со досегашните пронајдени вакцини против многу болести, спречени се голем број на епидемии и искоренети се опасни заразни болести, со што се спасени и се спасуваат многу животи. Здравствените експерти, пак, постојано упатуваат на придобивките и безбедноста на вакцините, наспроти огромните ризици од корона вирусот.
Во светот, како и во нашата држава, малолетниците од 12-18 години се вакцинираат со вакцината на Фајзер, која неодамна доби и одобрение за целосна употреба од Агенцијата за храна и лекови на САД (ФДА) за лица над 16 години. Паралелно, продолжува да биде достапна под авторизација за итни случаи (ЕУА) и за поединци од 12 до 15 години. Вакцината покажала 100% ефикасност во клиничко испитување со учесниците од оваа возрасна група и била добро поднесена. Европската агенција за лекови (ЕМА), пак, од скоро ја одобри и употребата на вакцината „Модерна“ за деца на возраст меѓу 12 и 17 години.
Одобрувањето на оваа вакцина (Фајзер) е пресвртница додека продолжуваме да се бориме со пандемијата на ковид-19. Додека оваа и други вакцини ги имаат исполнето ригорозните, научните стандарди за авторизација за итна употреба, како прва вакцина против ковид-19 одобрена од ФДА, јавноста може да биде уверена дека оваа вакцина ги исполнува високите стандарди за безбедност, ефективност и квалитет на производството и ги исполнува барањата за одобрување на ФДА, објави комесарот на ФДА, Џенет Вудкок.
И Центарот за контрола на болести (CDC) препорачува дека секој од 12 години и повеќе треба да добие вакцина ковид-19 за да се заштити од вирусот, бидејќи масовната вакцинација е клучна алатка за да се запре пандемијата и да се создадат услови за колективен имунитет. Исто така, и UNICEF апелира дека вакцините се од пресудна важност за да се стави пандемијата под контрола.
Овие факти потврдуваат дека во никој случај не може да стане збор за труење на децата со вакцини, како што се имплицира во објавата што ја рецензираме.
Ваквите антивакцинални ставови беа актуелни и пред две години при епидемијата со морбили, кога многу родители се спротивставија на одлуката на Владата децата да не можат да посетуваат настава, доколку ги немаат примено задолжителните вакцини. На реакциите на родителите, нивните тужби и претставки, и Уставниот суд на РСМ, и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација констатираа дека оваа одлука не претставува дискриминација врз било каква основа и дека не е во спротивност со Законот за основно образование.
Очигледни се фактите дека вакцината за децата ниту е присилна, ниту тајно се спроведува или служи за труење на учениците, заради што објавата ја оценуваме за лажна и манипулативна, која ја поткопува борбата против вакцинацијата и заштитата на здравјето на младата популација. Вакцините се безбедни и ефикасни и неопходна е масовна имунизација за спречување на тешки случаи и смртни исходи, особено кај младите.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар