Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во земјата не се укинува донирањето крвна плазма, вели директорот на Институтот за трансфузиона медицина, доктор Садула Усеини, кој нагласува дека се користи крвна плазма со највисок титар на антитела од прележани пациенти. Дарителите на конвалесцентна плазма може да донираат минимум 28 дена по повлекувањето на сите симптоми од болеста
Фото: commons.wikimedia.org
Пишува: Мирослава Бурнс
Крвната плазма од пациентите кои прележале ковид-19, повеќе од година и половина претставува еден од методите со кои се прави обид да се спасат животите на другите заразени. Меѓутоа, неодамнешното соопштение на Светската здравствена организација, сугерира можна промена на овој начин на лекување. Во своето обновено упатство за ковид терапии од 7 декември 2021 година, СЗО препорачува за лесни ковид пациенти, крвната конвалесцентна плазма да не се користи, додека таа треба да продолжи да се употребува само во рамките на клинички тестирања за тешки и критични пациенти со ковид-19.
Конвалесцентната плазма е трансфузија од крвна плазма од некој што се опоравил од ковид-19. Моменталните докази покажуваат дека конвалесцентната плазма не ги подобрува стапките на преживување и не ја намалува потребата за користење респиратори, а од друга страна чини значителни суми пари. Независен панел од експерти односно групата за развој на препораки за лекување, разгледа податоци од 16 рандомизирани контролирани студии во кои биле вклучени 16.236 пациенти со лесна, тешка и критична ковид инфекција. Со сигурност беше потврдено дека крвната плазма нема бенефит за лесните пациенти, не беше така во случајот со тешките и критичните пациенти. Така што, рандомизираните клинички студии за овие подгрупи треба да продолжат, се вели во соопштението на СЗО.
Во Република Северна Македонија, земањето крвна плазма од прележани ковид пациенти која ќе се дава по индикација кај заболените и хоспитализирани пациенти, ќе продолжи. Директорот на Институтот за трансфузиона медицина, доктор Садула Усеини за „Вистиномер“ вели дека Институтот за трансфузиона медицина ги следи препораките на релевантни тела од медицинската област, како ААББ и Европскиот директорат за квалитет.
Досега праксата во земјата, според доктор Усеини, била да се користи крвна плазма со највисок титар на антитела од прележаните пациенти. Инстиутот за трансфузиона медицина не е надлежен да ги следи резултатите од употребата на плазмата кај пациентите, но има случаи каде таа помогнала, кои што беа и јавно прикажувани заедно со апелите да се донира конвалесцентна плазма.
Во земјата не се укинува донирањето крвна плазма, бидејќи ние имаме релевантни тела чии препораки ги следиме. Имаме и залихи. Користиме дијагностика која е врв во медицината и крвна плазма со највисок титар на антитела, ни рече доктор Усеини.
Од Министерството за здравство за „Вистиномер“ велат дека крвната плазма подолг период не се користи во рутинско третирање на пациенти со ковид-19. Сепак, еднаш или двапати неделно, некоја клиника го бара овој крвен продукт од Институтот за трансфузиона медицина. Од наши извори на Институтот за трансфузиона медицина кои не сакаат да им се открива идентитетот, дознаваме дека имало случаи кога пациентите веќе еден ден по аплицирање на крвната плазма, почнале да манифестираат намалени симптоми на ковид-19. Но, ова не е генерално правило, како што не е впрочем генерално правило ништо во врска со ковид-19 и третманот на оваа инфекција.
Излекуваните пациенти од коронавирусот можат да даруваат крвна плазма. Тие треба да се пријават преку електронскиот формулар на веб-страницата на Институтот за трансфузиона медицина.
Конвалесцентна плазма може да дарува лице кое има оздравено од инфекција ковид-19, ако ги исполнува стандардните услови за дарување на крв и дополнителните критериуми. Треба да имaат документиран лабораториски доказ дека биле болни од ковид-19, дијагностички тест позитивен RT-PCR тест или позитивен тест за анти – SARS-CoV-2 антитела, без разлика дали имале симптоми или биле асимптоматски, или пак да имаат позитивен серолошки тест за анти – SARS-CoV-2 антитела по оздравување (IgG), доколку не било спроведено дијагностичко тестирање. Дарителите на конвалесцентна плазма може да донираат минимум 28 дена по повлекувањето на сите симптоми. Може да донираат машки дарители или женски дарители кои не раѓале, или пак, се негативни на НLA антитела. Сите треба да потпишат информативна согласност за дарување.
Постапка за дарување на плазма се вика плазмафереза и се изведува со високо софистициран клеточен сепаратор. Постапката трае од 40 до 60 минути и се издвојува од 300 до 600 мл плазма, а останатите компонетни се враќат на донорот. Плазмата која е дарувана е течниот дел на крвта кој брзо се надоместува. Дарител може да биде лице на возраст од 18 до 60 години со телесна тежина поголема од 55 килограми кој ги исполнува горенаведените критериуми. Пред дарувањето се вршат и неопходните лабораториски испитувања како крвна слика, биохемиски анализи, крвна група со скрининг на антитела и така натаму.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар