Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Речиси две години во ковид пандемијата светот се бори со заразата како знае и умее. Здравствените власти ширум светот од почетокот на пандемијата и без постоење на вакцина, се најдоа пред голем предизвик: Како да го третираат коронавирусот?
Фото: pixabay.com
Пишува: Мирослава Бурнс
Набрзо стана јасно дека специфичен лек нема, а дека сите лекарства кои се користат и во домашни и во болнички услови, се само за ублажување на симптомите на коронавирусот, кои кај различни луѓе се манифестираа на различен начин. Некои ја поминуваа инфекцијата со вирусот со лесни симптоми и без последици, а други завршуваа в болница и со постковид комликации кои траат и со месеци и за кои е потребна рехабилитација.
Во сите болници ја има целата терапија, скапиот лек „Ремдесивир“ којшто го набавивме уште за време на претходниот бран е насекаде дистрибуиран и во сите ковид центри го има, рече Филипче во август 2021 година.
Лекот „Молнупиравир“ е во форма на таблета и може да го примаат сите пациенти кои се позитивни на ковид-19. Лекот се дава во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот, а досегашните клинички испитувања покажуваат дека хоспитализацијата со овој лек е намалена за 50 проценти. Министерството за здравство укажува дека лекот и вакцината против ковид-19 не може да се споредуваат. Вакцините против коронавирусот спречуваат тешка форма на болеста, компликации при хоспитализација или смртен исход. Вирусот ковид-19 брзо мутира и најголема ефикасност даваат вакцините, а целта е постигање на колективен имунитет, како би се заштитиле од новите соеви на SarsCoV2, информираа оттаму.
Овој лек кој моментално не е авторизиран во ЕУ, може да се користи за да се третираат возрасни со ковид-19 кои не се на кислородна поддршка и кои се во највисок ризик да развијат сериозен ковид-19. Молнупиравир треба да се администрира што порано откако ќе се дијагностицира ковид 19, и 5 дена по појавата на симптомите. Капсулите треба да се земаат двапати дневно во времетраење од 5 дена, се вели на страницата на ЕМА.
Уште на почетокот од ковид пандемијата, кога немаше вакцини, крвната плазма од прележаните пациенти им се даваше на некои од заболените. Логиката за ова беше дека антителата кои ги создава организмот со прележување, може да му помогнат на болниот пациент. Формуларот за донирање може да го погледнете на следниот линк.
До средината на 2021 година, со крвна плазма третирани во земјава биле 1.431 ковид пациент, соопштија од Институтот за трансфузиона медицина.
Со ваквиот највисок чин на хуманост, граѓаните кои се оздравени имаат можност да им помогнат на тие кои во моментот се борат со корона-вирусот. Преку даруваната конвалесцентна плазма, антителата на оздравените пациенти се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со ковид-19, посочуваат од Институтот.
Дарителот на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека бил болен од ковид-19 и да биде барем 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест дека нема присуство на вирус.
Во јануари оваа година лекот „Ивермектин“ стаса во Р. Северна Македонија, а во државата беше донесен со интервентен увоз. На 12 јануари од Министерството за здравство ја информираа јавноста дека лекот „Ивермектин“ е достапен за граѓаните во аптеките по цена од 299 денари.
Овој лек може да се зема само со лекарски рецепт од матичен лекар или лекар специјалист. Истиот може да се употребува во домашно и болничко лекување, и да се земе превентивно, исклучиво со лекарска препорака, доколку лице било во контакт со ковид позитивен.
Повеќе клинички студии кои ја евалуираат ефикасноста на „Ивермектин“ кај пациенти со ковид-19 се во тек и/или нивните крајни резултати сè уште не се публикувани во научни списанија, но прелиминарните резултати сугерираат дека „Ивермектин“ има поволен ефект во профилакса на ковид-19 кај експонирани лица, како и во терапија на пациенти со лесна, средно-тешка и тешка клиничка слика, соппштија од Министерството за здравство.
Наредниот ден, на 13 јануари Министерството за здравство информираше дека стручниот колегиум за ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија и Ковид-19 центрите при интернистичкиот блок, изготвиле мислење за употребата на лекот „Ивермектин“ кај пациенти со ковид-19.Тогаш беше соопштено дека „Ивермектинот“ не е на позитивната листа на лекови кои потпаѓаат на товар на ФЗО РСМ, а согласно Решението на МАЛМЕД, истиот лек се издава исклучиво на рецепт и се применуваат одредбите за издавање на розев рецепт.
Министерството за здравство потенцира дека „Ивермектинот“ е антипаразитски лек со широк спектар на делување, неговата примена треба да биде исклучиво под лекарски надзор без разлика дали станува збор за домашно лекување или хоспитализација. Апелираме граѓаните на своја рака да не го пијат лекот „Ивермектин“, бидејќи единствено лекар може да утврди дали постојат индикации за користење на лекот и доколку постојат во која доза и во комбинација со кои други лекови може да се користи Ивермектинот, известија оттаму.
Но, иако се употребува во повеќе земји, ставовите за ефикасноста на овој лек во битката со коронависрусот се поделени.
За напомена е дека сите овие лекарства, дадоа свој придонес во борбата против пандемијата, особено кога вакцините не беа развиени. Сега за превенција од тешка форма на болеста и смртен исход, медицинските власти ширум светот препорачувааат вакцинација, којашто е најефикасното оружје не само за индивидуална заштита, туку и колективен имунитет и заедничко здравје во сите општества.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар