×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Ковид: две години подоцна – Кои се пропустите од кои треба да се учи?

    28.12.2021 08:36 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    На научната дискусија насловена „Ковид: две години подоцна“ која се одржа на 22 декември, повеќе медицински експерти укажаа на тоа дека државата сè уште има висока стапка на смртност, додека во соседството таа опаѓа. Според нив, за да се поправи оваа лоша слика треба да има унифицирани протоколи за лекување

    Ковид: две години подоцна – Кои се пропустите од кои треба да се учи? Фото: Принтскрин

    Пишува: Мирослава Бурнс
     

     

    Медицински професионалци деновиве искажаа свои гледишта за тоа кои пропусти во справувањето со пандемијата се направени во земјава во изминативе две години, како и причините за појавата на теориите на заговор и високата смртност во државата. Панелисти на јавната научна дискусија С(ц)иеста, беа тројца професори од Медицинскиот факултет во Скопје, проф. д-р Никола Пановски, специјалист по медицинска микробиологија, проф. д-р Драган Даниловски, специјалист по епидемиологија и проф. д-р Елисавета Стикова, специјалист по медицина на труд. Дискусијата ја модерираше д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и истражувач на Институтот Каролинска во Стокхолм.

    На јавната  дискусија професорите укажаа на тоа дека државата сé уште има висока стапка на смртност, додека во соседството таа паѓа поради успешното во лекувањето. За да се поправи ова и во иднина да се учи од искуствата, треба да има унифицирани протоколи за лекување.

    Професорот Пановски ги сумираше дел од пропустите во политиките и мерките со кои земјава се справуваше со ковид пандемијата. Тој најмногу е разочаран од професионалните здруженија, кои не поддржале и не промовирале општо познати тези, како на пример, дека вирус не се лекува со антибиотик, како и тоа дека сертификатот за прележан ковид, не би требало да важи само 45 дена – како што е во државата, туку барем девет месеци – како што е во странство, па дури и подолго.

    Гледано ретроспективно, доктор Пановски наброја повеќе проблематични пристапи за тоа како државата се справуваше со ковид-19 изминатите две години.

    Нечуено е да не потпишете договор со приватните лаборатории за ПЦР тестови 2 години. Поважно беше да се збогатат приватните болници. Понатаму, имаше мерка за која студент би паднал на испит, а тоа беше дека мора да се носи маска на нива, а во кафеана да треба да се извади. Ако носите мерки дека на нива треба да се носат скафандери, тогаш нормално дека ќе имате граѓани кои ќе веруваат дека не прскаат со авиони.
    Имаше катастрофа во Тетово која можеше да се избегне. Требаше само да нè послушаат и да не дозволуваат организација на свадби.
    Сега гледаме дека партија која не кажала ниту збор во пандемијата, го презема здравството во ек на пандемија.
    Препишувани беа забранети дози на Сумамед. Препишан е на 40 илјади осигуреници, а имаме 15 илјади пациенти.
    Наместо на телевизија да оди по стопати реклама за простата, требаше да се презентираат научни факти и едукација зошто вакцината е потребна. Место тие факти, од власта имавме само излитен став ,,вакцината е спас”. Од друга страна, го игнорираат природно стекнатиот имунитет, рече доктор Пановски.
    Според него и меѓу вакциналните фанатици и меѓу антиваксерите, има исплашени и збунети граѓани.
    Кога немаше вакцини, нашите граѓани масовно одеа да се вакцинираат во Србија. Кога почнаа да ја тераат кампањата без факти, тогаш се намали интересот.
    Што се однесува до омикрон, некој вика дека е двапати позаразен, некој шест пати, некој 70 пати позаразен. Досега немало 70 пати позаразен вирус. Тоа би значело дека ако некој кивне во влез на приземје, тој на шести кат ќе добие ковид. Тоа би значело и крај на пандемијата зашто 80 проценти од работоспособното население би се заразило и за шест месеци би требало омикрон да се прошири во цел свет. Само што не знаеме какви ќе бидат последиците. Најмалку петпати би требало омикрон да е позаразен, тоа е пореално, рече доктор Пановски.

    Сите тројца доктори, и Пановски и Даниловски и Стикова, се согласија дека не би требало децата да се вакцинираат за да ги заштитат возрасните, туку треба да е обратно. За докторите тенденцијата да се вакцинираат деца од 2 до 5 години е неприфатлива.

    Не можам да сфатам во што е брзањето да се вакцинираат децата. Нека почекаат пет години, да се види дали вакцините имаат одложени дејствија. Ако кај мене се појават такви дејствија за 15 години, ќе бидам благодарен што сум доживеал да ги видам, но за децата е поинаку, рече Пановски.

    Пановски овде го посочи проблемот дека во училишните клупи не се почитуваат протоколите, децата седат по три во клупа, како и тоа дека тестирање им се закажува доцна, после 7 дена од појавата на симптомите.

    И доктор Даниловски се осврна на вакцинацијата на децата и рече дека би требало да се вакцинираат имунодефицитарните деца, но за другите да се почека.

    Тој смета дека со голема веројатност имунитет што е постигнат во земјава, ќе доведе до тоа дури и во јануари да има зголемен број новоинфицирани, сепак да нема катастрофални преполнувања на болниците.

    Доктор Даниловски потсети дека на почетокот на пандемијата, кога се појавуваа првите случаи во Кина и Италија, се појави еден вид на негирање на опасноста. Потоа тоа негирање прерасна во индивидуализам, наместо заедништвото како примарен мотив во животот.

    Сè додека не се освестиме дека треба солидарност на глобално ниво, ќе се влечкаме и со омикрон и со мегатрон и со уште други работи, посочи доктор Даниловски.
    Тој додаде дека постоеше неконзистентност во мерките, препораките и изјавите кои требаше исклучиво научно да се формулираат. На сето тоа и вакцините брзо беа создадени што ги активираше теориите на заговор, поддржани некогаш и од научници мотивирани од лукративни причини.
    Како планета не успеавме да изведеме блицкриг удар на вирусот со рамномерно вакцинирање на цеиот свет, рече доктор Даниловски.
    Професорката Стикова, истакна дека изминатиот период во пандемијата, во фелата и во државата воопшто постоеше неконсеквентност која доведе до недоверба во институциите и им даде ветер во грбот на теоретичарите на заговор.
    Сите наши мерки кои пред две години ги почитувавме, сега ги разблаживме. Многу голем проблем е што професионалците немаат план за раположливи капацитети и хоспитален одговор на ковид. По случајот Тетово се затворија модуларните болници и во таа смисла заложба е да одговориме на зголемените потреби. Треба да се вакцинираат сите здравствени работници.
    Во овој момент вакцинацијата на децата е непотребна. Сметам дека треба да ги заштитиме старите и возрасните и да почекаме какви ќе се искуствата.
    Зошто една година починатите ги закопувавме во лимени сандаци? Сите надлежни рекоа дека не бил нивно таквото барање и дека не е на сила. Но, цела година граѓаните даваа пари за дополнителни лимени сандаци. Кој ќе им ги врати парите, праша доктор Стикова.
    Таа додаде дека е загрижувачки да се биде шеста земја во светот по смртност .
    Каде сме сега? Во истата ситуација како и пред две години. Имаме омикрон, но немаме многу работи со кои може да се пофалиме дека добро ги етаблиравме. Немаме ресурси и протоколи. Не направивме проценка на ризик на професионалците. Изготвивме многу алатки за заштита на работниците во време на пандемија, властите не нè послушаа. Тие што се заразија на работа имаат куп права според европските конвенции кои земјава ги ратификувала. Зборуваме за 700 илјади работоспособно население. Овие конвенции се над законите.
    Според европскиот вакцинален сертификат, кога треба да одиме во странство да патуваме, сертификатот ни важи 9 месеци. Дома во земјава, ни важи 45 дена. Тоа е апсурд, вели доктор Стикова.

     

     

     


    Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар