Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Не е вистина дека со прекинувањето на испраќање статистика за смртност од болниците до Одделот за здравство и социјални услуги на САД, настапил некаков крај на ковид-пандемијата. Напротив, омикрон варијантата е најдоминантна во САД и галопира. Тоа што една државна агенција веќе не бара да ѝ се доставуваат извештаи за болничка смртност од ковид-19, не значи дека таква евиденција не се води или дека не се доставува до Центарот за контрола и превенција на болести
Фото: pixabay.com
Рецензираме пост на Фејсбук во кој се вели дека е дојден крајот на пандемијата со коронавирусот во Америка, бидејќи веќе нема да се бројат случаите на починати од Ковид-19. Објавата се темели на текст објавен на веб-страницата Коловрт.
Одделот за здравство и социјални услуги на САД нема веќе да бара од болниците да ги пријавуваат дневните смртни случаи во оваа агенција, според соопштението што го објавија на нивната веб страница на 6 јануари 2022 година.
Но, Центарот за контрола и превенција на болести на САД и понатаму бара од болниците да доставуваат дневни извештаи за починатите.
Ова е погрешно. Дневните бројки на починати кои ги следи јавноста, на пример оние кои ги објавува Њујорк Тајмс, не се базираат на податоци од Одделот за здравство и социјални услуги на САД, туку на бројки од Центарот за контрола и превенција на болести и од локални и државни здравствени авторитети добиени директно. И понатаму ќе ги гледаме истите бројки и статистики објавувани досега, вели Ерин Кисан, основач на проектот на Атлантик за следење на Ковид-19.
Според она што Њујорк Тајмс го наведува како извор на нивните дневни статистики на починати од Ковид-19, тоа се ,,локални и државни здравствени агенции”.
Портпаролката на Њујорк Тајмс Даниеле Роудс за Инсајдер вели дека податоците за смртните случаи што ги објавува реномираниот весник не се базираат на податоци и статистики од Одделот за здравство и социјални услуги на САД (HHS). Оттаму, Њујорк Тајмс само презема податоци за хоспитализирани и достапни кревети на интензивна нега.
Нашиот тим ги собира податоците за смртните случаи на државно и локално ниво и од Центарот за контрола и превенција на болести кој уште бара владите во секоја држава да пријавуваат колку смртни случаи имале, вели Роудс за Инсајдер.
Џастин Фелдмен, епидемиолог од Универзитетот Харвард, на Твитер напиша дека промените во тоа што HHS веќе не бара да се пријавува смртноста, не значи дека ќе го афектираат бројот на смртни случаи што јавноста секојдневно го гледа. Според него, смртните случаи главно се регистрираат кога ќе се достави извештај до канцеларијата за статистика на секоја држава во САД, а потоа оваа канцеларија им ги соопштува збирните бројки на Центарот за контрола и превенција на болести, на медиумите и на некои јавни сајтови.
Да не заборавиме дека смртноста пријавена само во болниците дава нецелосна слика. Според Центарот за контрола и превенција на болести, една третина од пријавените смртни случаи поради Ковид-19 во 2020 се случиле надвор од болниците, иако експертите веќе потенцираа дека бројот на починати во пандемијата е најверојатно повисок од оној што е генерално пријавен.
Портпаролката на HHS вели дека податоците за смртноста во САД остануваат и понатаму јавно достапнии тоа преку Центарот за контрола и превенција на болести на САД.
И навистина, кога ќе отидете на веб страницата на Центарот за контрола и превенција на болести на САД, може да ја пронајдете тековната статистика за починати од Ковид-19 во цела Америка и тоа по недела и по држава.
Доктор Џорџ Кабаљеро, пак, не се согласува дека непријавувањето на смртните случаи до Одделот за здравство и социјални услуги на САД, нема да влијае на тоа како Американците се информирани за смртноста од Ковид-19. Тој смета дека со новата регулатива, статистиката на починати ќе биде застарена, ќе ѝ треба повеќе време за да се ажурира. Но, и неговата критика на одлуката не оди во насока на лажниот пост кој го рецензираме дека ,,е дојден крајот на короната во Америка”, туку дека граѓаните ќе бидат понеинформирани кога смртноста од омикрон ќе почне да расте.
Оваа промена на правилата значи дека кога смртноста од омикрон ќе порасне, нема да знаеме, и ќе се прашуваме колку помалку починати се пријавени отколку во реалноста во актуелниот момент, вели Кабаљеро.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар