Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Постот неосновано шири дезинформации дека вакцината против ковид-19 била направена пред појавата на пандемијата на коронавирус. Ова не е точно, а тоа го потврдуваат фактите. Вирусот ковид-19 беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што беше изолиран и неговиот генетски материјал РНК. На 17 март 2020 година, „Фајзер“ и „Бионтек“ првпат се здружуваат за да создадат ковид-19 вакцина. На официјалната веб-страница на „Фајзер“ има низа соопштенија со датуми од коишто може да се види кога почнала и како напредувала оваа соработка која резултираше со создавање на вакцина против ковид. На 5 мај 2020 година како дел од клиничкото испитување се дадени првите вакцини во САД на учесници во клиничката студија, а на 1 јули 2020 година се регистрирани првите позитивни исходи од овие тестирања
Фото: commons.wikimedia.org
Објава на Фејсбук ја манипулира јавноста дека вакцината против ковид-19 била создадена пред вирусот да биде јавно познат.
Јасно ви е дека вакцината е создадена пред вирусот да биде јавно познат. Ова ја објаснува и брзината со која што дојде тој „лек“. Причината поради која не беше објавена порано, беа сложеноста на договорите и уверувањата што им беа потребни на фармацевтските компании од владите за да се откажат од нивната одговорност во однос на одговорноста, се вели во постот.
Ваквото тврдење не е точно.
Вирусот ковид-19 беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што беше изолиран и неговиот генетски материјал РНК. Самата Светска здравствена организација (СЗО) потврдува дека вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година и во следното известување.
Ова изолирање содржи инструкции за создавање на вирусните протеини, кои пак, се основа за вакцините на „Фајзер“ и на „Модерна“.
На 17 март 2020 година, „Фајзер“ и „Бионтек“ првпат се здружуваат за да создадат ковид-19 вакцина.
Соработката меѓу двете компании има за цел да го забрза развојот на првокласната мРНА вакцинална програма на „Бионтек“, наречена БНТ162, којашто се очекува да влезе во клиничко тестирање до крајот на април 2020 година. Оваа рапидна соработка меѓу „Фајзер“ и „Бионтек“ само се надоврзува на соработката што веќе ја имавме воспоставено во 2018 година, за да развиеме мРНА вакцина против ГРИП, соопштија од „Фајзер“ на 17 март 2020 година преку соопштение за јавноста.
Значи, двете компании, „Фајзер“ и „Бионтек“, веќе соработувале од 2018 година и се обидувале да создадат мРНА вакцина против инфлуенца, но откако пандемијата со ковид-19 се рашири низ светот на почетокот на 2020 година, тие сите ресурси кои дотогаш ги имале ставено во функција на мРНА вакцината против грип, се решаваат да ги стават во функција на создавање вакцина против ковид.
Горди сме на нашата успешна соработка која им овозможува на нашите компании да можат да ги мобилизираат колективните ресурси со исклучителна брзина во пресрет на светскиот предизвик, рече Микаел Долстен од „Фајзер“. (март 2020)
Ова е глобална пандемија која бара глобални напори. Со здружувањето со нашиот партнер Фајзер веруваме дека можеме да го забрзаме нашите напори да ин ставиме на располагање ковид-19 вакцина на луѓето ширум светот, на кои им е потребна, истакна Угур Сахин, сопственик на „Бионтек“. (март 2020)
Двете изјави се објавени на официјалната веб-страница на „Фајзер“, каде што има и низа соопштенија со датуми од коишто може да се види кога почнала и како напредувала оваа соработка која резултираше со создавање на вакцина против ковид.
На 9 април 2020 година компаниите информираат за нивниот напредок.
На 22 април 2020 година „Фајзер“ и „Бионтек“, повторно официјално преку соопштение, објавено на нивната официјална веб-страница, соопштуваат дека добиле регулаторна дозвола од германските власти да почнат клинички тестирања на четири кандидати за вакцина ковид-19.
На 29 април 2020 година „Фајзер“ и „Бионтек“ информираат дека одредиле колкава треба да биде дозата на вакцината.
На 5 мај 2020 година како дел од клиничкото испитување се дадени првите вакцини во САД на учесници во клиничката студија.
На 1 јули се регистрирани првите позитивни исходи од таквото давање на вакцините.
Потоа следуваат позитивни исходи од вакцината во Германија во сите три фази, понатаму добивања одобренија од Американската агенција за лекови и од Европската Унија, а останатото со оваа вакцина е историја, односно таа веќе е дистрибуирана насекаде во светот за со неа да се вакцинира населението масовно на глобално ниво. Компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“ сега разгледуваат како нивната вакцина ќе се одрази на мутациите на ковид-19.
Ова е кратката историја на создавањето на вакцината против ковид-19 на „Фајзер“ и „Бионтек“ и од нејзината хронологија е евидентно дека нејзиното создавање почнало во март 2020 година, а не пред појавата на пандемијата како што лажно се тврди во постот што го рецензираме.
Вакцините против ковид-19 беа развиени брзо во споредба со претходните вакцини затоа што научници, лекари и владини агенции низ целиот свет вложија огромни ресурси за да ја намалат бирократијата и да ги објават резултатите штом беа достапни.
Прашањето како било можно да се развие вакцината толку брзо го имаат одговорено десетици учени луѓе кои се занимаваат со овие прашања. На пример, двајца реномирани професори од Оксфорд појаснуваат за „Би-Би-Си“ дека неколку фактори биле пресудни. Првиот е што тие веќе развивале вакцина од аденовирус наречена Шимпанзо аденовирус Оксфорд1 (ChAdOx1), уште во 2014-2016 година, со цел да го испитаат дејството против сите можни заразни и опасни вируси и ја тестирале на 330 луѓе за да го видат различниот ефект врз болести од грип до Зика вирусот или од против рак на простата до против тропската болест чикунгинија. Вториот фактор, велат експертите за Би-Би-Си, е тој што ковид-19 е болест што се добива од релативно познати вируси што преоѓаат од животни на луѓе и постоело големо познавање на вирусите што се појавија и ги предизвикаа болестите САРС (2002) и МЕРС (2012)
Токму против МЕРС, која трае веќе 7-8 години на Средниот Исток, истите научници развиле вакцина, а испитувањата биле започнати во 2018 година. Кога на 11 јануари 2020 година кинеските научници го објавиле целосниот генетски код на корона вирусот што ја предизвикува ковид-19, тие само тргнале со работа на измени во веќе готовата вакцина за да ја прилагодат за новата болест.
Воедно, експертите појаснуваат дека голема улога во брзината одиграл и фактот што корона вирусот предизвикува краткотрајна инфекција што организмот може да ја совлада, за разлика од ХИВ инфекцијата која е долготрајна и хронична со која телото не може да се избори.
Во текст објавен во „Медикл Њус Тудеј“ се појаснуваат и финансиските аспекти на владите, а и на Европската комисија во развој на вакцините, но и како технолошки се успеало за толку кратко време да се произведат ефикасни вакцини на два начина, преку вакцини произведени на база на аденовирус или преку вакцините со таканречената mNRA технологија на „Фајзер“ и „БионТек“, како и на „Модерна“.
Од сето ова можеме да заклучиме дека постот што го рецензираме неосновано шири дезинформации дека вакцината против ковид-19 била направена пред појавата на пандемијата на коронавирус. Ова не е точно, а тоа го потврдуваат фактите.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар