×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Лага е дека вакцинираните се причината поради која вирусот мутира

    07.09.2021 06:11 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Два неспорни факти зборуваат спротивно од тврдењето на научникот што се залага за драстично намален обем на вакцинација од она што сега се прави во светот. Првиот е Малоун се пласира како изумител на вакцините што користат нови платформи и технологија, а не е, вториот е бројките од статистичките податоци и студиите не се совпаѓаат со тврдењата на Малоун. Придобивките од вакцините се гледаат од бројот на хоспитализираните и починати меѓу вакцинираните

    Лага е дека вакцинираните се причината поради која вирусот мутира

    Рецензираме објава на Фејсбук, во која е споделено видео од интервју на Роберт Малоун, човек за кој се тврди дека пред неколку години ја измислил мРНК вакцината. Во видеото Малоун (од првата минута во видеото) вели дека „вакцината прави вирусот да биде поинфективен отколку кога би немало вакцина“, дека „ова е најлошиот кошмар за вакцинолозите“ и дека „мутантите на ковид кои им бегаат на вакцините, се најверојатно развиени кај вакцинираните, а не кај невакцинираните“.

    – Мораме да го запреме вакцинирањето, е пораката на Малоун.

    Нараторот на видеото, пак, тврди дека вакцинираните заболуваат повеќе од невакцинираните, дека имунитетот од вакцините го снемува по 3 месеци и дека вакцинираните се виновни за мутациите на коронавирусот (01.00-02.33 мин. во видеото).

    Потоа Малоун вели дека вакцинацијата треба да запре зашто вакцината ја први болеста полоша зашто има засилување на инфекцијата поради антителата (12.12 мин. од видеото).

     

    Кој е Роберт Малоун и навистина ли ја измислил мРНК вакцината?

    Не! Како и за многу други технологии, развојот на мРНК вакцината е заеднички труд на повеќе институти за истражување, три децении работи и стотици научници. Роберт Малоун придонел во раниот развој на оваа технологија за вакцинација, но не е единствениот на кого му се атрибуира мРНК вакцината.

    За „Лоџикали“, Малоун самиот признал дека не ја измислил мРНК вакцината, туку дека работел на „платформата за развој на вакцина“. Тој е еден од стотиците научници вклучени во овој процес десетици години наназад. А Каталин Карико е една од научниците кои имаат голем удел.

    Роберт Малоун почна да се појавува по американските алтернативни медиуми пред неколку месеци. Му кажа на Такер Карлсон (еден од најпопуларните водители на конзервативната ТВ станица во САД – Фокс Њуз) дека јавноста нема доволно информации за да одлучи дали да се вакцинира или не. Му кажа на Глен Бек (долгогодишен конзервативен коментатор, кој зад себе има серија теории на заговор) дека да се нудат пари за примање вакцина е неетички. Му кажа на Дел Бигтри (антивакцинален активист кој се противи и на вакцините кои им се даваат регуларно на децата) дека нема доволно докази како вакцините може да се одразат на женското репродуктивно здравје.

    Но, вакциналната кампања на која што Малоун сака да ѝ ги сосече крилјата, во САД спаси 279 илјади животи.

     

    Фактите и статистиката говорат спротивно од Малоун

    Наспроти тврдењето изнесено во видеото, дека вакцинираните заболуваат од ковид повеќе од невакцинираните, Центарот за контрола и превенција на болести на САД излезе со студија дека тие што не примиле вакцина имаат 29 пати повеќе шанси да завршат во болница од вакцинираните!

    Студијата, исто така, покажа дека невакцинираните имаат пет пати поголема шанса да заболат со ковид отколку вакцинираните.

    Но, најскандалозното тврдење во видеото е тоа дека самата вакцина, односно вакцинираните луѓе, се причината поради која вирусот мутира! Проверувачите на факти на „Ројтерс“ го дебанкираа ова тврдење и го оценија како невистинито.

    Првиот факт е дека корона вирусот почна да мутира уште пред да почне вакцинацијата. На 20 декември 2020 година, барем 7 варијанти, односно мутации на вирусот, постоеле, а вакцинацијата не ни беше почната.

    На почетокот на пандемијата само мал број лаборатории го секвенционираа вирусот од инфекциите, но на крајот од 2020 година се зголемија програмите за набљудување. Ефективно, сега слушаме толку многу повеќе за варијантите во 2021 година, зашто глобално сега имаме систем за конзистентно детектирање и следење на мутациите, рече Џенер Гриер, професор на универзитетот за имунологија во Северна Каролина за „Ројтерс“.

    Според неа, вакцините не придонесуваат вирусот да мутира.

    Мутации на вирусот се случуваат кога вирусот се размножува во клетката. Ниедна вакцина која што се администрира, не содржи жив вирус, така што тие не можат да се причина за варијантите. Вакцините го намалуваат ризикот за инфекција, а со помалку инфекции има помало реплицирање на вирусот и шанса тој да се промени и да создаде нови варијанти, рече таа.

    Според некои извори, вирусот мутира поради невакцинираните! 

    Една од клучните карактеристики на корона вирусот е спајк протеинот кој дозволува вирусот да се закачи на домаќин клетка и да предизвика инфекција. Тој спајк протеин е она на кое што цели вакцината, за да го блокира вирусот. Кај невакцинираните, вирусот влегува во клетката и ја претвора во фабрика. Тогаш вирусот се реплицира илјадници пати. Ако има грешка во копирањето, тогаш научниците тоа го нарекуваат мутација.

     

    Статистиката и во РСМ на страна на вакцините

    Во период од 6 август до 26 август на територијата на државата 17.020 граѓани се позитивни од тестирани на ковид-19, од нив 17 проценти биле целосно вакцинирани, односно 2.924 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид-19. Според статистиката за трите недели пред 26 август 2021 г., 14.096 граѓани, односно дури 83 проценти од позитивните на КОВИД-19 не биле вакцинирани.

    Процентот на хоспитализирани лица, кои се невакцинирани, изнесува 89 проценти, додека само 11 проценти од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата на Министерството за здравство. Во периодот од истите три седмици на територија на државата починале 276 лица со КОВИД-19, 246 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 30 (10 проценти) примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

    Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е точно оти Малоун ја измислил мРНК вакцината, а, исто така и дека не е точно оти мутациите на вирусот се развиваат поради вакцинираните лица.

     

     

     

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар