×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Најголемите лаги поврзани со квалитетот и ефективноста на вакцините против ковид-19

    13.12.2021 09:00 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Со појавата на пандемијата на коронавирусот во јавноста испливаа голем број лаги и теории на заговор кои и ден денес се пласираат. Дезинформации почнаа да се шират и со појавата на вакцините против ковид-19, а во врска со нивниот квалитет и реакции. Ваквите дезинфромации ги шират пред сè антиваксерите, но има и лекари кои пласираат секакви невистини и сомнежи во врска со вакцините

    Најголемите лаги поврзани со квалитетот и ефективноста на вакцините против ковид-19 Фото: pixabay.com - принтскрин колаж

    Пишува: Ана Анастасовска

     

    „Вистиномер“ досега дебанкираше голем број вести поврзани со вакцините, а дел од лагите заслужуваат посебно внимание, со цел јавноста да не се доведува во заблуда. Вакцините, како што се покажа, се квалитетни и во голем процент штитат од сериозни компликации од вирусот и од смртнен исход. Граѓаните не треба да се обесхрабруваат и треба да се вакцинираат со цел што побрзо да се постигне колективен имунитет и да се стави крај на пандемијата која не држи во неизвесност и грч речиси две години.

     

    Вакцината не ја менува човечката ДНК

    Една од најголемите лаги која кружи во врска со вакцините, особено за новите мРНК вакцини какви што се оние на „Фајзер“ и на „Модерна“, е дека тие ја менуваат човечката ДНК, односно предизвикуваат генетски модификации. Според научниците, ваквите тврдења се невистинити.

    Овие вакцини се дизајнирани да ги стимулираат протеините за да создадат имунолошки одговор против ковид-19, користејќи ги притоа гените на вирусот. Светски експерти во изјава за „Ројтерс“ објаснуваат дека теоријата за која станува збор е мит што се шири низ светот од антиваксерите кои имаат за цел да создадат конфузија кај јавноста.

    Со генетската модификација би се вршело намерно вметнување на туѓа ДНК во јадрото на човечката клетка, а тоа не се прави со вакцините. Вакцините функционираат така што го тренираат имунолошкиот систем да препознае еден патоген кога се обидува да го зарази телото – ова главно се прави со инјектирање на вирусни антигени или слаби живи вируси кои стимулираат имунолошки одговор преку производството на антитела.

    ДНК [во ДНК вакцините] не се интегрира во клеточното јадро, така што ова не е генетска модификација, изјавил Марк Линас од групата Алијанса за наука на Универзитетот Корнел.

    Според Светската здравствена организација (СЗО), ДНК вакцината вклучува нејзино директно вметнување во соодветните ткива на еден плазмид што ја содржи секвенцата на ДНК, која го кодира антигенот (антигените) против кој е потребен имунолошки одговор. Со други зборови, ДНК вакцината вклучува инјектирање на мал дел од генетскиот код на вирусот (ДНК или РНК) за да се стимулира имунолошкиот одговор кај еден пациент без инфекција.

    Оваа постапка не создава генетски модифициран организам, кој според Oрганизацијата за храна и земјоделство (ФАО) е „организам во чиј генетски материјал е вметнат еден или повеќе гени од еден друг организам со примена на рекомбинантна ДНК технологија“.

     

    Нема докази дека вакцината на „Фајзер“ предизвикува згрутчување на крвта

    Не постојат медицински докази дека вакцината на „Фајзер“ ја оштетува човечката крв, односно, дека ја онеспособува да го носи кислородот низ крвотокот. Консензусот на медицинската заедница, која третира пациенти со ковид, не соодветствува со ова тврдење.

    Во „Журналот на автоимуност“, автори на студија од август месец 2021 година за вакцината на „Фајзер“, наведуваат дека не создава тромбови. Овој труд е цитиран во уште седум други трудови, според Националната американска библиотека за медицина. Портпаролот на „Фајзер“ за странски проверувачи на факти, на прашањето дали вакцината против ковид на „Фајзер“ создава згрутчување на крвта, на 4 ноември одговара дека нема докази за да се сугерира таквото тврдење.

    Создавањето тромбови не е на листата на сериозни несакани дејства од вакцината на „Фајзер“ која може да се најде на страницата на Центарот за контрола и превенција од болести (ЦДЦ). ФДА и ЦДЦ се одговорни за долготрајни набљудувања на несакани реакции од ковид вакцините. На страницата на ФДА за безбедноста на вакцината, исто така,  не се споменува создавање на тромбови како потенцијален несакан ефект од вакцината на „Фајзер“.

    Доктор Волтер Олерстајн, професор по инфективни болести на „Емари универзитетот“ вели дека не му се познати какви било проблеми со згрутчување на крвта после примена вакцина од „Фајзер“, ниту пак, какви било медицински научни студии за згрутчување на крвта предизвикано од мРНК вакцините (изјавата може да се слушне на следниот линк во ова аудио).

    Професорот Том Вингфилд од „Универзитетот Ливерпул“ за „Ројтерс“ вели дека моменталните истражувања не докажуваат дека има линк меѓу мНРК ковид вакцините и згрутчување на крвта.

    Силно ги охрабрувам луѓето да дојдат и да ја примат животоспасувачката вакцина, вели тој.

     

    Вакцините против ковид не предизвикуваат канцер

    Оваа лага е меѓу најчестите и затоа Министерството за здравство на својата веб-страница во делот за факти и митови, образложува дека тврдењето дека вакцините предизвикуваат канцер, е неточно.

    мРНКвакцините не ја менуваат вашата ДНК на кој било начин и затоа не можат да предизвикаат рак. Вакцините за Messenger РНК (мРНК) ги учат клетките како да создадат протеин што предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази. мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Откако мРНК ќе ја заврши својата работа, вашите клетки ја распаѓаат и расчистуваат од вашето тело. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцината, пишува на официјалната страница за вакцинација на Министерството за здравство.

    Професорот за биологија на канцер, на Мехари медицинскиот колеџ, Доналд Алцендор за „Ју Ес Еј Тудеј“, вели дека нема основа за тврдењето дека вакцината предизвикува канцер. Податоците од клиничките тестирања и почетокот на вакцинацијата против ковид-19, не покажуваат линк меѓу вакцините и стапката на канцер, според експертите за здравство.

    Повеќе од 6 милијарди луѓе имаат примено вакцина против ковид 19 ширум светот и инциденцата за канцер не е поврзана со апликацијата на вакцините, вели Алцендор.

    Алцендор додава дека активните состојки во вакцините на „Фајзер“, „Модерна“ и „Џонсон“ не се онкогенични односно не предизвикуваат канцер. Лекарите, исто така, велат дека вакцините се безбедни за луѓето кои веќе имаат канцер.

    Доктор Марк Шломчик, претседател на одделот за имунологија на Универзитетот во Питсбург за медиицна, вели дека тврдењата дека вакцините може да предизвикаат канцер се невистинити.

    Нема практичен начин вакцината да предизвика рак. Ниедна вакцина која било кога сме ја проучувале или е користена за да се превенира инфекција, било кога била поврзана со канцер, вели тој.

    Во сите упатства за користење на вакцините, ниеден несакан ефект не е канцер. Повеќето луѓе кои се вакцинираат против ковид-19 имаат благи симптоми кои исчезнуваат за ден или два.

    Пациентите со малигни хематолошки заболувања во Северна Македонија имаат и официјални препораки од Клиниката за хематологија, да се вакцинираат.

     

    Нема докази дека вакцината против ковид-19 предизвикува стерилитет, хомосексуалност и дека ќе ја уништи популацијата

    Во јавноста се пласираат вести кои ја отворија дилемата дека вакцината ќе ја зголеми стерилноста и ќе направи девијација на гените во човечкото тело. Се разбира, ваквите вести се оценети како невистинити од страна на научната заедница.

    Експертите велат дека нема докази дека вакцината ќе резултира со стерилизација на жени.

    Ребека Дач, претседателка на одделот за молекуларна и клеточна биохемија на Универзитетот во Кентаки, објасни за АП дека:

    Иако синцитин-1 и протеините имаат некои слични карактеристики, тие се доста различни во деталите што ги познаваат антителата. Покрај тоа, вакцината што ја развиваат Модерна, Фајзер и БиоНТек, се базира на следење на РНК, што му покажува на телото како да произведува протеини и го обучува имунитетот за да го идентификува вистинскиот вирус. Тие не содржат синцитин-1, пренесува Порталб.

    „Идејата на оваа технологија е дека и двете вакцини содржат РНК секвенци кои го кодираат протеинот с на вирусот САРС-КОВ2“, вели Метју Фриман, професор по микробиологија и имунологија во Универзитетот во Мериленд.

    Џејкоб Јаунт, професор на Универзитетот во Охајо, е истражувач на синцитинските протеини. Тој ги проучува и синцитинските протеини кои се наоѓаат во вирусот САРС-КоВ2. Научникот вели дека вакцините против ковид-19 не содржат протеини синцитин 1.

    Тврдењата дека вакцината против ковид-19 може да предизвика стерилност, исто така, ги демантираше и компанијата „Фајзер“.

    Тврдењето дека вакцината против ковид-19 е во можност да ги модифицира човечките гени и да предизвика хомосексуалност не е научно остварливо. Овие вакцини се дизајнирани да стимулираат протеини за да создадат имунолошки реакции против ковид-19, користејќи гени на вирусот.

     

    Вакцинирањето нема да ви го магнетизира телото

    На почетокот, со појавата на вакцините против ковид-19, една од најголемите лаги кои почнаа да се шират беше токму таа дека со вакцините се вметнува чип кој има магнетизирачко дејство. Па така, на социјалните мрежи можеа да се видат луѓе како лепат монети, лажици и слично на местото каде што ја примиле вакцината.

    Со вакцинирањето телото нема да ви се претвори во магнет затоа што во составот на вакцините нема никакви метали. Од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) потенцираат дека не е точно оти вакцинирањето ќе ве направи магнетни, вклучително и на местото на вакцинацијата, односно раката. Вакцините против ковид-19 не содржат состојки што можат да создадат електромагнетно поле на местото на инјектирање.

    Но, дури и ако вакцините содржеа метали, тие не би предизвикале магнетна реакција. Количеството на метал што треба да се најде во вакцината за да привлече магнет е многу поголемо од количествата што би можеле да бидат присутни во малата доза на вакцината.

     

    Вакцините не предизвикуваат смрт

    Според сите научни студии вакцината прорив коронавирусот докажано штити од тешки форми на болеста и смрт. За да бидат одобрени за употреба, вакцините против ковид-19 мора да ги исполнуваат највисоките стандарди за безбедност и делотворност. Светската здравствена организација (СЗО) внимателно го следи воведувањето на сите вакцини за ковид-19. Иако тие беа развиени во рекордно време, сепак, самиот процес – системите за тестирање, проценката на резултатите и одобрувањето на вакцината, не беше помалку ригорозен.

    Во однос на тоа колку дози на вакцина ќе бидат потребни се до крајот на пандемијата, засега никој не знае. Некои земји започнаа со аплицирање на трета доза, особено за имунокомпромитираните пациенти.

    Дојче веле разгледа неколку случаи во Германија, Шпанија, САД, Норвешка, Белгија и Перу, откривајќи дека во сите случаи експерти од повеќе здравствени институции не можат да најдат последична врска помеѓу вакцинацијата и смртните случаи.

    Институтот „Паул Ерлих“ (ПЕИ), кој е одговорен за вакцинација во Германија, испита 10 смртни случаи во земјата од неколку часа до четири дена по вакцинациите против коронавирус. Во сите овие случаи, оние кои починале биле на возраст меѓу 79 и 93 години и имале веќе постоечка болест, вели Брижит Келер-Станиславски, шеф на Одделот за безбедност на медицински производи на ПЕИ.

    Врз основа на податоците што ги имаме, претпоставуваме дека пациентите починале од нивната основна болест – што е коинциденција со времето на вакцинацијата, изјави таа за германскиот радиодифузер Н-ТВ. Таа не коментираше за одделни случаи, но рече:

    Тие беа многу сериозно болни пациенти со многу други болести.

    Досега не е потврден ниту еден случај на смрт по примена вакцина против ковид-19.

     

     

     


    Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар