Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Не е точно дека оние кои се вакцинирале против ковид-19 не смеат да даруваат крв, ниту, пак, е точно дека Меѓународниот црвен крст објавил дека нема да прима крв од вакцинирани, како што се тврди во постот. На веб-страницата на американскиот Црвен крст има објаснување коешто демантира дека тие што примиле вакцина не смеат да донираат крв
Пост на Фејсбук лажно тврди дека Меѓународниот Црвен крст објавил оти нема да прима крв од вакцинирани лица, бидејќи крвта на вакцинираните била згрутчена и густа. Ова не е точно.
Меѓународниот Црвен Крст пред неколку недели објави дека нема да прима крв од вакцинирани лица, еве ја причината:
Повеќето луѓе кои се вак*цинирани имаат брзо згуснување и згрутчување на крвта, што е водечка причина за тромбоза и ненадејни срцеви удари.
Медицинската сестра не може ни да ја извади крвта од жената бидејќи цевката е блокирана затоа што крвта е премногу густа.
Со лабораторискиот тест Д Димер можете да дознаете дали вашата крв има висок степен на коагулација и да побарате помош што е можно побрзо, се вели во објавата која ја анализираме.
Постот е придружен со видео на кое се гледа како една жена се обидува да ѝ извади крв на друга жена. За видеото не се знае ниту каде е направено, ниту кога е направено, ниту, пак, има некакви докази дека жената на која ѝ се зема крв е вакцинирана против ковид.
Не постојат медицински докази дека вакцината на „Фајзер“ ја оштетува човечката крв. Консензусот на медицинската заедница која третира пациенти со ковид, не соодветствува со ова тврдење.
Во „Журналот на автоимуност“, автори на студија од август месец 2021 година за вакцината на „Фајзер“, наведуваат дека таа не создава тромбови. Овој труд е цитиран во уште седум други трудови, според Националната американска библиотека за медицина. Портпаролот на „Фајзер“ на 4 ноември за странски проверувачи на факти, на прашањето дали вакцината против ковид на „Фајзер“ создава згрутчување на крвта, одговара дека нема докази за да се сугерира таквото тврдење.
Создавањето тромбови не е на листата на сериозни несакани дејства од вакцината на „Фајзер“ која може да се најде на страницата на Центарот за контрола и превенција од болести (ЦДЦ). ФДА и ЦДЦ се одговорни за долготрајни набљудувања на несакани реакции од ковид вакцините. На страницата на ФДА за безбедноста на вакцината, исто така, не се споменува создавање на тромбови како потенцијален несакан ефект од вакцината на „Фајзер“.
Доктор Волтер Олерстајн, професор по инфективни болести на „Емари универзитетот“ вели дека не му се познати какви било проблеми со згрутчување на крвта после примена вакцина од „Фајзер“, ниту пак, какви било медицински научни студии за згрутчување на крвта предизвикано од мРНК вакцините (изјавата може да се слушне на следниот линк во ова аудио).
Професорот Том Вингфилд од „Универзитетот Ливерпул“ за „Ројтерс“ вели дека моменталните истражувања не докажуваат дека има линк меѓу мНРК ковид вакцините и згрутчување на крвта.
Силно ги охрабрувам луѓето да дојдат и да ја примат животоспасувачката вакцина, вели тој.
Згрутчување на крвта често се случува во населението, така што не може сите случаи на згрутчување на крвта после вакцинацијата против ковид-19 со „AstraZeneca“ да се поврзат со вакцината.
Истражувањата на релевантните здравствени институции покажаа дека вакцината „AstraZeneca“ против ковид-19 може да спречи луѓето да се разболат од коронавирусот. Таа е безбедна и ефикасна, а бенефитите од неа ги надминуваат сите можни ризици. Извршната директорка на Европската медицинска агенција (ЕМА), Емер Кук уште пред неколку месеци соопшти:
Оваа вакцина е безбедна и ефективна и придобивките ги надминуваат ризиците, тоа е наш научен став. Свесни сме дека некои држави ја прекинаа имунизацијата со оваа вакцина, па моравме детаљно да ги проучиме сите докази. Кога се вакцинираат милиони луѓе, неизбежно е да има и тешки несакани ефекти и ние продолжуваме со нашата истрага. Денешниот заклучок овозможува да се продолжи со процесот на вакцинирање.
Вакцината не е поврзана со зголемување на вкупниот ризик од тромбоемболиски случаи или згрутчување на крвта.
И Светската здравствена организација (СЗО) во март годинава официјално кажа дека нема потврда дека вакцината предизвикува згрутчување на крвта. Откако поради претпазливост нејзината примена беше стопирана во неколку европски земји, СЗО соопшти дека нема причина да се стопира вакцинацијата со вакцината на „АстраЗенека“,
Да, треба да продолжиме да ја користиме вакцината на „Астразенека“, нема причина да ја суспендираме, рече портпаролката на СЗО, Маргарет Харис на прес-конференција во Женева.
На веб-страницата на СЗО во секцијата посветена на вакцините е објаснето дека:
Вакцините против ковид-19 создаваат заштита од болеста, преку развивање на имунолошки одговор на вирусот САРС-Ков-2. Развивање на имунитет преку вакцинација значи намален ризик за развој на болеста и нејзините последици. Овој имунитет ви помага да се борите против вирусот доколку се изложите. Вакцинирањето, исто така, ги заштитува луѓето околу вас.
На почетокот на процесот на вакцинација против ковид-19, во март 2021 година, згрутчувањето на крвта беше поврзувано со вакцината Астра-Зенека. Но, Европската агенција за лекови (ЕМА) објави дека дотогаш немало нешто што укажува на тоа дека луѓето вакцинирани со вакцината на „Астра-Зенека“ имаат поголем ризик од згрутчување на крвта, коментирајќи ја одлуката на три европски земји привремено да ја прекинат употребата на оваа вакцина како претпазливост.
Досега достапните информации укажуваат на тоа дека бројот на тромбоемболизами кај вакцинираните лица не е поголем од оној забележан кај целото население“, се вели во изјавата на Европската агенција за лекови доставена до агенцијата „Франс Прес“.
Истражувањата на релевантните здравствени институции покажаа дека вакцината „AstraZeneca“ против ковид-19 може да спречи луѓето да се разболат од коронавирусот. Таа е безбедна и ефикасна, а бенефитите од неа ги надминуваат сите можни ризици. Извршната директорка на Европската медицинска агенција (ЕМА), Емер Кук уште пред неколку месеци соопшти:
Оваа вакцина е безбедна и ефективна и придобивките ги надминуваат ризиците, тоа е наш научен став. Свесни сме дека некои држави ја прекинаа имунизацијата со оваа вакцина, па моравме детаљно да ги проучиме сите докази. Кога се вакцинираат милиони луѓе, неизбежно е да има и тешки несакани ефекти и ние продолжуваме со нашата истрага. Денешниот заклучок овозможува да се продолжи со процесот на вакцинирање.
Вакцината не е поврзана со зголемување на вкупниот ризик од тромбоемболиски случаи или згрутчување на крвта.
Не е точно дека тие што се вакцинирале против ковид-19 не смеат да даруваат крв, ниту пак, е точно дека Меѓународниот црвен крст објавил дека нема да прима крв од вакцинирани, како што се тврди во постот што го анализираме.
На веб-страницата на американскиот Црвен крст, има објаснување коешто демантира дека тие што примиле вакцина не смеат да донираат крв.
Црвениот крст ги следи препораките на Агенцијата за храна и лекови за тоа кој може да донира крв откако ќе се вакцинира. Кога смеете да донирате крв после вакцинација, зависи од тоа која вакцина ќе ја примите. Ако сте примиле вакцина против ковид, ќе треба да го кажете името на производителот кога ќе дојдете да донирате. Во повеќето случаи, нема временска рамка за тоа колку време после вакцинацијата смеете да донирате, сè додека немате симптоми и се чувствувате добро за време на донирањето. Следните критериуми се апликативни за тие што примиле ковид вакцина, прва или втора доза: Нема временска рамка на чекање после вакцината ако сакате да донирате крв доколку сте примиле нерепликативна инактивна или мРНА вакцина произведена од „Астра Зенека“, „Џонсон и Џонсон“, „Модерна“, „Новавакс“ или „Фајзер“. Донаторите на крв кои примиле жива вакцина или не знаат кој вид на вакцина го примиле, мора да чекаат 2 недели пред да дадат крв. Без разлика на тоа која вакцина сте ја примиле, мора да сте без симптоми за време на дарувањето, пишува на официјалната страница на Црвен Крст САД.
Од нивното соопштение произлегува дека ако имате симптоми од вакцината, Црвен крст бара да ја одложите донацијата додека не се почувствувате подобро.
Значи, според американскиот Црвен Крст, ако лицето знае која вакцина му е администрирана и се чвуствува добро, односно не е болно, може да донира крв.
Да се знае производителот на примената вакцина е важно за да може да дарувате крв. Ако донорот не знае со која вакцина се вакцинирал, ќе треба да почека 2 недели пред да даде крв, вели портпаролката на Црвен Крст Џесика Мерил за сајтот за проверка на факти „Политифакт.“
Таа појаснила дека процесот за донирање крв за вакцинирано лице е вообичаен и трае околу еден час, вклучува регистрација по пристигнувањето, пополнување доверлив прашалник за здравствената состојба, историјата на патување, проверки на телесната температура, хемоглобинот, крвниот притисок и пулсот. Мерил, за „Политифакт“ додала дека компонентите на вакцината воопшто не се во крвта.
Дека вакцинираните може да донираат крв потврдува и Марита Салковски, регионален директор за комуникација за регионот на Централниот и Јужниот Охајо на Американскиот Црвен крст.
Црвениот крст ќе ја прифати вашата крв и ние многу го цениме донирањето на вашата крв со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме, вели Салковски.
Таа додава дека ако имате симптоми или не се чувствувате добро откако ќе се вакцинирате, тогаш треба да почекате да донирате додека тие симптоми не исчезнат.
Од сето ова можеме да заклучиме дека не постојат докази дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат згрутчување на крвта. Вакцинираните лица мое да донираат крв две недели откако ќе се имунизираат. Во случај на реакции од вакцината, треба да го одложат донирањето крв. Не е точно дека Меѓународниот Црвен крст објавил дека нема да прима крв од вакцинирани лица. Според тоа, постот што го анализираме го оценуваме како невистинит.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар