Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Не е вистина дека коронавирусот не постои. СЗО уште минатата година прогласи пандемија заради високиот број на новозаразаени и починати од компликации предизвикани од вирусот. Научната фела уште на почетокот на 2020 потврди дека станува за вирусот Сарс Ков 2 заради што сите земји во светот применуваат антиковид мерки за да се спречи неговото ширење. ПЦР тестовите за ковид-19 се прецизни и детектираат генетски материјал на Сарс Ков 2 вирусот, но не и вируси кои се причинители за настинка или грип, иако сиптомите во одреден дел може да бидат слични
Рецензираме пост на Фејсбук со видео од последните антиковид протести, каде жена која се преставува како лекар, тврди дека корнавирусот не постои и дека станува збор за обичен грип. Според нејзиното излагање, целата фама околу пандемијата настанала заради ПЦР тестовите, кои, наводно, не прават разлика меѓу грип и ковид-19. Во видеото кое наголемо се споделува на социјалните мрежи, жената вели:
Во Хрватска нула, во Канада 6. Каде е грипот? Што значи со оние сиптоми кои, всушност, се грип ги праќаме во болница и ги лекуваат неадекватно и имаме проблем. Проблемот е заради тестовите. Кога би ги снемало тестовите, ќе немаме никаков проблем. Јас од март 2020, еве и утре ќе одам во посета, оти имам пријател наводно болен од ковид, секогаш кога некој ќе ми каже дека е болен од ковид јас одам во посета и никогаш маска не носам и никогаш не сум се разболела. Значи вирус не постои!
Таа, исто така, ја негира ефикасноста на ПЦР тестовите, повикувајќи се на последниот извештај на Центарот за контрола на болести од САД и притоа тврди дека тој бил неадекватен заради што, наводно, ќе бил повлечен. Жената цело време додека зборува добива аплаузи од присутните.
Прво, не е виситна дека не постои коронавирусот и болеста ковид-19. Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година. Со оглед на галопирачкиот раст на бројот на заразени и бројот на починати во голем број држави, СЗО прогласи пандемија бидејки за две недели бројката на заразени на светско ниво се зголеми за трипати.
Во последните две недели бројот на заразени со коронавирусот надвор од границите на Кина се зголемува. Бројот на земји, кои пријавија случаи позитивни на овој вирус, се триплираше. Во моментов имаме 118.000 заразени во 114 држави во светот. Вкупно 4.291 лица досега ги загубија своите животи, а илјадници други се борат за своите животи низ болниците, изјави на 11 март 2020 година претседателот на Светската здравствена организација,Тедрос Гебрејесус
Светската здравствена организација ја потврди и делта варијантата на коронавирусот која во месец јули беше идентификувана во 124 земји, како нова мутација на вирусот што ја предзвикува болеста ковид-19
Што се однесува до ПЦР тестовите, не е вистина дека тие ќе се повлекуваат од страна на Центарот за контрола на болести во САД поради нивната неадекватност, како што тврди жената. Овој тест досега регистрира само коронавирус, но не и вируси кои се причинители за настинка или грип, иако сиптомите во одреден дел може да бидат слични. Инаку ПЦР тестовите за ковид-19, се многу точни и детектираат генетски материјал на Сарс Ков 2 вирусот.
Центарот за контрола и превенција на болести на САД препорачува воведување на нови тестови кои можат во исто време да откриваат и Сарс Ков 2 и инфлуенца. Поконкретно, да се испитува дали пациентот има ковид или грип, или можеби ги има и двата вируса, што, исто така, е можно. Овие препораки се дадени за да се заштеди и време и ресурси во пресрет на престојната сезона на грип.
Впрочем и портпаролката на Центарот за контрола и превенција на болести, Јасмин Рид, за „Ројтерс“ изјави дека тестот извршил важна улога во моментот кога бил развиен и не демонстрирал никакви проблеми во поглед на перформансите.
Барањето за овој тест опадна со појавата на други тестови. Центарот за контрола и превенција на болести ги охрабрува лабораториите да прифатат нов за тестирање за да ги опсервираат и сарс ков 2 и инфлуенцата, за да се заштеди и време и ресурси, изјави Рид за „Ројтерс“
Во обраќањето на жената, таа изнесува досега повеќекратно дебанкирани тврдења дека вакцините претставуваат генска терапија (генската терапија не нешто сосема друго), како и дека создаваат тромбови. Ништо од ова не е точно. Станува збор за тврдења кои се побиени и од експерти и од проверувачи на факти ширум светот.
Дел од медиумите го открија идентитетот на жената, која во видеото пристуните на аниковид протестите ја именуваа како докторка. Пишуваат дека станува збор за личност која со години води кампања против вакцинацијата, а често држи предавања за „самоизлекување“ и објавува непоткрепени контроверзни ставови. Во 2014 година Лекарската комора на Македонија има реагирано на нејзините телевизиски гостувања.
Вакви неточни изјави, кои интензивно се споделуваат на социјалните мрежи, во период кога бројот на заболени од ковид-19 расте во Македонија и кога последниве денови имаме двоцифрени бројки на починати, се неосновни и манипулативни. Исто така, се штетни во напорите на здравствените власти да го заштитат јавното здравје и да ѝ објаснат на јавноста дека вакцинацијата е нужна за да се создаде колекитвен имунитет во земајва и полесно да се преброди овој нов бран од ковид-19.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар