×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Не се создава ,,ковид облак” од авион во лет

    05.11.2021 09:17 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Белата трага, што ја оставаат авионите во воздухот, се нарекува „контрејл“, односно патека од кондензација. Зависно од висината на која се наоѓа авионот, температурата и влагата на атмосферата, контрејлс може да варираат во дебелината и времетраењето во кое се појавуваат. Тврдењето во постот дека авионот остава зад себе ковид облак е бесмислено, затоа што вирусот се пренесува на растојание помало од два метра преку капките од носот и устата, преку зборување, кашлање, пеење.  Сосема е неверојатно намерно да се шири вирусот преку фрлање опасни раствори од огромна височина 5 или 10 илјади метри!

    Не се создава ,,ковид облак” од авион во лет

    Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, уште една во низата конспирациски објави во коишто вообичаен лет на авион се поврзува со кемтрејлс, запрашување со отрови и на крај сето тоа се става во корелација со ковид -19! Колку и да изгледа бесмислена и нелогична, оваа теорија на заговор е масовно распространета и увезена во Северна Македонија од САД.

    Па во тој дух во постот се тврди:

    Западна Македонија. Кемтреилс отрови, фатен.

    Во склоп на постот има видео, каде што граѓанин на македонски јазик коментира дека авионот што го има во кадар (сниман најверојатно од мобилен телефон), испушта ковид чад (?!) и дека трагата позади авионот во лет не е вообичаена, односно претставува чад којшто е опасен по здравјето на граѓаните.
     

    Еве едно авионче онде го испотроши целиот чад. Сега си оди за Грција празен. И сега вас ќе ве убедуваат дека така треба и вие сте теоретичари на заговор. Ајде сега нека ми објасни некој зошто во моментот авионот не пушта чад? Само погледнете ги облаците, се е ова ковид облак. Поздрав од Битола од теоретичар на заговор, вели неидентификуваниот наратор на аматерското видео.

    Белата трага што ја оставаат авионите во воздухот се нарекува „контрејл“, односно патека од кондензација. Тие се формираат во некои денови, а други денови не се формираат. Некогаш траат долго, некогаш кратко. Контрејлс се формираат кога авионот испушта чад кој се кондензира и смрзнува. Контрејлс не се формираат кај секој авион. Атмосферата каде што се движи авионот, треба да има низок притисок и ниска температура за да се формираат овие траги. Има три вида на контрејлс. Такви кои што траат само кратко, две минути откако авионот ќе помине. Долгите контрејлс траат откако авионот ќе помине, но се како тенка линија. И третиот вид на овие траги траат долго време откако авионот ќе помине и се пошироки од палецот кога ќе го ставите пред вас за да ја мерите нивната дебелина на небото.

    Значи, зависно од висината на која се наоѓа авионот, температурата и влагата на атмосферата, контрејлс може да варираат во дебелината и времетраењето во кое се појавуваат. Природата и времетраењето на овие авионски траги дури и може да се користи за да се предвиди времето. Тенка и краткотрајна линија е индикатор за воздух со ниска влажност на голема висина, додека дебела и долготрајна трага е знак за влажност во воздухот на голема височина и може да е ран индикатор за бура.

    Конспиративните теории поврзани со „кемтрејлс“ се  категорично отфрлени од научната заедница и истите досега се повеќепати разоткриени од проверувачите на факти. Тврдењето во постот дека авионот остава зад себе ковид облак е бесмислено, затоа што вирусот се пренесува на растојание помало од два метра преку капките од носот и устата, преку зборување, кашлање, пеење.  Сосема е неверојатно намерно да се шири вирусот преку фрлање опасни раствори од огромна височина 5 или 10 илјади метри!

    Ковид-19 постои и е реален, а тоа го потврдуваат секојдневните бројки на заболени луѓе и починати од вирусот, но не е поврзан со никакво запрашување од авиони како што се сугерира во постот што го рецензираме. Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што беше изолиран и неговиот генетски материјал РНК.

    Според истражувачите од Универзитетот Харвард од САД, кои проучувале вакви теории на заговор, не е најден „ниту еден веродостоен доказ дека „кемтрејлс“ постои“.

    Исто така, во врска со оваа тема „Форбс“ објави студија, според која панел од 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и со цел да се влијае на атмосферата.

    Ковид-19 инфекцијата не се случува преку измислен вирус кој паѓа на земјата од натоварени авиони(!), туку со близок контакт со инфицирано лице. СЗО е децидна дека има социјални контексти, односно услови во коишто вирусот многу лесно се шири, како во затворени простори, со многу луѓе, кои не се соодветно проветрени, во ноќни клубови, канцеларии, ресторани, места каде што се пее.

    Поради сите горенаведени информации, оценуваме дека не е вистина дека има ковид облак кој се создава поради авиони кои испуштаат гасови над атмосферата. Такво нешто како ковид облак не постои.

     

     

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар