Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со децении научниците мака мачат да создадат вакцина против ХИВ, тргнувајќи од логиката, односно од традиционалното размислување, дека вакцината треба да го поттикне природниот имунсистем да одговори на вирусот. Проблемот со ХИВ е во тоа што природниот имунитет не е доволно силен да се бори против вирус. Научниците се надеваат дека мРНК вакцината произведена од „Модерна“ и од „Фајзер“, може да биде пресвртница во создавањето вакцина против ХИВ
Фото: pixabay.com - принтскрин колаж
Пишува: Мирослава Бурнс
Секој први декември во годината, светот посветува внимание на Светскиот ден за борба против СИДА. Денот служи како потсетник на оваа медицинска состојба, која трае повеќе од 40 години и многу подолго отколку состојбата со ковид-19. Но, зошто СИДА се споменува кога станува збор за мРНК вакцините против ковид? Скептиците сметаат дека вакцините против ковид-19 беа создадени за исклучително кратко време, поради што ја проблематизираат нивната безбедност, но малкумина знаат дека овие мРНК вакцини, всушност немаше да бидат реалност ако претходно со децении, не се работеше на истражувањето на ХИВ.
Речиси сите што работат на вакцини против ковид-19, доаѓаат од светот на ХИВ. „Модерна“ работеше на мРНК базирана вакцина против ХИВ уште пред да се појави ковид-19, вели извршниот директор на АВАК, глобалната група за превенција од ХИВ, Мичел Ворен.
Со децении научниците мака мачат да создадат вакцина против ХИВ, тргнувајќи од логиката, односно од традиционалното размислување, дека вакцината треба да го поттикне природниот имунсистем да одговори на вирусот. Проблемот со ХИВ е во тоа што природниот имунитет не е доволно силен да се бори против вирус. Научниците се надеваат дека мРНК вакцината произведена од „Модерна“ и од „Фајзер“, може да биде пресвртница во создавањето вакцина против ХИВ.
Се влегува во петтата деценија на борба против ХИВ, но вакцина не е измислена. Сепак, мРНК технологијата користена во вакцината против ковид-19, е надеж дека на ист начин би можела да се создаде и вакцина против ХИВ. Една третина од пациентите со ХИВ, создаваат неутрализирачки антиела на ХИВ, смета Дерек Каин, од Институтот за хумани вакцини. Но, додека се создадат антителата, се создава и голем резервоар на вирус во организмот и станува предоцна да се исчисти инфекцијата.
Слично е како да сте нашле апарат за гаснење пожар, но целата куќа е веќе во пламен, вели Каин.
На многумина им е познат спајк протеинот на коронавирусот. мРНК вакцините го учат имуниот систем да создаде антитела кои ќе го таргетираат спајк протеинот и ќе го спречат вирусот да навлезе во клетките.
ХИВ исто како и ковид, има свој спајк протеин познат како ЕНВ. Формата на овој протеин е различна кај различни видови ХИВ, па станува потешко да се таргетира со антитела.
Антителата против еден вирус, односно против еден шилест протеин на ХИВ, нема да го блокираат другиот шилест протеин на ХИВ. Мора да поттикеме антиела кои ќе се врзуваат за спајк протеинот, рече Вилијам Шиеф, професор и имунолог во „Скрипс Институтот“ во Калифорнија.
Тој со своите колеги разви кандидат вакцина која генерира имунитет но тој имунитет уште не знае како да го неутрализира ХИВ. Вакцина против ХИВ уште нема, но процесот продолжува. „Скрипс“ во партнерство со „Модерна“ ќе тестира мРНК вакцина. Ќе бидат вклучени 56 здрави луѓе без ХИВ и ќе бидат тестирани две верзии од вакцината кандидат. Две групи на луѓе ќе примат микс од двете вакцини кандидати, а другите по една вакцина кандидат. Истражувачите ќе се обидат да дојдат до одговорот на прашањето, дали ќе се создаде посакуваниот имун одговор. Ова е само едно од многуте клинички тестирања, така што ќе помине време пред научниците да знаат дали овој пристап може да превенира ХИВ инфекција. Дотогаш светот одблиску ќе набљудува, дали мРНК технологијата може да го направи истото за ХИВ, што веќе го направи за ковид-19.
За забележување е дека во ова клиничко испитување, ќе се користи платформата на „Модерна“ која што се користела за производство на вакцината против ковид-19, а тоа се очекува да го забрза процесот на откривање на вакцина против ХИВ и нејзиниот развој.
И покрај потешкотиите, ветувачки нови вакцини се проучуваат. Успехот на ковид мРНК вакцината на „Фајзер“ и „Модерна“ против ковид дава надеж дека превентивна вакцина против ХИВ е на хоризонтот. Се спроведува и прва фаза на клиничко тестирање која почна во септември 2021 година, каде се проучува секвенца на мРНК вакцините која може да превенира ХИВ. Оваа рандомизирана, студија спроведена со учество на луѓе, испитува неинфицирани возрасни со ХИВ, во општо добро здравје. Учесниците се на возраст од 18 до 50 години. Тие ќе бидат поделени во групи и ќе примат една или двете експериментални мНРК вакцини со шприц во рамото. Безбедноста и толерантноста ќе се проценуваат во подолг период подоцна, во студијата. Истражувачите ќе ги забележуваат резултатите 10 месеци, а студијата се очекува да заврши на 1 мај 2023 година.
Во јуни годинава, пак, „Бионтек“ почна студија во втора фаза за борба против смртоносниот карцином на кожа со мРНК. Освен тоа, надежите се дека со овој метод на мРНК ќе се постигне револуција и успех и за беснило, Зика вирус, Денга, но и обичната инфлуенца. Светот е во исчекување на резултатите од овие медицински напори.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар