Трометамин не е лек за срцев удар, туку состојка што го продолжува животниот век на вакцината на „Фајзер“

22.11.2021 09:19 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

Не е вистина дека состојката трометамин во вакцините на „Фајзер“ е штетна или дека е „лек за срцев удар“. Со додавањето на оваа состојка се продолжува животниот век на вакцината на „Фајзер“ откако таа ќе се одмрзне, правејќи ја достапна за складирање 10 недели пред да биде аплицирана, наместо досегашните 2 недели. Исто така, не е точно дека само вакцината за деца на „Фајзер“, има трометамин во својот состав, туку сите фајзерови вакцини против ковид, за сите возрасни групи, ја имаат оваа состојка

Трометамин не е лек за срцев удар, туку состојка што го продолжува животниот век на вакцината на „Фајзер“ Фото: commons.wikimedia.org

Рецензираме пост објавен на Фејсбук во кој се тврди дека во вакцината на „Фајзер“ за употреба кај деца од 5 до 11 години, се користи трометамин. Во постот е споделен документ од ФДА, во којшто се наведува дека во вакцините на „Фајзер“ против ковид, за деца од 5 до 11 години, наместо една, се предлага да се користи друга состојка. Таа состојка е трометанин.

„Фајзер“ тајно мешал лек за срцев удар во педијатриска инјекција на мРНК. Мислам дека со ова ја признаваме вината за сите претходни убиства на деца од 12 до 18 години, се вели во постот што го рецензираме.

Прво, да видиме што е трометанин. Навистина, точно е дека „Фајзер“ во вакцините користи трометамин. Компанијата ја додава оваа состојка и за возрасните и за тинејџерите во тие вакцини. И други вакцини одобрени од ФДА имаат трометамин во својот состав.
 

На 29 октомври ФДА одобри вакцина против ковид на „Фајзер“ за итна употреба кај деца на возраст од 5 до 11 години. Агенцијата ја одобри и новата формула која има трометамин во составот, состојка која што се користи за да се зголеми рокот во којшто вакцината може да се складира во фрижидер и да се зголеми рокот на траење на вакцината.

Не е точно дека само вакцината за деца на „Фајзер“, има трометамин во својот состав, туку сите фајзерови вакцини против ковид, за сите возрасни групи, ја имаат оваа состојка.

Оваа нова формула е авторизирана за користење кај индивидуи повозрасни од 12 години, изјави портпаролот на ФДА, Абигаил Капобиано за„Асошиејтед прес“, додавајќи дека истата се користи и во други вакцини одобрени од ФДА, вклучително и оние против ебола, денга, сипаници, како и во лекот против дијабетес Хумалог.

Инаку, трометамин има и во вакцината на „Модерна“ против ковид.

Како што велат од ФДА и од „Фајзер“, оваа состојка била додадена за да се зголеми рокот во којшто вакцината може да стои неупотребена, односно да се складира пред употреба.

За да се овозможи подолг период за складирање, користиме алтернативен бафер, познат како трис бафер. Ова ѝ овозможува на мРНК вакцината да биде отпорна на разложување подолг период пред да биде администрирана, објаснува портпаролката на „Фајзер“, Џерика Питс, додавајќи дека благодарение на новата формула, вакцината ќе може да се складира во фрижидер и до 10 недели.

Доктор Питер Маркс, директор на Центарот за биолошки евалуации и истражувања при ФДА, на прес- конференција изјави:

Оваа формула е постабилна на температури подолг временски период и дозволува поголема флексибилност за тие што ги даваат вакцините. Новата формула содржи трометамин, кој е познат како трис бафер и овој бафер често се користи во други одобрени вакцни од ФДА, вклучително и во производи одобрени за деца.

Фармацевтските хемичари и имунолози, за „Асошиејтед прес“ додале дека податоците покажуваат дека вакцината на „Фајзер“ која има трометамин е безбедна.

Иако трометамин може да има некакви ефекти во повисоки дози, веројатно е дека во овие производи се користи во многу ниски нивоа и е безбеден. Клиничните студии кои што беа спроведени на над 3 илјади лица, со оваа формула, покажаа дека нема сериозни несакани ефекти, посочува Џозеф Глајх, консултант за аналитичка и фармацевтска хемија.

Професорот на Стенфорд за микробиологија и имунологија, доктор Холден Мекер, вели дека податоците од „Фајзер“ за вакцините за деца се одлични.

Нема несакани ефекти во нивната студија, а вклучени биле 20 до 30 процеенти деца со коморбидитети, покачена телесна тежина и дијабетес. Сите биле вклучени, вели тој.

Во моментот, според одговорот што „Вистиномер“ го доби од Министерството за здравство, вакцината на „Фајзер“ што се користи во земјава, после разредување вијалата содржи 6 дози од 0.3 милилитри, со 30 микрограми мРНК во секоја.

Наспроти неточната информација во постот што го рецензираме дека трометанин бил лек за срцев удар, трометамин не е лек за таква намена. Напротив, станува збор за состојка што се користи за да се контролира и регулира киселкоста во течностите од телото во случаи на метаболичка ацидоза, која пак, може да е резултат од повеќе состојби вклучително операции и кардијак арест.

Како што може да се забележи од документот од „Фајзер“ (14 страница), новата формула во вакцината содржи помала доза на мРНК отколку оригиналната вакцина за возрасни и се заменува во неа една состојка со трометамин.

Трометамин, исто така, наречен „трис е бафер“, што значи течна хемиска мешавина којашто ја регулира киселкоста или алкалноста или ПХ вредноста на растворите. Бидејќи регулира ПХ вредност, трометаминот може да превенира и третира состојба наречена метаболичка ацидоза, која кога ќе настапи, течностите во телото се претвораат во киселкасти. Причинители за метаболичка ацидоза може да биде кардијак арест, операција на срцето со бајпас и детски канцер. Спротивно на постот што го рецензираме, трометамин не се користи за да се третираат овие состојби. Напротив, ја намалува киселоста за да се спречи оштетување на органите, додека пациентот да го добие лекот за состојбата што ја предизвикала ацидозата.

Во оригиналната формула на фајзеровата вакцина, откако ќе се одмрзне вакцината, таа може да седи во фрижидер 2 недели. Со новата формула, може да стои 10 недели.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме не е вистина оти состојката трометамин во вакцините на „Фајзер“ е штетна или претставува ,,лек за срцев удар”. Со додавањето на оваа состојка се продолжува животниот век на вакцината на „Фајзер“ откако таа ќе се одмрзне, правејќи ја достапна за складирање 10 недели пред да биде аплицирана, наместо досегашните 2 недели.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk