×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Вакцинираните со кинески вакцини и руската Спутник „заглавени“ на патот кон европските земји

    01.11.2021 07:53 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Повеќе од половина од целосно имунизираното население во земјата, поточно 411.171 лица се вакцинирни со кинеските вакцини „Синовак“ и „Синофарм“ и со руската „Спутник В“. Сега, овие граѓани – вакцинирани со некоја од споменатите три вакцини кои не се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), се соочуваат со ограничувања при патување во странство. Вакциниранираните со „Синовак“ ,„Синофарм“ и „Спутник В“,  дури и ако го примат бустерот на „Фајзер“, ќе наидат на рестрикции и карантин за влез во повеќето европски земји, кои ги уважуваат единствено вакцините признаени од ЕМА – „Фајзер“, „АстраЗенека“, „Џонсон и Џонсон“ и „Модерна“, па за целосно имунизирани ги сметаат само оние со примени две дози од овие вакцини

    Вакцинираните со кинески вакцини и руската Спутник „заглавени“ на патот кон европските земји Фото: commons.wikimedia.org

    Пишува: Мирослава Бурнс

     

    Македонските здравствени власти неодамна објавија дека секој граѓанин, без разлика на возраста, може да се пријави да прими трета доза од вакцината против ковид, доколку од аплицирањето со втората доза поминале шест месеци. Исклучок се само вакцините од кинеските производители, „Синовак“ и „Синофарм“. За оние кои се вакцинирале со кинеските вакцини, третата доза се препорачува три месеци по втората, бидејќи научните истражувања покажале дека антителата од кинеските вакцини опаѓаат побрзо. За сите граѓани третата вакцина е од производитлот „Фајзер“ – мРНК вакцина, за која се покажало дека ќе создаде најдобар имун одговор кога ќе се искомбинира.

    Сепак, недоумици се појавија меѓу граѓаните кои ја примиле вакцината „Спутник В“. Тие се прашуваат дали смеат да примат бустер од „Фајзер“? Ваквите дилеми се засилија откако српската министерката за труд и членка на кризниот штаб, Дарја Кисиќ Тепавчевиќ за телевизија „Н1“  изјави дека за вакцинираните со „Спутник“, третата доза  треба да биде од рускиот производител.

    Третата доза е потребна за да се стимулира и да се зајакне имунолошкиот систем. Само Спутник е исклучок. Ако сте примиле вакцина од рускиот производител која има две компоненти, прва и втора, и ако се одлучите да примите трета доза од истиот производител, тоа треба да е првата компонента, прецизираше таа.

    Руски вакцини, пак, во Северна Македонија нема и ниеден граѓанин нема можност да се вакцинира по третпат со „Спутник В“. Од Министерството за здравство за „Вистиномер“ велат дека и за овие граѓани важи истата препорака на Националниот комитет за имунизација.

    Лицата кои се вакцинирани со вакцината „Спутник“ ќе може како трета доза да примат вакцина од производителот „Фајзер“, ни рекоа оттаму.

    Податоците од Министерството за здрваство покажуваат дека досега – заклучно со 27 октомври,  вакцинирани се вкупно 803.408 граѓани, ревакцинирани се 773.537, а трета доза примиле 24.021 граѓани.

    Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, информираат од Министерството.

     

    НАЈМНОГУ ИМУНИЗИРАНИ СО КИНЕСКИТЕ ВАКЦИНИ

    Вакцинацијата против ковид-19 во Република Северна Македонија започна на 17 февруари оваа година.
    Според прегледот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), заклучно со 24.10.2021 година вакцинирани се 808.148 лица со барем една доза на вакцина против ковид -19 во државата и странство, што е 39,1 отсто  од вкупното население. Комплетно вакцинирани (со две дози) се 771.749 лица, односно 37,3 отсто од населението, а со трета доза се вакцинирани 10.444 лица

    До 24 октомври се аплицирани над еден милион и 590 илјади вакцини, од кои најмногу луѓе се вакцинирани со кинеските вакцини. Аплицирани се над 486 илјади дози „Синовак“ и 300 илјади дози „Синофарм“. Потоа следува вакцината „Фајзер“ од која се дадени над 626 илјади дози, па вакцината „АстраЗенека“ со повеќе од 130 илјади дози од и над 45.000 дози од „Спутник В“.

    Според ИЈЗ, целосно вакцинирани  со „Фајзер“ се 297.432  лица,  „Синовак“ – 238.514 ,  „Синофарм“ – 150.009, „АстраЗенека“ – 63.146 и со „Спутник В“-  22.648 граѓани. Од ова произлегува дека со кинеските вакцини и со руската „Спутник В“,  се вакинирале 411.171 граѓани, што е повеќе од половина од целосно имунизираното население во земјата.

     

    Табела: Вакцинирани лица против COVID-19, РСМ, по тип на вакцина/ доза заклучно со 24.10.2021                                                         Извор: Институт за јавно здравје

     

     

    РУСКИ И КИНЕСКИ ВАКЦИНИ – ОГРАНИЧУВАЊА ПРИ ПАТУВАЊЕ ВО СТРАНСТВО

    Вакцинираните со овие три вакцини, „Синофарм“ , „Синовак“ и „Спутник В“ – кои не се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), над 400.000 граѓани, се соочуваат со ограничувња при патување во странство. Па пред секое патување мора внимателно да ги проверат правилата и рестрикциите во земјата во којашто одат и да видат дали нивниот вакцинален сертификат ќе биде уважен. 
     
    „Вистиномер“ направи преглед на вакциналните правила за влез во најчестите европски дестинации. Кои услови се потребни за влез,  дали сите вакцини коишто се аплицираат кај нас се признаени и дали треба да се оди во карантин? Од Министерството за здравство кратко одговорија дека секоја земја самата одлучува за своите барања при патувањето. И на страницата на ЕУ пишува дека пред патување треба да видите дали земјата во која одите ја прифаќа вакцината којашто сте ја примиле.
     
    Кога станува збор за рестрикциите во движењето, земјите членки само мора да ги прифатат вакциналните сертификати за вакцини кои добиле авторизација во ЕУ. Земјите членки може да одлучат и да ги тргнат рестрикциите и да прифатат сертификат од друга примена вакцина, на пример оние вакцини во листата на СЗО, но немаат таква обврска. Ако сте вакцинирани со вакцина неавторизирана во ЕУ, ве советуваме да проверите кои вакцини се прифатени во земјата членка каде патувате пред вашето патување, е наведено на веб-страницата.
    Повеќето земји, сепак, се водат по принципот на зелена, портокалова и црвена зона, така што пред патувањето треба да проверите како Северна Македонија е класифицирана во земјата каде што одите – како земја од висок, среден или низок ризик, бидејќи ова варира во зависност од епидемиолошката состојба.
     
    На следниот линк може да се провери дали некоја европска држава прифаќа вакцинален сертификат од „Спутник“, „Синовак“ или „Синофарм“. Проверката, на пример, за Белгија, Германија, Италија, Франција, Малта, покажува дека таму не се признаваат вакцините „Спутник В“, „Синофарм“ и „Синовак“. Вакциниранираните со овие вакцини дури и ако го примат бустерот на „Фајзер“, ќе наидат на рестрикции и карантин за влез во повеќе европски земји, кои ги уважуваат единствено вакцините признаени од ЕМА -„ Фајзер“, „АстраЗенека“, „Џонсон и Џонсон“ и „Модерна“, па за целосно имунизирани ги сметаат само оние со примени две дози од овие вакцини

     

    Белгија

    Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија на својата веб-страница  известува дека белгиската влада ќе воведе карантин за патниците кои во Белгија ќе влегуваат од црвените зони, меѓу кои е и Република Северна Македонија, ако тие не можат да исполнат неколку критериуми.
    Од 17 септември, луѓето кои не биле (целосно) вакцинирани или немаат сертификат за прележана болест, по доаѓањето во Белгија од црвената зона,  мора да поминат десетдневен карантински период. Карантинот може да се скрати ако резултатот од тестот на седмиот ден е негативен. Ова барање претставува  обврска за невакцинирани лица без сертификат кои треба  да се тестираат во  1 и 7 ден по пристигнување од црвената зона во земјата на ЕУ/Шенген зоната или од црвената зона на белата листа на не – Европските земји, пишува, меѓу другото, на веб-страницата на МНР

    Белгија е на врвот во Европа по бројот на вакцинирани граѓани. Таму 8.5 милиони луѓе ја примиле првата доза, а 84 проценти од возрасните се целосно вакцинирани.

    Вакциналниот сертификат, според белгиските власти докажува дека сте целосно вакцинирани против ковид ако сте ја примиле втората доза барем пред две недели и вакцината е сертифицирана од Европската агенција за лекови. Во Белгија се признаени  вакцините на „Фајзер“, „Модерна“, „АстраЗенека“, „Џансен“ и „Ковидшилд“.  А оние кои не се целосно вакцинирани (две дози во соодветен временски интервал од признаените вакцини) или немаат сертификат за прележана болест не постар од 180 дена (6 месеци), по пристигнувањето во Белгија од „црвената зона“, мора да поминат 10-дневен период на карантин, којшто може да се скрати ако резултатот од дополнителниот тестот на седмиот ден е негативен.

     

    Германија

    Од  22.08.2021 година Германија ја клафицираше  нашата земја како подрачје со висок ризик на инфекција со ковид-19, па за влез во Германија од Северна Македонија повторно е предвиден 10 дневен карантин. Со поднесување доказ за вакцинација или оздравување преку порталот за влез, карантинот завршува предвреме, во моментот на поднесување. Исто така, може да се направи тест (тест за антигени или ПЦР-тест), но најрано пет дена по влегувањето и резултатот може да се испрати преку порталот за влез.

    Влезот во СР Германија за каква било друга цел, како посети и туризам е возможен само за целосно вакцинираните лица и тоа само со вакцините кои ги признава ЕУ,  („Бионтек“/ Фајзер, „АстраЗенека“, „Џонсон и Џонсон“ и „Модерна“). Притоа последната примена вакцина треба да биде најмалку 14 дена пред датумот на патувањето.

    За лица кои не се вакцинирани, влез во Сојузна Република Германија е можен само во исклучителни и итни случаи, главно од здравствени причини, како што беше и во минатото.

    Граѓани кои се вакцинирани со руската и со кинеските вакцина, за „Вистиномер“ велат дека се јавиле во Германската амбасада во Скопје, од каде им кажале дека нема да можат да влезат во Германија и во случај доплнително да примат трета доза на „Фајзер“, бидејќи условите се такви што за целосно вакцинирани се сметаат лицата кои добиле две дози вакцина одобрена од ЕМА

     

    Италија

    Со најновата одлука на италијанските власти, нашата земја се преместува од листа Д во листа Е, со што не е дозволено туристичко патување за државјаните на Република Северна Македонија во Италија. Притоа на нашите државјани им се дозволува влез исклучиво за: работни потреби; апсолутна итност; здравствени потреби; потреби за студирање; враќање во својот дом или живеалиште. При влез или враќање во Италија од нашата држава задолжително е презентирање на: пополнет онлајн формулар за локација (dPLF), негативниот резултат на молекуларен или антигенски тест покрај што, сепак следува задолжителна самоизолација и здравствен надзор во период од десет дена. По десетте дена изолација, задолжително е да се изврши дополнителен молекуларен или антигенски тест.

    Исклучоци од самоизолација се овозможени на секој кој транзитира, со приватно возило, на италијанската територија во период не подолг од триесет и шест часа, со обврска, најдоцна на крајот на тој рок, да ја напушти националната територија, во спротивно да започне со период на изолација на адресата наведена во формуларот за лоцирање на патници во период од пет дена и на крајот на тој период да се подложи на молекуларен или антигенски тест; на секој што влегува во Италија за период не подолг од сто и дваесет часа (120) за официјални посети,  докажана работа, здравствена или апсолутна итна потреба, со обврска, по истекот на наведениот рок, веднаш да ја напушти националната територија или, во спротивно, да започне период на самоизолација на адресата наведена во формуларот за лоцирање на патници во период од пет дена и да се подложи, на крајот на овој период, на молекуларен или антигенски тест. Транзитот на аеродромот е дозволен, без напуштање на посебните области на аеродромот. Децата на возраст под шест години се ослободени од спроведувањето на молекуларниот или антигенскиот тест.

     

    Австрија

    За влез во Австрија, секој државјанин од нашата земја мора да обезбеди еден од следните докази: доказ за вакцинација или доказ за прележана ковид-19, што преставува единствен начин да се избегне карантин (самоизолација) од 10 дена. Карантинот може да биде прекинат по 5 дена со нов негативен резултат на ПЦР тест.

    За примена вакцина со две дози, мора да покажете дека сте ја примиле втората доза не повеќе од 360 дена пред пристигнувањето.

    За доказ за негативен тест за ковид-19, резултатите од молекуларниот биолошки тест (ПЦР) не смеат да бидат постари од 48 часа, а резултатите од тестот за антиген не смеат да бидат постари од 24 часа.

    За доказ за закрепнување, мора да покажете доказ за закрепнување во изминатите 180 дена, пишува на веб-страницата на МНР.

    Во Австрија може да се влезе со вакцини признати од Европската агенција за лекови  –  „Фајзер“, „Модерна“, „АстраЗенека“ и  „Џонсон и Џонсон“, како  и со кинеските вакцини одобрени од Светската здравствена организација  –  „Синофарм“ и  „Синовак“.

     

    Данска

    Данска деновиве ги олесни ковид правилата за влез на државјаните на Република Северна Македонија. Со најновата одлука на данските власти, нашите државјани ќе можат да влезат во Данска без ограничувања или наведување валидни причини, но потребно е да приложат валиден ЕУ дигитален сертификат којшто вклучува потврда за вакцинација со вакцини одобрени од ЕМА) или потврда за прележан ковид-19, не постар од 12 месеци) или негативен ПЦР тест.

     

    Малта

    За патување на Малта неопходен е сертификат за вакцинација, исклучок  се руската и кинеските вакцини кои не се признаваат, а оние кои немаат вакцинален сефтификат ќе мора да приложат негативен ПЦР тест и да бидат во задолжителен 14 дневен карантин, без разлика од која држава доаѓаат. Деца на возраст помеѓу 5 и 12 години исто така ќе треба да презентираат негативен тест за ПЦР ( децата под 5 години ќе бидат ослободени од оваа обврска), но за да патуваат во Малта ќе треба да бидат придружени од возрасно лице кое поседува признаена потврда за вакцинација.

    Нашата држава и понатаму се наоѓа на црвената листа ризични земји, пишува на веб-страницата на МНР

     

    Франција

    Државјани на Република Северна Македонија во Франција може да влезат без дополнителни услови ако се вакцинирани со „Фајзер“, „Модерна“, „Астра Зенека“ или „Џенсен“, ако се поминати 14 дена од втората доза. Треба да приложат доказ за вакцинацијата и да пополнат изјава дека немаат симптоми на инфекција или контакт со ковид позитивен. 

    Сепак, невакцинираните во Франција мора да приложат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, или негативен антигенски тест не постар од 48 часа, да бидат во задолжителен карантин 7 дена, да пополнат изјава за неодложни причини за влез и престој во Франција, да пополнат изјава дека немаат симптоми на ковид и немале контакт со ковид позитивен, да се согласат на дополнителен антигенски или ПЦР тест при влез во Франција и да потпишат изјава дека ќе ја почитуваат седумдневната изолација.

     

    Грција

    Државјаните на Република Северна Македонија кои влегуваат во Грција се должни да имаат сертификат за вакцинација (на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик), заедно со доказ дека се поминати најмалку 14 дена од денот на вакцинација или негативен ПЦР тест (не постар од 72 часа, односно рапид тест или потврда за прележана болест.

    Оваа наша соседна земја прифаќа вакцинални сертификати за повеќе вакцини и тоа: „Фајзер“, „Модерна“, „АстраЗенека“, „Џенсен“, „Синовак“, „Синофарм“, „Спутник В“, „Новавакс“, „Кансино Биолоџикс“ и „Ковишилд“.

     

    Обединето Кралство на Велика Британија и Северна Ирска

    На државјаните на Севена Македонија за влез во Обединетото Кралство им е потребна важечка виза или дозвола за престој, пишува на веб-страницата на МНР.

    Од 4 октомври 2021 година Обединетото Кралство започна со примена новиот двобоен систем на поделба на државите (црвена и зелена листа), наместо досегашниот трибоен систем (црвена, клибарна и зелена листа). Северна Македонија од килибарната листа премина во зелената листа на држави. Правилата за патување во зелената листа се разликуваат од тоа дали лцието е целосно вакцинирано или не. За целосно вакцинирано лице се смета она кое има примено вакцина чиј сертификат го признава ОК. Листата на вакцини и држави од кои се признаваат сертификатите може да се погледне на овој линк., пишува на сајтот на МНР.

    Според наведеното, од 11 октомври, Република Северна Македонија е на листата на држави и територии од кои во Англија се признаени сертификатите за вакцинација. Па, ако државјанин на РСМ пристигне во Англија  може да користи сертификат за вакцина да го докаже статусот на вакцинација, но притоа мора да има примено комплетно една од следните вакцини најмалку 14 дена пред да стигне во Англија: „Оксфорд Астра Зенека“, „Фајзер“,  „Модерна“, „Џенсен“. Сертификатот мора да е на англиски, француски или шпански, да ги има личните податоци. Воедно нашиот државјанин пред патување во Англија мора да резервира и плати ПЦР тест за ковид, кој се прави вториот ден по пристигнувањето во Англија.

    Лицата кои не се целосно вакцинирани, или имаат примено вакцина чиј сертификат Обединетото Кралство не го признава, пред патување треба да имаат негативен ковид тест не постар од 3 дена, а откако ќе стигнат во ОК мора да се во десетневна самоизолација, да се тестираат на вториот и осмиот ден. Ако двата теста им се негативни, самоизолацијата им завршува на десеттиот ден.

     Доколку лицата патуваат за Велс, Шкотска или Северна Ирска, за истите постојат други правила и тие може да се видат на следните линкови:
    – За Велс: https://gov.wales/rules-foreign-travel-and-wales-coronavirus-covid-19-html
    – За Шкотска: https://www.gov.scot/publications/coronavirus-covid-19-international-travel-quarantine/pages/red-amber-and-green-list-countries/
    За Северна Ирска: https://www.nidirect.gov.uk/articles/coronavirus-covid-19-travel-advice

     

    Швајцарија

    Од средината на сптември во Швајцарија повеќе не е во сила забраната за влез на државјани од трети земји, вклучително и од Република Северна Македонија, заради туристички или било каков друг вид престој, но само со потврда/сертификат за примени 2 дози од вакцина. Условот за поседување на негативен тест (PCR или Antigen), повеќе не се прифаќа како основ за влез за оваа категорија лица.

    Покрај вакцините признаени од Европската агенција за лекови во Швајцарија може да се влезе и со кинеските вакцини „Синофарм“ и „Синовак“, но не и со руската „Спутник В“. Повеќе информации за видот на вакцината и условите за влез, може да се пронајде на следниот линк: https://travelcheck.admin.ch/check.

    Доколку лицето ги исполнува условите за влез во Швајцарската Конфедерација, потребно е до 12 часа пред влезот во Швајцарија, да го пополни формуларот кој се наоѓа на веб страна на Федералната канцеларија за јавно здравје на Швајцарија, или поточно на следниот линк: https://swissplf.admin.ch/formula,  пишува на веб-страницата на МНР.

     

     

     

     


    Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар