×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Во вакцините против ковид 19 нема графен оксид, луцифераза или спајк протеин

    24.08.2021 10:40 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Дезинформација е тврдењето изнесено во постот дека во вакцините против ковид-19 има графен оксид, луцифераза или спајк протеин, а споменувањето на другите состојки во фотографијата на постот во контекст на заплашување и спречување на вакцинацијата го сметаме за манипулативно зашто содржи полувистини, невистини и извртувања

    Во вакцините против ковид 19 нема графен оксид, луцифераза или спајк протеин

    Ензим луцифераза, спајк протеин и графен оксид, се трите состојки кои се наведуваат како постоечки во вакцината во постот што го рецензираме. Во постот експлицитно не се наведува дека се мисли на вакцината против ковид-19. Меѓутоа, со оглед на тоа дека дезинформациите за ковид вакцината споделуваат слични карактеристики на светско ниво и со оглед на тоа што и во други држави во светот овие состојки се посочувани како да се наводни состојки на вакцината против ковид, а и со оглед на тоа што вакцинацијата против ковид е актуелна во земјава а и во светот, може да се заклучи дека се имплицира на ковид вакцините.

    Асошиејтед Прес и нивниот сервис за проверка на факти пишува дека луцифераза е генерички термин за група на ензими кои што предизвикуваат оксидација на хемикалии наречени луциферини, кои што продуцираат видливо светло. Ензимот во интеракција со луциферините од инсектите (наречени светулки), предизвикува тие да светат.

    Зборот луцифераза има корен во латинскиот збор Луцифер, кој значи осветлен. Иако ензимот луцифераза има слично име со паднатиот ангел во многу религиозни приказни, единствената конекција меѓу луцифераза и Луцифер е во коренот на нивните имиња.

    Асошиејтед прес додава дека луцифераза не може да се најде како состојка во вакцините против ковид-19, но дека ензимот се користи во некои истражувања за ковид-19, затоа што неговата карактеристика да ослободува светлина може да им помогне на научниците визуелно да следат како вакцините и вирусите ги афектираат клетките. На Универзитетот во Тексас, луциферазата помага да се забрза дијагностичкото тестирање за ковид 19, затоа што им дозволува на истражувачите да го видат присуството на антителата побрзо отколку кога би користеле други методи.

    И Ројтерс пишува дека во ниедна вакцина која се администрира против ковид нема луцифераза.

    И на официјалната веб страница за вакцинација во земјава, каде се наведени состојките на сите вакцини кои се администрираат во С. Македонија, нема луцифераза како состојка во вакцините.

    Во постот што го рецензираме, се посочува и втора, наводна состојка на вакцината а тоа е ,,спајк протеин”. Коренот на ваквата дезинформација е тоа што на интернет се појави говор на професор од Канада, доктор Бириам Бридл, кој кажува дека кога ќе се вакцинираат луѓето со мРНК вакцина, тогаш во нивното тело се создава спајк протеинот на корона вирусот, кој што останува во организмот со денови и предизвикува штети.

    Неговите колеги од медицинската заедница ширум светот не се согласуваат со него, но, тоа не е темата на оваа рецензија, туку наводната состојка „спајк протеин“, која во постот што го рецензираме се наведува како постоечка во вакцините.

    „Вистиномер“ се обрати до проф.д-р Драган Даниловски, поранешен министер за здравство и професор на Медицинскиот факултет, кој тврди дека во вакцината нема спајк протеин.

    Даниловски за „Вистиномер“ објасни дека воопшто преку вакцината не влегува материјален ентитет, односно спајк протеин во организмот.

    Инструкцијата за неговото производство во форма на мРНК, доаѓа само во цитоплазмата односно рибозомот, а не во јадрото на нашите клетки. И тој спајк протеин што ќе го произведе клетката, (рибозомот, т.н. фабрика за протеини), воопшто не е ист со оној на вирусот. Автоматски не ги поседува ниту својствата на оригиналниот спајк протеин. Тој само „личи“ на оригиналниот и има само антигено својство – да провоцира имун одговор. Дури и кога би бил сосема идентичен со оригиналниот спајк протеин (а не е), овој што се произведува со давање на вакцината е во 100.000 пати помала концентрација од онаа што ја произведува вирусот самиот, потребна да направи штета, објасни професор Даниловски.

    Значи, во вакцините нема спајк протеин и нема луцифераза. Но, што е со третата наведена наводна состојка во постот, односно графен оксид? И неа во вакцините ја нема!

    Прво, графен оксидот не е во листата на состојки во вакцината против ковид-19.

    Бидејќи главната компанија, којашто е обвинувана неосновано и небазирано на ниеден хемиски или медицински доказ, дека во вакцините има графен оксид, е „Фајзер“, оттаму се огласија и официјално ја демантираа дезинформацијата.

    Претставник на „Фајзер“ за „Асошиејтед прес“ изјавил дека во нивната вакцина нема графен оксид. Студијата со која се прави обид да се „поткрепи“ тврдењето дека во Фајзеровата вакцина има графен оксид, не е прегледана од медицинската заедница (не е peer-reviewed), ниту, пак, е поддржана од Универзитетот во Шпанија, Алмерија.

    Кит Лонгли, менаџер за наука во „Фајзер,“ за „Асошиејтед прес“ изјави дека оваа состојка во нивната вакцина не постои. Истото го потврдиле и хемиски и медицински експерти, кои не се поврзани со компанијата „Фајзер“.

    Не е во листата на состојки, и нема никаква можност да биде присутна во вакцината, изјави Ален Мајерсон, професор по хемиски инженеринг во Институтот за технологија од Масачусетс.

    Доктор Амеш Адаџа специјалист за инфективни болести од „Џонс Хопкинс“, тврди дека имало истражувања за потенцијалното користење на графен оксидот во други вакцини, но количините не биле во доволно големи дози за да предизвикаат токсичен ефект.

    Експертот за вакцини, Пол Офит, од детската болница во Филаделфија, додал дека ова тврдење (дека вакцините содржат графен оксид) е чиста глупост.

    Состојбата е малку поинаква кога станува збор за состојките наведени во фотографијата од постот. И таму се наредени серија состојки, при што некои од нив ги нема во вакцините, некои ги има во други вакцини, но не и оние за ковид, некои ги има во ковид вакцините, но истражувањата покажуваат дека не се штетни, односно дека се безбедни или зашто количествата се минорни, или, пак, се користат во вакцини или лекови со децении, а други состојки навистина ги има во вакцините затоа што се сметаат за неопходни.

    Па, така, наведената состојка алуминиум, спомената во постот, како наводна состојка на вакцината, ја нема во вакцините авторизирани во ЕУ и САД. Ја нема ни во Астра Зенека ни во Спутник В. Ја има во мали количини во вакцини од кинески производители за да помогне да се зголеми имуниот одговор. Овој метод, како што покажа проверката на факти на Асошиејтед Прес е безбеден и количеството на алуминиум е тривијално споредено со количеството на алуминиум со кое се соочувуваме во секојдневниот живот.

    Соли на алуминиум се додаваат во некои вакцини за да го зајакнат имуниот одговор. Вакцините што го содржат се покажале безбедни според Американската агенција за лекови, во последните шест децении. 

    Алуминиум нема во вакцините на Фајзер и Модерна. Американскиот Центар за контрола на болести (ЦДЦ) ги наведува разните вакцини кои содржат алуминиум овде . Алуминиумот не е состојка во вакцините за ковид на Фајзер и Модерна, како што објаснува овој експерт овде .

    Формалдехид и жива регуларно се цитирани од антивакциналните кампањи, во контекст на тоа дека вакцините се небезбедни. Тие се користат во некои вакцини, но ниедна од нив не е одобрена во Велика Британија. Формалдехидот го има во дезинфициенсите и во високи дози може да е многу штетен и се поврзува со канцер. Во телото може да се пронајде во повисоки дози отколку што би ги имало во вакцината и не се смета за опасен во така мали концентрации. Состојка од жива наречена тимеросал, се користи како презерватив во некои вакцини. Нема докази дека предизвикува штета во ниски дози, но, сепак, е искоренета од повеќето вакцини. Во САД и Британија ретко се користи.

    Центарот за контрола и превенција на болести на САД објаснува дека вакцините што содржат тимеросал имаат статистика на висока безбедност со најчести несакани ефекти кои предизвикуваат минорни реакции како црвенило и оток на местото на инјектирање. Тимеросал се додава во вијалите на вакцините што содржат повеќе од една доза за да се спречи пораст на бактерии и фунги. Бактерии и фунги може да навлезат кога иглата влегува во вијалата кога вакцината се подготвува за администрација. Контаминацијата со бактерии на вакцината може да предизвика сериозна болест и смрт.

    Поради сите горенаведени факти, констатираме дека е дезинформација тврдењето изнесено во постот дека во вакцините против ковид 19 има графен оксид, луцифераза или спајк протеин, а споменувањето на другите состојки во фотографијата на постот во контекст на заплашување и спречување на вакцинацијата го сметаме за манипулативно зашто содржи полувистини, невистини и извртувања.

     

     

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар