×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Контраспин: Дали Ковачевски го ослободи и Трајко Вељаноски?

    08.02.2022 08:26 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Aко се појде од тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека под власт на СДСМ правдата е мислена именка, бидејќи апелацискиот суд донел решение за укинување на мерката притвор за Драги Рашковски и тоа се образложува со тврдење дека „пиунот Ковачевски го ослободил миленикот на Заев“, тогаш се наметнува и прашањето дали Ковачевски го ослободил и Трајко Вељаноски, бидејќи и овој му е миленик на Заев?

    Контраспин: Дали Ковачевски го ослободи и Трајко Вељаноски?

    Пишува: Теофил Блажевски

     

    Укинувањето на мерката притвор за Драги Рашковски беше повод за соопштение на ВМРО-ДПМНЕ во кое се препознава спин:

    Спин: Правдата со СДСМ на власт е мисловна именка, доказ за тоа е и ослободувањето на Драги Рашковски.

    Пиунот Ковачевски го ослободи миленикот на Зоран Заев.

    Рашковски се смее на правдата во лице, наместо во затвор му се укина и куќниот притвор.

    [Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение, датум: 03.02.2022]

    Контраспин: Реагирајќи на одлука на апелациски суд, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ослободување од куќен притвор на Драги Рашковски е доказ дека правдата со СДСМ на власт е мисловна именка – тврдење во кое се препознава спин.

    Станува збор за извртување на вистината по три основи. Првата е формалноста и вистинитоста на тврдењето кое е спинувано. Имено, одлуката за укинување на мерката притвор на поранешниот генерален секретар на владата Рашковски е одлука, решение кое е донесено од судии во Апелацискиот суд во Скопје. Во државата, како што е општо познато, системот е поделен на извршна, законодавна и судска власт и сите се или треба да бидат независни една од друга. Значи во овој случај, дел од судската власт, постапувајќи по барање на одбраната на Рашковски, кој е обвинет за две кривични дела, донела одлука/решение дека веќе не постојат основи за продолжување на мерката притвор за обвинетиот, за кој пред неколку дена стартуваше судската постапка.

    Ова значи дека нема ништо формално точно во тврдењето дека „пиунот Ковачевски го ослободи миленикот на Зоран Заев“, зашто тоа би значело де факто, дека по налог на поранешниот премиер Зоран Заев, актуелниот Димитар Ковачевски во еден згуснат распоред помеѓу обврските во Скопје, Софија, Брисел…, нашол време и имал моќ да влијае врз судии во Апелацискиот суд да донесат одлука за укинување на мерката куќен притвор за Драги Рашковски. Доколку пак, партијата располагала со такви докази за влијание врз одлуката на судиите – оти, навистина, за независноста на судската власт сè уште се расправа во општеството – тогаш ВМРО-ДПМНЕ била должна да ги стави таквите докази на увид на јавноста .

    Конечно, постои уште еден елемент кој ја истакнува апсурдноста и спинувањето во тврдењето на опозициската партија, а кој во исто време многу зборува за селективноста при комуникацијата со јавноста во ВМРО-ДПМНЕ. Имено, во текот на истиот ден кога Апелацискиот суд во Скопје донел решение за укинување на мерката притвор на Рашковски, истиот суд донел и уште една друга одлука. Укината е мерката куќен притвор и на Трајко Вељаноски, поранешен претседател на Собранието и една од перјаниците на ВМРО-ДПМНЕ, кој пак, за разлика од Рашковски на кого допрва ќе му се суди, првостепено е осуден на казна затвор од 6,5 години за сосема друг тип на казнено дело, организирање на настаните од 27 април 2017 година.

    Но, решението на Судот за Трајко Вељаноски го нема во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ. Само Рашковски е апострофиран, што пак, укажува на селективност во комуникацијата со јавноста на партијата. Ова е важен елемент кој исто така води до препознавање на спинот.

    Зашто, ако се појде од тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека под власт на СДСМ правдата е мислена именка, бидејќи апелацискиот суд донел решение за укинување на мерката притвор за Драги Рашковски и тоа се образложува со тврдење дека „пиунот Ковачевски го ослободил миленикот на Заев“, тогаш се поставува и прашањето дали  Ковачевски го ослободил и Трајко Вељаноски, бидејќи и овој му е миленик на Заев? Што само по себе укажува на апсурдноста на тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ, во кое се препознава спин.

     

     


    Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар