Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во изјавата вели дека „МВР бара притвор бидејќи се исполнети условите за такво барање“, а во врска со подметнатиот пожар пред влезната врата на културниот центар „Ванчо Михајлов“. Министерството не е институција која може да бара притвор за одредено осомничено лице. МВР единствено може да поднесе кривична пријава до обвинителството и тука завршува неговата надлежност. Понатаму, случајот го презема обвинителството, а крајната одлука ја носи судот
Откако се утврди дека познатиот македонски поп пејач Ламбе Алабаковски го подметнал пожарот пред влезната врата на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во саботата утрото (04.06.2022) во Битола, а настанот предизвика бурни реакции во јавноста поради спорот меѓу С.Македонија и Бугарија, на прес-конференција излезе министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој меѓу другото изјави дека „МВР ќе бара притвор за сторителот“.
Доцна синоќа е извршен претрес во домот и во други домови каде што живее сторителот, пронајдени се облеката и други предмети кои го поврзуваат со кривичното дело. Тоа значи дека имаме несоборливи докази, лицето е приведено во полициската станица и во моментов очекуваме да биде изведен пред судија на претходна постапка во битолскиот Основен суд. МВР бара притвор бидејќи се исполнети условите за такво барање, изјави Спасовски.
[Извор: Фејсбук – МИА; Датум: 07.06.2022; минута 4.20-5.50]
Министерот за внатрешни работи Спасовски во изјавата вели дека „МВР бара притвор бидејќи се исполнети условите за такво барање“. Министерството не е институција која може да бара притвор за одредено осомничено или обвинето лице. МВР единствено може да поднесе кривична пријава до обвинителството и тука завршува неговата надлежност. Понатаму, случајот го презема обвинителството, а крајната одлука ја носи судот.
Според Законот за кривична постапка, само јавните обвинители имаат право да поднесат предлог за определување мерка притвор. Овој предлог најчесто се поднесува како дел од барањето за спроведување истрага во кое мора да бидат назначени околностите од кои произлегува основаното сомнение дека обвинетото лице е сторител на кривичното дело. Во предлогот за притвор, обвинителот треба да ги наведе законските основи поради кои смета дека е потребна примената на предложената мерка и поединечно да ги образложи. Предлогот за мерката притвор се поднесува до судот, односно до судијата на претходна постапка, кој одлучува дали ќе го прифати или ќе го одбие.
Ова значи дека МВР нема никаква надлежност при поднесувањето на барање за мерка притвор, ниту пак има било каква надлежност при одлучувањето во врска со примената на оваа мерка.
Во однос на изјавата на Спасовски реагираа и повеќе адвокати. Адвокатот Јанаки Митровски изјави дека министерот треба да биде километри одалечен од помислата да бара притвор.
Нема никакви ингеренции како министер и ова не може никако поинаку да се перцепира, освен како директен политички притисок, вели Митровски.
Со слична реакција на својот профил на Фејсбук се огласи и адвокатот Сашко Дукоски.
Врз основа на кој важечки законски пропис министерот вели, МВР ќе бара притвор за сторителот, и продолжува „сметаме (тие сметале) дека биле исполнети сите законски услови за определување притвор! Кога последен пат го видов Законот за кривична постапка, а прилично често го гледам, императивно пишува дека притвор се определува на барање на јавен обвинител. Каква врска со определување притвор има полицијата? Врз основа на која одредба, тие ќе барале притвор? Тие ќе поднесат кривична пријава и тука завршува нивната работа. Ако не па, нема потреба од јавен обвинител и судија, одма нека пресуди МВР. И пресудата веднаш да стане правосилна!
Обвинителството побара осумдневен притвор за Алабаковски поради можност и опасност од бегство, бидејќи тој до неодамна живеел во САД. Судење ќе има скоро, оти обвинителството поднесе обвинителен предлог за предизвикување општа опасност, каде е предвидена казна од шест месеци до пет години затвор. За кривични дела до 5 години затвор, се поднесува обвинителен предлог, а не обвинение. Кај обвинителниот предлог сите рокови се кратки, постапките се економични, па оттаму и судската одлука за Алабаковски ќе биде брзо изречена.
Сето ова значи дека од рацете на МВР, случаите преминуваат во рацете на јавните обвинителства и на судовите. Токму затоа и постои поделба на власта, на законодавна, извршна и судска, а секоја од нив има специфични цели и задачи. Целта е да се спречи некоја од властите да ја злоупотреби моќта. Оттаму, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не би требало ниту да алудира дали на одредено осомничено или на обвинето лице треба да му се одреди притвор, а најмалку да изјавува дека тој бара да му се одреи притвор. Поради ова, неговата изјава ја оценуваме како недоследна.
Оцени: Мери Јордановска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар