Отстранет дефектот на системот за дотур на вода, водоснабдувањето постепено ќе се нормализира
Екипите на ЈП „Водостопанство Кумановско-Липковско Поле“ го отстраниле големиот дефект на системот за наводнување, поради кој беше прекинат дотурот на вода до Филтер-станицата во Куманово. Дефектот предизвика недостиг на вода за пиење и намален притисок во поголемиот дел од градот.
Директорот на претпријатието, Дарко Живковски, вели дека околу 10 часот започнало постепено пуштање на водата во системот, по што ќе бидат обезбедени потребните количества за нормално снабдување на градот.
„Водата мора постепено да се пушта во системот за да не дојде до пукање на цевките. Проблемот беше во дефектот, а не во рестрикција, бидејќи имаме доволни количества вода во браните“, изјави Живковски.
Од ЈП „Водовод“ велат дека со воспоставувањето на нормален дотур на вода ќе се нормализира и водоснабдувањето на сите потрошувачи.
Вчера попладне двете водоснабдителните претпријатија во Куманово соопштија дека поради дефект на доводниот вод ќе има намалено водоснабдување во општина Куманово.
„Поради дефект на четири гранки од системот за наводнување, беше исклучен доводниот вод „бајпас“, а поради дефект беше исклучен и стариот доводен вод, со што значително се намали количината на сирова вода што пристигнува до Филтер-станицата“, беше соопштено.
ЈП„Водовод“ Куманово ги ставило во функција сите сопствени ресурси за водоснабдување, но предупреди на можни краткотрајни прекини во повисоките делови на градот, како и намален притисок во водоводната мрежа во пониските делови.
По санацијата на дефектите на доводните водови, водоснабдувањето постепено ќе се нормализира.