×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Пратеникот Лефков дезинформира дека ќе се укине безвизниот режим со ЕУ

    20.12.2021 08:38 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Миле Лефков на Фејсбук и Твитер пишува неточно тврдење дека Европската унија го укинува безвизниот режим за македонските граѓани. Пратеникот спинува најава за која македонските медиуми пишувале уште во 2016 година, дека Европската унија воведува систем за проверка, што ќе важи од крајот на 2022 година. При тоа, Лефков споделува принтскрин од информациите за функционирање на програмата, објавени на официјалниот сајт на Европскиот систем за информации и овластување за патување ЕТИАС.

    Пратеникот Лефков дезинформира дека ќе се укине безвизниот режим со ЕУ

     

    Македонија наместо датум, доби нов протокол за патување во ЕУ!

    ЕТИАС visa waiver!

    Кузевска , Кастриот , Ковачевски, па зошто не кажувате вакви работи?

    Чао безвизен режим!

    Извор: Фејсбук пост на Миле Лефков, датум: 16. декември 2021

     

    ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

    Нема промена во безвизниот режим меѓу ЕУ и РС Македонија. Како и за останате граѓани од тнр. „трети земји“ и за македонските граѓани од крајот на 2022 година ќе важи Програмата за гранична проверка на странците кои влегуваат во Шенген зоната. Програмата важи и за граѓаните на 60 други земји од светот, меѓу кои и за граѓаните на Велика Британија, САД, Канада и Јапонија. Објавата на пратеникот добива дополнително внимание и поради заклучоците од Советот за општи работи од 14 декември, каде поради противењето на Бугарија, ЕУ не одреди датум за одржување на меѓувладината конференција со Македонија.

    Во 2016 година беше најавено дека Европската Комисија ќе предложи ваква програма, додека во 2018 година во време на Бугарското претседателство, беше усвоена од Европскиот совет.

    Како што објаснува на ЕТИАС на својот сајт, Европската унија ја создаде оваа програма за да се подобри безбедноста на земјите-членки на ЕУ од Шенген зоната преку снимање на податоци за патниците на кои им е дозволен влез без виза.

    Главната цел на воведувањето на ЕТИАС за Европа е да се идентификуваат можните закани или ризици поврзани со посетителите кои патуваат во која било од земјите од Шенген зоната. До крајот на 2022 година, сите посетители на кои моментално не им е потребна виза за влез во Европа, ќе се очекува да поднесат барање за овластување за патување ЕТИАС.

     

    Како ќе функцира програмата?

    Македонските граѓани имаат слично искуство со патувањето во Грција каде од 24 мај 2021 година,  за влез се пополнува ПЛФ формулар (PLF – Passenger Location Form), по што електронски се добива потврда во рок од 24 часа пред патувањето.

    Со најавената ЕТИАС програма на ЕУ, за да аплицираат онлајн за ЕТИАС, на апликантите им треба валиден пасош, е-пошта и дебитна или кредитна картичка за да ја платат таксата за апликација. Се плаќа 7 евра такса за административна обработка на барањето. Апликацијата бара од патниците да ги пополнат основните биографски информации, вклучувајќи го целото име, датумот на раѓање и земјата на живеење. При пополнување на апликацијата, апликантот треба да ги даде податоците за својот пасош. На крајот од процесот, ќе има сет безбедносни и здравствени прашања.

    Повеќето апликации ќе бидат обработени за неколку минути. Сите апликации се проверуваат низ низа безбедносни бази на податоци. Откако апликацијата ќе биде ревидирана, апликантот ќе добие порака со потврда со овластувањето за патување на наведената е-пошта. Одобрението ќе важи три години од издавањето.

    Програмата се однесува за патниците кои планираат краткорочен престој во земјите од ЕУ до 90 дена. Од патници кои патуваат од туристички или од деловни причини, се очекува да имаат одобрен ЕТИАС кога патуваат во која било од земјите-членки на Шенген.

    Сервисот за проверка на факти во 2016 година ги дебанкираше пишувањата на неколку македонски медиуми дека системот почнува веднаш.  Европската унија неколку пати ја одлагаше примената на програма за прверка на патниците, која првично беше најавена за јануари 2021 година.

    Во 2009 година ЕУ ги укина визите за македонските граѓани. Воведен е систем на мониторинг на спроведување на овој режим и има пропишан систем на суспензија доколку има прекршување. Иако изминатите години имало неколку барања од земји на ЕУ за уникување на безвизниот режим за земјите од Западен Балкан, безвизниот режим е важечки и се применува во сите земји од ЕУ.

    Наведените факти потврдуваат дека погрешно е тврдењето дека се укинува безвизниот режим со ЕУ. Точно е дека се воведува нов систем на проверка на патниците кои ќе престојуваат во Шенген зоната, што не значи воведување визи. Овој систем нема да се применува само за македонските граѓани, туку и за граѓаните на 60 други земји.

     

    Извори:

    Фејсбук, пост на Миле Лефков 0д 16.12.2021 година (Проверено 17.12.2021)

    Факултети.мк, Од 2021 година ќе се плаќа за влез во ЕУ,  27.04.2018 година (Проверено 17.12.2021)

    ТВ Сител ЕК предлага дополнителни гранични проверки за странци кои патуваат во ЕУ без визи, , 16.11.2016 (Проверено 17.12.2021)

    Европски систем за информации и овластување за патување, Како функционира ЕСТИАС системот? (Проверено 17.12.2021)

    Систем за проверка на факти, Ќе се плаќа за влез во ЕУ, но од 2021 година, 18.11.2016 година (Проверено 17.12.2021)

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар