Деветтоодделенката Сара Стефановска државен и олимписки првак по информатика

29.05.2021 10:51 | KumanovoNews

Сара Стефановска, деветтоодделенка од Крива Паланка, има само 15 години, а веќе е државен и олимписки првак по информатика. Досега има освоено и два златни медали на Македонските јуниорски олимпијади (2020 и 2021 година) и бронзен медал на Европската младинска олимпијада по информатика.

Деветтоодделенката Сара Стефановска државен и олимписки првак по информатика

Со само 10 години започнала да програмира и толку многу се усовршила што веќе држи курсеви за ученици, кои исто така освојуваат награди на државни и регионални натпревари.

За оваа полуматурантка велат дека е вистински вундеркинд по информатика, а годинава е прогласена и за првенец на генерацијата во ООУ „Јоаким Крчовски“. Иако е многу млада, веќе се вбројува во врвните европските таленти. Особено е горда на успехот од минатогодишниот натпревар на 4-та Европска јуниорска олимпијада по информатика, чиј организатор била Грузија. Според постигнатите резултати од целогодишниот циклус на натпревари, во организација на Здружението на информатичари на Македонија, била избрана да стане дел од македонскиот тим и во конкуренција на рекорден број од 92-ца учесници од 27 земји го освоила бронзениот медал на овој елитен образовен настан по програмирање. Постојано учествува на меѓународни натпревари и се натпреварува со програмери од целиот свет.

„Откако започна пандемијата и натпреварите со физичко присуство се одложија или се одржуваат онлајн, главно сум насочена на codeforces.com, странски сајт за натпреварувачко програмирање, а има и многу сајтови на кои има многу задачи. Тука наоѓам кратки онлајн натпревари на кои учествуваат многу програмери од целиот свет, каде, пред се, рекреативно учествувам за да останам во кондиција за натпревар, што е особено битно кога се работи за програмирањето. Најважна е конзистентноста, постојано да се работи за да се напредува“, вели Сара.

За информатиката отсекогаш имала интерес, а во светот на програмирањето ја вовел нејзиниот татко, кој по професија е програмер. Уште од 4-то одделение тој започнал да ја подучува програмирање, а веќе во 5-то одделение почнала да се натпреварува и тоа со повозрасни категории. Во 7-мо одделение го освоила првото место и на регионалниот и на државниот натпревар по информатика, а истата година била дел и од јуниорскиот тим на Македонија, кој учествувал на МГ купот во Србија и на Европската јуниорска олимпијада по информатика во Марибор, Словенија.

„Веднаш го засакав програмирањето, бидејќи можев да создавам нешто мое, сопствено и да напредувам во тоа. А штом дознав дека има натпревари за програмирање и во основно веднаш се вклучив во нив. Програмирањето е како игра со бесконечно многу можности и јас уживам во тоа, да креирам и постојано да создавам нешто ново, посовршено, поефикасно за работа“, вели Сара.

Интересно е што за натпреварите дознала од нејзината баба, која случајно на телевизија видела дека се одржуваат натпревари во програмирање во нашата држава.

„Баба ми редовно гледа телевизија и таа ме информираше дека има сајт mendo.mk, на кој се одржуваат натпреварите по програмирање во Македонија. Таму ги има и задачите од претходните натпревари, а има и некои воведни предавања и почетнички задачи. Овој сајт е најдобар за почетници, но и за понапредни, секој што сака да се испроба во програмирањето може да си направи профил и да започне со програмирање. Единствено се потребни компјутер, интернет и желба“, појаснува Сара.

По основата што и ја дал нејзиниот родител, денес Сара информациите и знаењето ги црпи од интернет, од каде вели дека може се да се научи. Исто така, има голема поддршка и од нејзината наставничка по информатика Наташа Колевска која има само пофални зборови за неа.

„За Сара информатиката е голем предизвик, како и успех и гордост за нашето училиште. Уште од десетгодишна возраст почна да се натпреварува на натпреварите за програмирање во С++ програмскиот јазик, кои ги организира Здружението на информатичари на Македонија. Поттикнати од нејзиниот пример, почнаа да се натпреваруваат и други ученици на кои Сара им е голем поддржувач и несебично ги споделува своите стекнати знаења и искуства, за да и тие најдобро се претстават на натпреварите во програмирање. Како нивен ментор ги поттикнувам да го засакаат програмирањето и тоа да им биде нивна идна професија како една од најбараните на пазарот на труд“, вели Колевска.

Дека е тоа токму така, се потврдува со фактот што пред 2 години Сара започнала да организира и курсеви за програмирање за почетници. Сакала да им го пренесе знаењето на своите соученици, но и да ги охрабри дека информатиката е многу убава и интересна наука. Некои од нив се откажале, но некои навистина се заинтересирале, почнале да се натпреваруваат и да освојуваат награди на државни и регионални натпревари.

„Неколку години по ред само јас одев на натреварите по информатика од целиот град. Сакав да го споделувам моето знаење со останатите, тоа навистина ме исполнува, па поканив некои другарчиња од моето училиште и започнав да ги подучувам. Некои од нив многу се заинтересираа и учествуваат на натпревари на кои покажуваат одлични резултати и планираат да продолжат со програмирање. Да се има програмерски тим со кого можеш да се подготвуваш и заедно да одите на натпревари е многу голем успех, кој може да се споделува и мултиплицира“, посочува Сара.

Таа планира своето образование да го продолжи во Државната математичко-информатичка гимназија во Скопје, отворено минатата година, како специјална гимназија за исклучително талентирани ученици. Ова за Сара е најголем интерес, но сепак таа е подеднакво успешна и на многу други полиња. Се натпреварува и добива награди и по физика и математика, го сака спортот и ја обожува музиката. Како талент учествува на Франкофонијата, подготвува свои сопствени кавери на јутјуб, се натпреварува во пеење и секогаш има исполнето слободно време.

(Ж.Цветковска)

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk