Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Гео-вредностите на локалитетот Куклица, кратовско ќе се документираат, анализираат и доистражуваат за да се обезбеди соодветна заштита на ова вредно природно наследство.
Активностите се дел од проектот „Мониторинг на природното наследство на споменик на природата Куклица“, што го реализира Здружението „Извор“ од Кратово, во рамки на Програмата за инвестирање во животната средина за 2021 година при МЖСПП.
„Проектните активности опфаќаат прибирање и анализа на постојните литературни податоци за гео-вредностите на локалитетот, споредбена анализа на гео-појавите и анализа на документи, теренска проекција, истражување и мапирање на значајни закани, како и изработка на фото документација и дигитални карти за природните и културни вредности. Мониторингот ќе се спроведува со користење на најсовремените достапни методи за оваа намена, вели Милош Димитровски, претседател на Здружението „Извор“.
Геолокалитетот Куклица е лоциран на 10 километри северозападно од Кратово, на десната долинска страна на Крива Река, во маалото Долна Куклица, на надморска височина од 415-435 метри и на површина од околу 45 хектари.
Легендата вели дека вљубената млада девојка, разочарана што нејзиното момче се жени за друга, ги проколнала и нив и сватовите, кои се скамениле.
Затоа, овој природен феномен е наречен „Скаменета свадба“ или „Весела свадба“, поради тоа што лицата на младениците и сватовите биле насмеани во моментот на скаменувањето.
Научниците, пак, објаснуваат дека камените фигури се создале пред 10 милиони години, а ерозијата на вулканските карпи создала фигури „кукли“, повисоки од десет метри. Со тек на времето природата од нив извајала ретки ремек-дела. Ваква „свадба“ нема никаде на светот и ова место е заштитено од Агенцијата за природни реткости при Министерството за животна средина.
„Овој природен споменик навистина е раритет и привлекува голем број научни истражувачи и туристи. Затоа, се наметнува потребата од функционална и вистинска заштита и следење на евентуалните деструктивни промени на овој геолокалитет, со цел тој да биде сочуван за идните генерации“, вели Димитровски.