Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Јавното осветлување во општина Крива Паланка целосно ќе биде заменето со ново енергетски ефикасно осветлување по ЕСКО модел, според европски стандарди.
Над 2.100 живини и натриумови светилки ќе бидат заменети со ЛЕД светилки, со кои ќе се обезбеди намалување на потрошувачката на електрична енергија и трошоците за оваа намена за 80 отсто.
„Досега плаќавме околу 800.000 денари на месечно ниво за јавно осветлување, а со новата енергетски ефикасна инсталација, трошоците ќе се сведат на само околу 100.000 денари на месечна основа. Како општина нема да имаме никаква инвестиција, бидејќи замената на јавното осветлување ќе ја отплаќаме од заштедата на електричната енергија. Освен што ќе се добиеме поквалитетно осветлување, се очекува и дефектите на мрежата за јавното осветлување да се сведат на минимум, бидејќи работниот век на новото осветлување е 100.000 работни часа или околу 20 години “, вели градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Целокупното постоечко јавно осветлување ќе биде заменето во следните два месеци. Договорот е потпишан со Македонски Телеком АД Скопје, а подизведувач на работите е Електроизградба ДООЕЛ Скопје. Периодот на отплатата на средствата ќе се реализира во следните 6 години, по што целокупната инвестирана опрема ќе остане во сопственост на општината. Само во текот на гарантниот период, ќе бидат заштедени околу 59 милиони денари по однос на сметки за јавно осветлување.
„Во рамките на развојот на „паметни градови“ општината сериозно работи на заштитата на животната средина и искористување на обновливи извори на енергија. Изградени се и фотоволтаици на три јавни институции, термоенергетски фасади, нова столарија, а се преземаат и други енергетски ефикасни активности“, посочува Мицевски.
Ж.Ц.