Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Децентрализацијата и заедничката соработка во областа на културата се одличен пример како со добар план, програма и стратегија може и треба да се работи за остварување на интересите на граѓаните, истакна министерката за култура Ирена Стефоска при денешната посета на Крива Паланка.
Стефоска и министерот за локална самоуправа Горан Милевски ги посетија културните институции во општината и се сретнаа со претставници на културните здруженија, со цел да се промовираат новите културни проекти, но и да се презентираат новите законски измени и програмски активности за инвестирање и децентрализирање на надлежностите во културата.
„Културните установи во Крива Паланка се редок пример како се работи професионално и посветено, особено во Градскиот музеј и Центарот за култура. Поради пандемијата оваа година голем дел од средствата од министерството за култура отидоа во капитални проекти и во санација, а идната година планираме повеќе средства за програмските активности“, рече Стефоска.
Таа нагласи дека клучна заложба на министерството е Центрите на култура да се децентрализираат, но не само формално, а и понатаму да зависат од централната власт. Направени се анализи и во тек се консултации како овие културни установи, кои работат во тешки услови, на најдобар начин и со соодветна поддршка да преминат под локални ингеренции.
Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, пак, посочи дека се воведени нови програми за урбани подрачја и за намалување на диспаритетите, со кои се инвестира во инфраструктурата во културата, здравството, спортот, високото образование и слично.
„Културната инфраструктура во општините долги години беше запоставена, а ние правиме напори да ја обновиме и да го подобриме социо- економскиот живот на граѓаните. Со новите програми во Крива Паланка ќе се реконструира внатрешноста на Центарот за култура и ќе се подобри системот за затоплување, со инвестиција од близу 5 милони денари. Истовремено, обезбедени се и околу 1,5 милиони денари за обновување на фасадата на Градскиот музеј“, рече Милевски.
Во врска со децентрализацијата, Милевски истакна дека со зголемувањето на ДДВ и пероналниот данок за општините се зголемуваат и финансиските проекции за поголема поддршка на општините, според формула на културни институции и број на жители.
„Со новите закони се воведува дополнителна фискална и институционална децентрализација за да се зголемат капацитетите на општините. Средствата нема да се распределуваат од централната власт, туку ќе се дадат на општините, а тие понатаму, заедно со граѓаните, ќе одлучат во кои приоритети ќе ги вложат“, подвлече Милевски.
Општина Крива Паланка беше посочена како редок пример каде локалната самоупорава ги децентрализира и делегира културните активности на граѓанските организации.
„Организирањето на културните настани бара човечки и финансиски потенцијал за организирање и затоа одлучивме добар дел од овие манифестации да ги преотстапиме на здруженијата. Ефектот е позитивен, бидејќи тие тоа го прават постручно, со подобри содржини и подобра организација“, рече градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.