Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Бројот на млади лица во Кратово континуирано се намалува, а иселувањето е една од клучните причини за овој проблем.
Заради миграцискиот тренд, во основното и средно образование се осипува бројот на ученици, па така во СОУ„Митко Пенџуклиски“, во учебната 2020/21 година биле запишани само околу 200 ученици.
Иако нема ажурирани демографски податоци, според последниот попис на населението од 2002 година бројот на млади од 15-29 години изнесувал 2.288, а според проценките на Државниот завод за статистика од 2015 година нивниот број се намалил на 1.825.
Сепак, овие податоци се однесуваат само на проценки, заради што се дискутабилни, а реалниот впечаток е дека бројот на младите е преполовен“, се наведува во истражувањето на Локалниот младински совет од Кратово, наменето за детектирање на потребите на младите и планирањето на активностите.
Според резултатите од истражувањето, слободното време младите најмногу го поминуваат во дружење со пријателите, прошетки, на социјалните мрежи и во спорт и рекреација, а многу помалку во читање книги.
Најмногу им недостасува парк, кино, театар, спортски клубови, вработување,музички настани, а најмногу сакаат да дискутираат за спортски настани, кинотечната дејност, за хуманитарни активности и сл.
Младите чувствуваат потреба од советување и поддршка за вработување, а најчесто би се обратиле во Агенцијата за вработување. Доколку би имале бизнис идеја во Кратово би оделе до крај да ја реализираат, но висок број сметаат и дека нема потреба воопшто да се обидуваат“, се наведува во заклучоците на Локалниот младински совет.
Но, и покрај апатичноста и пасивноста кај младите, сепак голем број од нив изразиле интерес за волонтерски активности , односно 41,2%.