Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Крива Паланка обезбеди вработувања за првите стручни лица во ЛУ Градски музеј Крива Паланка, со што е надминат долгогодишниот проблем за работно ангажирање на потребните кадри во оваа локална установа.
Вработени се три лица од областа на етнологијата, историјата и архивистиката, кои со години беа ангажирани волонтерски или со привремени вработувања. Тие ќе работат на збирките, документацијата и поставките, кои ги има во огромен број во оваа установа.
„Постапката за вработување на стручни лица траеше повеќе месеци, додека да се услогласат сите процедури, а Општина Крива Паланка покажа дека успешно менаџира со установата и во вакви услови на пандемија. Примерот на нашата општина треба да се препознае и поддржи при процесите на децентрализација од централно на локално ниво на ингеренции и права, кои ни претстојат во наредниот период“, вели директорот на Градскиот музеј, Драган Величковски.
Градскиот музеј во Крива Паланка и Музејот во Виница, се единствените музеи кои се основани и се финансираат од општините, додека сите останати музејски установи се под ингеренции на Министерството за култура и добиваат средства од државниот буџет. Досега, кривопаланечката музејска установа имаше само едно вработено лице, кое ја извршува функцијата директор, но сепак успеа низ годините да се развива и да стане носител на културните активности и зачувувањето на културното наследство во општината и регионот.
„Со новите вработувања добиваме стручна екипа, а за комплетирање на профилот на основниот стручен тим ни недостигаат археолог и историчар на уметност. Овие области ги покриваме врз основа на долгогодишната соработка со надворешните соработници, кои дадоа голем влог во нашата музејска работа“, вели Величковски.
Кривопаланечкиот музеј е пример на локална установа, која и покрај ограничените кадровски и финансиски ресурси, успеа да изгради статус на сериозна културна институција, која стана препознатлива во државата. Таа е и иницијатор на формирањето на Мрежа на локални музеи, чија цел е добивање на заслужено место на локалните музеи и обезбедување на поголема поддршка од надлежните институции на национално ниво.
Оваа установа располага со постојана историска, археолошка и етнолошка поставка, галериски простор, врши истражувања и во континуитет ја збогатува својата музејска збирка.
(Ж.Ц.)