Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Старо Нагоричане е во првата група партнер општини кои ќе работат со Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите за подобрување во искористување на сопствени средства и пристап до надворешни средства.
Програмата се спроведува во соработка со Владата и локалните самоуправи за мерливо зголемување на општинските приходи од сопствени извори, надворешни средства и стапките на извршување на буџетот во согласност со условите за буџетирање и известување на Владата на Северна Македонија.
Градоначалниците од 16 партнер-општините потпишаа Меморандум за соработка со што се заложија за подобрување на квалитетот на даночните системи, зајакнување на оперативниот капацитет на даночната администрација и подобрување на способноста на локалните самоуправи за планирање, управување и спроведување на приходите од јавниот сектор.
Градоначалничката на Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска, вели дека овој проект е значаен за нив, бидејќи ќе се стекнат со нови знаења и искуства во управување со јавните финасии.
Амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз рече дека Владата на САД е посветена во поддршката на Северна Македонија на нејзиниот пат кон европската интеграција.
„Преку оваа програма, УСАИД ќе инвестира во надминување на предизвиците што ги идентификувате за зголемување на мобилизацијата на домашните ресурси, зајакнување на даночните системи, ефикасно користење на јавните приходи и преземање поголема лидерска улога во финансирањето на локалниот развој. Сетто оваа е со цел, подобрување на услугите кон граѓаните и зголемување на нивното задоволство и доверба во локалните власти“, нагласи Брнз.
Министерството за локална самоуправа очекува дека со имплементацијата на проектот во наредните 5 години општините ќе изградат солидна административна и техничка инфраструктура за управување со јавните финансии, дека ќе ги максимизираат ресурсите со редовна наплата на локалните даноци и такси, кои ќе се праведни и предвидливи и ќе се подигне нивото на транспарентно и отчетно реализирање на буџетските средства, со учество на граѓаните.
(С.Н.)