Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Жителите од кратовските села Сакулица, Татомир, Вак`в и Шопско Рударе, денеска го блокираат регионалниот пат кај Сакулица, бидејќи останале без вода за пиење подолг период.
Тие се жалат дека се соочуваат со недостиг на вода во период на натпросечно високи температури, па иако се обратиле до надлежните институции, досега никој не им помогнал да се реши нивниот проблем.
Инаку, жителите од овие кратовски села се снабдуваат со вода за пиење од градскиот водовод со кој стопанисува претпријатието „Силком“.
„Три недели ги молиме да ни пуштат вода. На плус 40 степени да немаш капка вода е елементарна непогода, а штета се нанесува и на добиточниот и земјоделскиот фонд. Немаме веќе трпение, моравме да го блокираме патот“, вели локалното население кое денеска протестираше.
Градоначалникот на Кратово, Љупчо Бојаџиев, најавува дека ќе биде пуштена вода за селата Сакулица и Вак`в и ги моли жителите да не предизвикуваат колатерални штети со нивните блокади.
Доколку не се реши проблемот со водоснабдувањето, населението од повеќе кратовски села за утре најавува нов протест, со блокада на патот кон Куманово.