Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Градскиот музеј од Крива Паланка, денеска беше промовирано изданието „Родослов на фамилиите Анастасови (Аџијци) и Попценеви“,чиј автор е Димитринка-Митка Аџика Котуровиќ.
Ова е прв запис за родословното стебло на една од старите градски фамилии од Крива Паланка, како вреден запис за корените, автентичните личности и историски настани од кривопаланечката историја и култура.
Корените на моите две стебла Анастасови-Аџијци и Попценеви, по таткова линија, потекнуваат од крајот на 17-от век, од предци кои биле трговци и свештени лица, за што поседувам оригинални пишани податоци, имотни листи и фотографии. Меѓу нив се свештеникот Давид јереј (син на Јоаким Крчовски и ктитор на црквата Св. Димитриј во Крива Паланка), познатите трговци хаџи Стефан Бегликчија, хаџи Маџо, Коле Арнаут и други, кои одиграле голема улога и оставиле белег во општествениот живот на овие простори. Родословот е мој аманет да не се заборават корените на кривопаланечките семејства и ова издание им го посветувам на моите ќерки Снежана и Драгана и нивните семејства, кои живеат во канада и Србија“, истакна авторката Котуровиќ.
Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевскиподвлече дека овој родослов е значаен дел од истражувачката и научната дејност за постоењето и битисувањето на градот.
Во ова дело е собрана огромна историја за постоењето на едно семејство и неговите наследници и остава неизбришлива трага за тоа кои сме , што сме и кои ни се корените. Ги охрабрувам и останатите семејства своите записи и документи да ги проследат до Градскиот музеј за да бидат архивирани и зачувани, рече Мицевски.
Издавач на делото е Градскиот музеј на Крива Паланка , а ова е првото издание од едицијата „Родослови“.
Потребно е многу време и труд за да се истражат корените и стеблото на сите наследници на едно семејство, но тоа е запис од непроценлива вредност што ќе остане во архивите на музејската институција и ќе говори за нашето потекло. Ги повикувам сите кривопаланчани, кои имаат сопствени и семејни архиви, да ги споделат со нас, а тие ќе бидат зачувани на најдобриот начин и ќе бидат достапни за нивните наследници и сите кривопаланчани, истакна директорот на музејот, Драган Величковски.
Димитринка (Митка Аџика) Котуровиќ е родена 1945 година како прво дете на Љубомир и Василка Атанасови- Аџијци. Подоцна се сели во Србија, но спомените секогаш ја навраќаат на родниот град. Таа веќе го подготвува и своето второ монографско дело „Крива Паланка и моето детство“ во кое ќе остави запис за многу кривопаланечки семејства и животот во минатото.