Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пуштен е во употреба локалниот пат Челопек - Коинце, во должина од 1,1 километар. Средствата за асфалтирање на патот во висина од 4,8 милиони денари се обезбедени преку Бирото за рамномерен регионален развој, а проектот се имплементира преку Центарот за развој на Североисточниот плански регион.
На свеченоста присуствуваше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со заменик градоначалникот Бобан Цветановски и претставници од Советот на Општина Старо Нагоричане.
„Патот од должина 1.1 км. беше во многу лоша состојба. На мое големо задоволство, жителите тука ја препознаваат грижата, дека животот оди на подобро. Во оваа прилика би напоменал дека издвоени се средства за реконструкција и изградба на уште два други патни правци и за изградба на детско игралиште, односно ќе се гради патот од Сув Ора до Карпино и од село Драгоманце до Стрновац. Продолжуваме со заложбите за модерна инфраструктура - во секое место обезбедуваме безбедни патишта, го забрзуваме и олеснуваме животот на нашите граѓани, за достоинствени услови и за повисок животен стандард“, кажа министерот Спасовски.
Патот е од голем значење, посебно за жителите на селото Коинце кои сега преку Челопек се поврзани со регионалниот пат кон Старо Нагоричане и Куманово.
„Во селото има триесетина куќи, ама покрај жителите тука има голем број на викендици, па за време на викенди и празници фреквенцијата на возила и луѓе е голема. Големо олеснување за сите нив, но и значаен пат за реватилизација на општината, значи подобра патна комуникација, овозможува поголем, побрз проток на стоки и добра, па ќе има и економски ефект, посебно за мештаните“, изјави Бобан Цветановски, заменик градоначалник на Општина Старо Нагоричане.
Патот се реконструира по 30 години откако е изграден.