Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Североисточниот, како најнеразвиен регион во државата, добил само 8,4% од вкупните буџетски средства за рамномерен регионален развој, иако го следуваат 17,3%. Во Скопскиот регион како најразвиен, пак, иако треба да бидат распределени 7,2% во средствата за оваа намена, алоцирани се дури 26,2%.
Ваквата статистика покажува дека распределбата на средства по региони не е извршена согласно утврдениот степен на развиеност и дека политиките за регионален рамномерен развој не ги даваат очекуваните резултати за намалување на диспаритетите помеѓу региони.
Недоследната примена на развојниот индекс при распределба на средствата во сите региони е забележана од Државниот завод за ревизија во извештајот за успешност на темата „Рамномерен регионален развој со посебен акцент на демографијата“,со цел да се даде одговор на прашањето: „Дали системот за управување со политиките за рамномерен регионален развој обезбедува
ефективно намалување на диспаритетите во и помеѓу планските региони и нивната соодветна демографска, економска, социјална и просторна кохезија?“.
За поттикнување на рамномерниот регионален развој од Буџетот на државата годишно треба да се издвојуваат средства од најмалку 1% од БДП, кои за финансирање проекти се распределуваат по плански региони, согласно Одлука за класификација на планските региони и степенот на развиеност.
Со ревизијата на Државниот завод за ревизија се забележува тренд на пораст на издвоените средства за оваа намена во последните години, но истите не се во висина на законски утврдените.
„Во периодот 2019 - 2021 година, од Буџетот на државата, во функција на рамномерен регионален развој, алоцирани се средства во вкупен износ од околу 9 милијарди денари, што претставува 46% од законски утврдениот минимум, а искористени се 83% односно околу 8 милијарди денари“, стои во извештајот на ДЗР.
Од вкупниот БДП на Република Северна Македонија, 43% се создава во Скопскиот регион што е за повеќе од 8 пати од БДП во Североисточниот регион кој во вкупниот БДП учествува со само 5% и има највисока стапка на невработеност од 32,4% .
Генерален заклучок е дека и покрај преземените активности на централно и регионално ниво во претходните години, социоекономските и демографските диспаритети помеѓу и во рамките на планските региони не се намалени.
„Константните регионални разлики во социо-економскиот развој укажуваат на неефикасно планирање на активностите за ефективно остварување на политиката за рамномерен регионален развој, за што е потребно ревидирање на предвидените мерки на национално, регионално и локално ниво и координирано дејствување за намалување на диспаритетите, зголемена атрактивност на регионите и поквалитетен живот на населението“, информираат од ДЗР.
(фото.архива)