Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
За првпат од учебната 2021/2022 година, во средното училиште СОУ„Ѓорче Петров“ од Крива Паланка, ќе биде воведена здравствена струка за образување на профилот медицинска сестра.
Предвидено е да има една паралелка со вкупно 34 ученици, во траење од 4 години, а според критериумите од Конкурсот за упис на Министерството за образование и наука, кандидатите треба да освојат минимум 70 поени за да се запишат во оваа насока.
Отворањето на здравствената струка е резултат на истражувањата и дебатите за потребните профили во јавните установи и бизнис секторот во општината и регионот. Приоритетите на побарувачката на пазарот на труд беа идетификувани преку процесот на реформите и унапредувањето на стручното образование, во рамки на проектот „Учи паметно, работи стручно“, кој МОН го спроведе во велата држава. Од овој процес произлезе дека има потреба од отворање на паралелка од здравствена струка, која во иднина би била апсорбирана во здравствените установи и во делот на обезбедување на соодветни здравствените услуги во општината и регионот.
Интересот на учениците за медицинските струки е многу голем, а досега тие беа приморани да се запишуваат во стручните училишта во Куманово, Скопје и Штип. Со отворањето на паралелката за медицински сестри во Крива Паланка видно се олеснува пристапот до образованието и се намалуваат трошоците што паѓаа на товар на семејниот буџет.
Планот за упис на учениците во СОУ„Ѓорче Петров“ е одобрен од Советот на општина Крива Паланка, а здравствената струка е дел од новообјавениот конкурс за упис на ученици од страна на МОН.
(Ж.Ц.)