Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Развојните можности во женското претприемништво во Североисточниот плански регион, беше темата на вчерашниот форум кој се одржа во Занаетчискиот дом во Куманово. Жените од регионот дебатираа за условите на жените за покренување и водење на сопствена компанија и статусот што жените во современото општество.
Како се снаоѓаат во бизнис водите, менаџерските позиции и што би можеле да направат и постигнат со сопствено залагање. Што недостасува за да се достигне стабилност, просперитет и успешно раководење со компаниите на кои се сопственички или се наоѓаат на челните позиции.
Претседателката на Националната платформа за женско претприемништво (НПЖП) Валентина Дисоска се залага за поголема пристапност до помошни фондови и актуелизирање на женското претприемништво за да се олесни на старт ап компаниите да го најдат своето место на пазарот.
„Во Македоија 51% од населението се жени. Помалку од 30 проценти од компаниите се во сопственост на жени. Обртот во тие компании е помалку од 9%, што значи дека зборуваме за средни, мали но повеќето за микро и нано претприемачи жени. Во нашето општество нема едукација за претприемачки. Затоа и се формираше здружение на бизнис жени за да се помогне во формирањето, но и растот и развојот на нивните компании. Должност ни е да ги пренесеме знаењата, да ги предочиме можностите и да го споделиме искуството по 20 годишно работење во сопствени претпријатија“, изјави Дескоска.
Во 2019 година е донесена Националната платформа за женско претприемништво(НПЖП) заедно со Министерството за економија, која сега се пренесува на локално ниво. Со ваквите форуми, во соработка со локални координаторки, го споделуваат знаењето и она што го одработиле досега, го презентираат и остваруваат соработка со сите градоначалници и инсистираат на формирање на совети. Во советите, преку координаторките на платформата ќе се направат локални стратегии и локални акциски планови, и чекор по чекор ќе се направи простор за зајакнување на економиите.
Свое видување на темата даде и градоначалничката на Општина Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска.
„Локалните самоуправи немаат доволен капацитет да им помогнат на жените претприемачки во руралната средина. Ако им дадеме подршка тие многу побрзо би се охрабриле да се нафатат на ваков чекор. Предрасудите во руралните средини се по дифолт поголеми и жените ги сместуваат во домот, со домашни обврски и грижење за семејството. Но, и тука стереотипите се рушат, а ние треба да им дадеме ветар во грбот“, истакна Јовановска.
Градоначалникот Максим Димитриевски кажа дека Куманово е носител на општествени процеси и промени, па и во областа на женските права и дело го покажува тоа, бидејќи голем дел од раководните функции во локалната самоуправа ги имаа жените.
„Во Куманово од 5 средни училишта со 3 раководат жени. Од сите сектори во општината со повеќе од половина раководат дами, кои успешно менаџираат со овие сектори. И шефот на обезбедувањето во Општина Куманово е жена. Денеска тие можат да возат и автобус, пред некој ден читав дека и жена вози товарно возило, што значи дека на дело ги рушиме тие бариери“, ги поздрави присутните Димитриевски.
Проектот е финансиран од Европската Унија и се спроведува во сите 8 региони во Македонија.