Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
При крај е рехабилитација на регионалниот пат од кривопаланечкото село Узем до рудникот Тораница, во должина од 10 километри. Со негова реконструкција ќе го олесни секојдневното функционирање на жителите од регионот и ќе се подобрат условите за работа на еден од најважните индустриски капацитети во кривопаланечкиот регион, рудникот Тораница. Комплетната рехабилитација на патот се очекува да заврши во август годинава.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми рече дека вкупната вредност на рехабилитацијата на патната делница Узем-Тораница е во износ од 1.75 милиони евра, пари обезбедени од Европската Банка за обнова и развој.
„Градежните активности се во тек, досега е изведена набавка, транспорт и вградување на прв, израмнувачки слој, како и набавка, транспорт и вградување на втор, завршен слој. Останува изведба на сигнализација и обележување на патот и опремата на патот“, рече Рустеми.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, смета дека сите инфраструктурни инвестиции што се реализираат се значајни за развојот на Кривопаланечкиот Регион.
„Со сите градежни активности коишто беа направени во изминатиот период и активностите што моментално се спроведуваат, и со оваа делница, Крива Паланка станува развојна точка. Ова е помош за локалното население и огромна помош за рудникот Тораница во којшто работат и од него опстојуваат околу 370 семејства“, рече градоначалникот Мицевски.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во своето обраќање потенцираше дека во моментов се рехабилитираат и градат повеќе патни правци во овој регион, а инвестицијата изнесува преку 80 милиони евра.
„Особено сум задоволен што во овој момент целата патна врска од Куманово до границата во Бугарија се модернизира. Неодамна започнавме со рехабилитација на патниот правец од Куманово до с.Војник како прва фаза. Во продолжение како втора фаза го рехабилитираме патот од с. Војник до Страцин. Во меѓувреме градиме нов експресен пат од Ранковце до Крива Паланка. Тука би сакал да спомнам дека овој месец ЈП за државни патишта објави тендер за доизградба на првата делница. Ја прошируваме со трета лента делницата од Крива Паланка до граничен премин Деве Баир“, рече министерот Бочварски.
Од регионална гледна точна, овој дел на државата е стратешки важен поради Пан Европскиот Коридор 8. Инвестициите во патната инфраструктура продолжуваат со зголемен интензитет и во наредниот период. Се очекува долга градежна сезона и отворање на дополнителен фронт за работа и за домашните компании.
Увид во градежните работи на терен извршија заменик-претседателот на Владата, Љупчо Николовски, со министерот Бочварски и директорот Рустеми и градоначалникот Мицевски.
(Ж.Ц.)