Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Јубилејната 80-годишнина од фомрирањето на Трета Македонска ударна бригада беше свечено одбележана во селото Жегљане.
Прославата ја организираше Сојуз на борци Куманово, а присуствуваа делегации од здруженија, организации, членови на општинските администрации и јавни установи.
Поздравниот говор го одржа заменик градоначалникот на Старо Нагоричане, а реферат за историјата од формирањето и дејствувањето на бригадата прочита членката на претседателството на сојузот Зора Ивановска.
„Одржавме Свечена академија, а подоцна и пригодна културно уметничка програма. Учениците од училиштето „Христијан Карпош“ од селото Драгоманце рецитираа песни од Ацо Шопов, кој бил борец на Трета МУБ, настапи оркестарот „Симфониум“ од Гимназијата Гоце Делчев од Куманово, а учениците од „Перо Наков“ ја изведоа „Ко челик сме ние“, која била химна и марш на бригадата, по музика на Панче Пешев и текст на Шопов“, истакна Цоки Ристевски, претседател на сојузот.
Од Куманово до Жегљане имало организиран превоз со 3 мини- автобуси за заинтересираните граѓани, но имало и такви кои дошле со сопствен превоз. Околу 250 луѓе присуствувале на настанот.
Ова е традиционален настан во чест на Третата македонска ударна бригада, која била формирана во село Жегљане, Кумановско на 26 февруари 1944 година. Се состоела од баталјонот „Стив Наумов“ и кумановските баталјони „Јордан Николов - Орце“ и „Христијан Тодоровски - Карпош“. За командант на бригадата бил избран Тихомир Милошевкси, а политички комесар Кирил Михајловски- Груица. Бригадата била одликувана со Орден братство и единство и Орден народно ослободување.