Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Состојбата на жителите од Герман, Станча, Пклиште и Криви Камен од општина Ранковце станува алармантна, откако останаа завеани поради обилните снежни врнежи.
Тие веќе една недела се отсечени од светот поради непроодниот пат, на кој има снежни навеви од 1-1,5 метри. Исто толку време се и без струја поради оштетувања на електричната мрежа.
Градоначалникот на Ранковце, Ивица Тошевски, апелира до надлежните што поскоро да се пробие патот до овие села, затоа што состојбата со жителите станува критична.
-Има болни луѓе на кои им е потребна медицинска помош, а не можат да стигнат до здравствените установи. Жителите ги трошат и последните резерви на храна, а немаат ниту храна за добитокот. Ги молам надлежните да преземат итни мерки за расчистување на патот, затоа што се работи за здравјето и животот на жителите, вели Тошевски.
Тој објаснува дека екипите на ЕВН со санки се пробиле до селото и ги поправиле оштетувањата на електричната мрежа, но за кратко време повторно дошло до дефект поради неповолните временски прилики и жителите се уште се без струја.
-Во Герман има и подрачно 9-годишно училиште, но учениците веќе 10 дена не можат да одат на настава, ниту пак наставниците можат да стигнат до училиштето, посочува Тошевски.
Патот Ранковце-Герман, кој го користат и жителите на селата Пклиште, Станча и Криви Камен е регионален пат, кој е во надлежност на „Македонија пат“. Деновиве се преземени активности за расчистување на патот, но тој се уште не е пробиен и оспособен за сообраќај.
-Ги повикувам надлежните под итно да интервенираат со соодветна механизација, без одлагање и префрлање на топката од еден на друг. Се работи за околу 250 жители кои навистина се во тешка состојба, без пат и струја.
Секојдневно ми се јавуваат по најмалку 50 жители и бараат помош од мене. Не можеме да ги оставиме луѓето во вакви услови, реагира Тошевски.
(Ж.Ц.)