×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кумановецот Никола Давидовски - Коле ја испеа најубавата патриотска песна „Земјо моја“

    08.09.2023 09:20 | Оливера Пешевска , Сузана Николиќ

     Патриотскиот хит „Земјо моја“, кој пред 46 години го отпеа Никола Давитковски - Коле (74) од Куманово е неофицијална химна без која не може да помине ни една официјална државна и локална прослава и на која никој не останува рамнодушен

    Кумановецот Никола Давидовски - Коле ја испеа најубавата патриотска песна „Земјо моја“

    "Колку векови во темнина си била, колку темни сказни знаеш, земјо мила, колку страдања на рамена си збрала, колку жртви ти за слобода си дала..." се дел од стиховите на песната "Земјо моја", која во 1977 година на Скопскиот фестивал ја испеа Давидовски, а ќе се пее и денеска на Денот на независнота на Македонија.

    Изведувачот на големиот хит со гордост се потсетува на времето кога, пред 46 години, ја испеал композицијата на Јане Коџобашија и уште веднаш почувствувал дека неговиот хит долго ќе живее. Многу од македонските музичари ја сметаат за најубава патриотска песна и за неофицијална химна на државата испеана со антологискиот глас на Давидовски. 

    "Луѓето ја сакаа песната, бидејќи во себе содржи силна порака за македонскиот народ. Пеев во Јајце, на големите концерти на тогашната ЈНА во Белград, во Титоград и во други градови, а кога дојде Тито во Скопје, целиот град ечеше со 'Земјо моја'. Убаво е тоа чувство кога ќе слушнете дека народот во хор ја пее вашата песна", раскажува Коле. 

    Во времето кога настанала песната Коле работел во Радио Скопје и почнал поинтензивно на пее и да настапува. Така се запознал со новинарот Коџобашија и започнала нивната соработка. 

    „Самиот тој ме повика да преслушам две песни кои веќе му беа подготвени. Кога ја слушнав веднаш реков дека ќе ја земам. Подоцна и другата ја преслушав, но одлуката веќе беше донесена. Ми легна на „прва“. Само што ја почнав песната на Фестивалот, уште на првите неколку стиха добив бурен аплауз, а кога го испеав првиот рефрен, публиката веќе беше на нозе и аплаудираше. И не згрешив, и денеска по 46 години песната уште трае и кој знае уште колку ќе трае“, се сеќава Давидовски, кој вели дека по Фестивалот неговата популарност драстично пораснала, па покани за снимање доаѓале од сите страни на поранешна СФРЈ.

    Тој додава дека некогаш пејачите морале да се изборат за своето место на фестивалите и да се докажат на аудиција, а не како денеска да си го купат учеството. Конкуренцијата секогаш била силна, но тој никогаш немал проблем поради неговиот талент. 

    „За настапи на фестивал се пријавуваа и по 1000 души. Тогаш бев многу сигурен, дека добро ќе отпејам. И песните кога ги бирав и кога изведував знаев дека кога ќе се наежам дека нема грешка во настапот  и изборот“.

    (Фото архива 2011: Никола преку фотографиите се потсетува на успесите  и убавите времиња)

    Од осамостојувањето на државата "Земјо моја" продолжила да живее,  но Давидовски е заборавен. Него ретко го викаат да настапува на културните манифестации, а спотовите каде што тој на млади години пеел, заменети се со нови, со предели и убавините на Македонија.

    „Безброј пати сум настапувал без надокнада. Никогаш не сум одбил кога требало да се настапува за својот град. Јас сум човек кој мислам дека треба да се почитува дадениот збор и постигнатиот договор. Последен пат настапував во Центарот за култура, на концертите посветени на Миодраг Божиноцски - Мичо и кога Маргица Антевска одбележуваше јубилеј од музичката кариера“, раскажува Коле.

    Но, и покрај оваа посветеност овој скоромен човек, кој не знае да се фали, да се пробива,  да се умилкува, нема награда или признание за она што го направил.

    „Имам само пофалници. Бев предложен за Ноемвриска награда за животно дело, но некој сметаше дека не треба да ја добијам“, вели Никола.

     Тој нема формално музичко образование, а учел од чичко му кој многу убаво свирел гитара и сонувал да има пијано.  Израснал во културно - уметничкото друштво „Илинден“. Кога се оженил со сопругата Снежана прво што купиле било пијано, бидејќи тоа му било желба, иако како  млад брачен пар се уште немале мебел. Покрај на гитара и на пијано, Коле  чука и на тапани. Има напишано и музика за аматерски претстави во театар Куманово.

    Ќерките Александра и Марија се талентирани, но професионално се занимаваат со сосема други професии, а ни внуците не покажуваат желба и амбиција да се занимаваат со музика.

    Како пензионер од кумановската „Кожара“ пејачот на познатиот хит сега не може да настапува поради нарушено здравје, па во кругот на своите најбиски и се сеќава на музичката сцена и успехот што го имал.

    Давидовски има снимено 30-тина песни. Настапувал на многу фестивали и градови низ поранешната СФРЈ, како што е еден од најреномираните фестивали во Опатија, а често гостувал и во Белград во телевизиски емисии и музички шоу. 

    Во Куманово, пак,  имал безброј настапи во Домот на ЈНА, во Гимназијата и во Соколана. Со задоволство се сеќава на забавите организирани за пречек на новата година, Денот на армијата, за 8 Март. Пеел и на младинските акции со покојната Сашка Петровска, Лена Трајковска, Цветанка Ласкова, Андре Сопронов, Верица Ристевска, а најмногу соработувал со Јане Коџобашија, Кире Костов и неговиот сограѓанин Миодраг Божиновски - Миче.


    Земјо моја

    Колку векови во 
    темнина си била, 
    колку темни сказни
    знаеш, земјо мила.
    Колку страдања на
    рамена си збрала, 
    колку жртви ти за
    слобода си дала.
    Знае сводот вечен,
    знае сиот свет, 
    кога Вардар течел,
    миел ропска клет.
    Колку света сила в
    гори твои се зби, 
    колку биваш мила
    земјо, мајко ти.