×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Хуманистката Мариа Дибиаџио отвори ранч за коњи во Ранковце - место за терапија и уживање во природата

    08.01.2022 11:36 | Жаклина Цветковска

    Младата и амбициозна хуманистка, Мариа Дибиаџио, која живее на релација САД - Македонија, позната по голем број на реализирани хуманитарни акции во земјава и странство, пред неколку месеци отвори ранч за коњи и други животни во Ранковце, кој е адаптиран и за лицата со попреченост.

    Хуманистката Мариа Дибиаџио отвори ранч за коњи во Ранковце - место за терапија и уживање во природата

    Новиот проект е прекрасен простор исполнет со животни и реквизити, кој се наоѓа во непосредна близина на магистралиот пат кон Крива Паланка, а ранчот е е наречен Кантрисајд ретрит (Countryside Retreat).

    „Идејата за Кантрисајд ретрит се роди сосема спонтано пред две години кога го земав првиот коњ. Но, тогаш се уште имав многу ангажмани на релација Њујорк - Македонија и не размислував во оваа насока. Благодарение на корона кризата кога цел свет сопре, јас свесно дојдов во Македонија на сред пандемија и еве ме со многу убав сон што се претвори во јаве. На ранчот нудиме сместување, јавање, учење за животните, терапија со нив за секој поединец кој сака да се поврзе со природата и животните. Ги вклучуваме и лицата со попреченост, но сеуште ни требаат доста инклузивни нешта за нив, вели 37- годишната Мариа.

    На ранчот е сместена ергела на коњи, но и кучиња, мачиња и други миленици кои Мариа ги наоѓа како бездомници, ги спасува од сигурна смрт и ги згрижува, храни и чува. Со нејзината љубов создава нов дом за сите нив, како и место за рекреација, одмор, забава, но и рехабилитација на љубителите на природата и животните. Сепак нејзина најголема слабост се коњите, и тоа дивите.

    „Уште од мала кога ме носеа на село, секогаш кога ќе видев коњ или магаре врзано на поле, ќе го пројавав, така без без седло и го враќав назад. Можеби затоа ме восхитуваат дивите коњи, а не оние спортските, кои се елегантни и се користат за спортско јавање и скокање. Кај нас можете лесно да најдете злоупотребени коњи, кои ги користат како отпад и ги препродаваат за колење или за преработка на месо, без разлика дали е ждребе од неколку месеци или стар коњ. Тоа е хорор, а нема никаков закон со кои се штитат. За разлика од кај нас, во Бугарија и Србија одгледувачите на коњи земаат субвенции и тоа доста добри“, објаснува младата хуманситка.

    Засега имам четири коњи, а една кобила која била стара и болна и угинала. Но, она по што се издвојуваат нејзините коњи се необичните и интерсни имиња што им ги дава, а кои имаат посебно значење за неа.

    „Пикасо е единственото машко и мој прв коњ. Фрида Кало ми е љубовта на прв поглед, ја најдов лани изгубена од стадо, сама во река и ја спасив да не биде продадена во Србија за колбаси. За неа си ја продадов машината за шиење. Монтана ми беше бабичката што умре, беше преубава, грациозна црно-бела кобила. Дакота и Колорадо ми се најнови, а чекам и принова од нив. Имињата им ги давам по карактерот. Монтана ме потсетуваше на дивите коњи од државата Монтана во Америка, а Дакота и Колорадо спонтано дојдоа како надоврзување на државите од Америка. Фрида и Пикасо се тотално погодени со уметниците“, раскажува Дибиаџио.

    Како посветена хуманистка води грижа за сите ранливи групи граѓани, а особено за лицата за попреченост. Затоа, на својот ранч воведува и терепија со коњи за нив, односно хипотерапија за да може да ги уживаат сите благодети овие лица на ранчот.

    „За жал, во Македонија сеуште нема таков вид на тренери и терапевти, иако претходно имало проект во Скопје каде се работело со хипотерапија. Јас сум дипломиран професор по физичка култура и спортист и секојдневно се надградувам со литература, размена на совети со други школи од Америка, кои ова го работат веќе со години. Во 2022 година веќе сум на неколку семинари низ Европа токму за оваа проблематика, а чекам и одобрување за една донација за седло за лица со посебни потреби“, објаснува Мариа.

    На ранчот има и базен кои гостите го користат, а исто така има и пристап за лица во количка, потоа велосипеди за тури низ селата и четирицикло-мото. Од оваа пролет планира да организира и јога кампови и други видови на семинари и сеанси од велнес начинот на живеење.

    Дибиаџио посочува дека тие се општествено одговорна компанија и тоа не само за општеството, туку и кон природата и животните. Рециклираат се што се создава од отпад, а исто така и доброволно и бесплатно нудат сместување и хипотерапија на лица со попреченост од здруженија, секој пат кога има фирми и компании кои оддржуваат тим билдинг на ранчот.

    Ангажманот на ранчот на кој сега е главно посветена, сепак не ја спречува и понатаму да продолжи со своите хуманитарни активности. Не многу одамна организираше донаторска акција во Америка за изградба на нов дом на Атиџе од филмот „Медена земја“, кој предизвика интерес во светската јавност и беше номиниран за Оскар.

    „Заедно со сопругот, за Атиџе направивме страница за донации во Америка, каде наши иселеници можеа да донираат колку сакаат. Се беше транспарентно, секој можеше да провери колку пари се соберени и за која намена. На Атиџе целосно и ја реновиравме старата куќа во Дорфулија и ја уредивме внатре“, појаснува Мариа.

    Покрај тоа што е позната хуманистка, таа е и успешна бизнисменка на спортска облека. Има сопствен погон во кој се произведуваат спортските парчиња, а нејзиниот бренд носи име Di Biaggio NY. Иако постојано е со животните и во природа, таа сепак е жена со стил, која во секој прилика изгледа убаво.

    „Знам да купувам специјален аутфит само за коњите, од чизми до кошули и шешири, се да е во тон со нив. Исто така, знам и да не се замарам ако треба да отидам на некој деловен состанок во хеланки со убаво координирана кошула, патики и спортска капа. Жената изгледа убаво според тоа како се чувствува и колку самодоверба има. Јас, освен што сакам убаво да изгледам без разлика дали е спортски стил на облека или класичен стил, немам потреба да се облекувам или да се докажувам преку облеката на некого“, децидна е Дибиаџио.

    Во се она што го работи вели дека има голема поддршка од нејзиниот сопруг, кој е Американец и живее во Њујорк.

    „Маурисио е личност која секогаш ми била поддршка и секогаш ме советува за што и да ми треба, но никогаш не ми се меша во изборите, без разлика дали ќе направам грешки или не. Тој ја сака Македонија повеќе од некои кои се родени во неа и секогаш кога тоа му го дозволуваат работните обврски престојува овде“, кажува Мариа.

    Нејзината мисија ја поддржуваат голем број на познати личности, амбасадори, политичари, бизнисмени. На прашањето како ги привлекува одговара дека луѓето, особено јавните личности си го ценат своето време и сами одлучуваат каде ќе вложат искрено пријателство и дека таа е благодарна и среќна што имам такви личности и тука и низ целиот свет.

    За себе вели дека го живее својот сон и ужива во она што ја исполнува. Посветува многу време, љубов и внимание на секое животно кое го спасила и трансформирала, а и тие неа.

    „До пред две години активно учествував и на трки низ цел свет. Едноставно уживав да патувам и да трчам градови и маратони. Меѓу нив се ултра маратон Њујорк 60 км, Њујорк маратон 42 км, Дисниленд Флорида 78 км, Мајами и многу други. Секогаш се трудам да трчам во прилог на подигање на јавната свест за маргинализираните групи тука во Македонија, или да ја промовирам државата и мојата невладината организација Пинк супорт (Pink Support). Години наназад бев и главен организатор на Розевата трка која се оддржуваше за лица со попреченост“, посочува Мариа.

    Сите ја знаат како голема авантуристка и личност која не запира пред ништо. Доволно е да има желба и идеја и се и успева. Постојано патува, а пред пандемијата пропатувала цел свет. Од Мексико и неколку држави во Јужна Америка до Африка, Индија и Азија. Сака, како што вели, да патува со ранец, да запознава луѓе кои ја инспирираат и фасцинираат. За неа тоа е најдобрата инвестиција што еден млад човек може да си ја даде самиот на себе. Патувањата и спомените од разни култури и настани се нешто што секогаш и даваат нов видик и нови сознанија за самата себеси.

    На крајот од разговорот загатнува дека во Новата 2022 година ќе не изненади со нови нешта, но не сакаше да открие кои се тие. Вели дека е среќна да се буди со своите животни и дека е задоволна од она што досега го постигнала. Тоа си го посакува и во новата година.

    „Животните ме прават среќна кога ќе видам дека ми се радуваат, кога ги гледам дека и тие се среќни, без оглед што сите имаа бездомно место низ улиците и селата. За моите 37 години презадоволна сум од тоа што сум постигнала досега и колку сум дала на општеството, тука и во Америка. Малите нешта и ситници ми носат најмногу среќа и ја креираат најубавата насмевка на моето лице.“, вели за крај Мариа.

    Со своите коњи таа се приклучи и на Новогодишниот базар во Крива Паланка, носејќи им радост и задоволство на најмадите кои се возеа со кочијата со впрегнат коњ и ги јаваа нејзините омилени животни.