×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Куманово и Кумановско пред Балканските војни 2 - четничко движење

    14.01.2017 15:11 | KumanovoNews

    Извадоци од прилогот „Борба за Македонија“ од Димитар Масевски, посветен на неговиот пријател и колега Миодраг Арсовски –Болто, објавен во списанието „Корени“ бр 43/44, од 2013 година, кој ги опсервира настаните во Кумановско пред Балканските војни.

    Куманово и Кумановско пред Балканските војни 2 - четничко движење

    ***

    Освен четите на ВМОРО, за жал со повеќе провениенции и со различни ставови, врховистичките чети кои постојано биле уфрлувани од Бугарија, во периодот пред Балканските војни во Кумановскиот крај мошне интензивно било четничкото движење кои е континуитет, оној вооружениот, на српската пропаганда која бргу напредува на овие простори.

    Во второто продолжение на прилогот „Борба за Македонија“ ќе се задржиме на  четничкото движење.

    Српска револуционерна организација- четничко движење

    Српската пропаганда, некаде од осумдесетите години на 19 век, речиси постојано беше присутна на Кумановскиот простор. Познати беа црковните борби за превласт во црквата „Свети Никола“ во последните две децении на 19 век, па изградбата на Новата црква “Света Троица“ за потреба на патријаршистите, односно србоманите, потоа делувањето на Јован Митрановиќ, управник на српските школи во Куманово, испраќање литература и други разни учебници од Србија и слично.

    Но, рака на срце, таа задоцни зад егзархиската, бугарската пропаганда дваесетина години, што беше доволно вториве да постигнат крупни резултати во придобивање на населението. Во 1897 година во Куманово имаше една третина приврзаници на Патријаршијата, додека две третини беа приврзеници на Бугарите. (1.735 патријаршиски домови плус 55 влашки и грчки домови и 4.055 егзархиски домови. Меѓу српските прваци се истакнуваа Ѓорѓе Денковиќ, поп Ташко Петровиќ, Хаџи Давид Поповиќ, Коле Костиќ и други. Меѓутоа, додека до 1904 година овие пропаганди се одвиваа преку просветните и културните активности, по формирањето на Српската револуционерна четничка организација, истите, со уфрлање во Македонија на вооружени чети, се трансформираа во вооружени. Некаде од летото 1903 година се појавуваат првите српски чети во Кумановско, меѓутоа нивното постојано присуство регистрираме од пролетта 1904 година.

    Темелите на четничката организација беа удрени во октомври 1903 година во куќата на Лука Ќелевиќ, богат белградски трговец, кога беше формиран „Централни револуционерни тајни одбор у Београду“, а главни иницијатори биле лекарот по општа пракса Милорад Гоѓевац, адвокатот Василије Јовановиќ, генералот Јован Атанацковиќ и споменатиот Лука Ќелевиќ, кој и финасиски ги помагал подготовките. На состаникот на кој присуствувале многу видни луѓе на Белград се дискутирало за состојбите во Стара Србија и Македонија, за „зулумот што го прават Турците, Бугарите и Арнаутите“ и императивот да му се помогне на „српското население“ кое живеело на тие простори.

    Слично на Бугарите, и Србите македонското словенско население го сметаа за свое, за свои браќа. Отука и во историографијата и во делата пишувани во тој период српските историографи на сите комитски чети во Македонија им го додаваа префиксот бугарски, воопшто не сакајќи да прават разлика, диференцијација помеѓу врховистите и централистите, внатрешните или пак федералистите чии програмски определби биле сосема различни. За нив се што се случувало во Македонја во тие години, било бугарско масло, со една единствена цел Македонија да ја припојат кон Бугарија. Додуша тие неколку пати се обиделе да разговараат и се договорат со раководителите на македонското револуционерно движење за заедничко дејствување во Македонија, но беа одбиени со образложение дека на територијата на Македонија единствено право за дејствување имаа четите на ВМОРО која се бори за нејзино ослободуваљње и создавање на Автономна Македонија. Кога сме кај формирањето на Српското четничко движење треба да се каже дека пред нејзиното основање во Белград, капетанот Живоин Рафајловиќ формира Извршен одбор на четничкото движење во Врање, кој по основањето на Главниот Централен одбор во Белград станува негова испостава. Првична задача на Одборот била да пружа било каква помош на христијанското население во неослободените делови од Турците, да собира средства од населението за помош. Извршниот одбор во Врање одиграл значајна улога во прифаќање на македонските востаниците по задушеното Илинденско востание, кои по престој во Србија ги испраќале во Бугарија. Меѓу првите кои ја преминал границата кон Србија бил раководителот на Скопскиот револуционерен округ и војвода на Скопско кумановската чета Никола Пушкаров. Тоа се случило летото 1903 година кога една од првите српски чети под водство на војводата Арса Гавриловиќ, кај Ѓуришкиот манастир помогнала на четата на војводата Никола Пушкарев кој се борел со Турците.Во таа година српските четници прифатиле многу македонски жители кои бегале од зулумот на турскиот аскер по Илинденското востание.

    Четнички војводи во Стара Србија и Македонија

    Треба да се спомене дека во овој педриод ширум Србија се формират и други асоцијации чија првенствена цел била помош на словенските браќа во Македонија „Удружење на студентите“ „Побратимство“, „Српска браќа“, „Словенски југ“. По иницијатива на Надежда Петровиќ во Белград 1903 година се формира „Коло српских сестара„ , а на 12 октомври 1905 година излезе весникот „Аутономна Македонија“ кој го уредуваше професор Глигориј Хаџи Ташковиќ, роден во Воден и гевгеличанецот Ѓорѓи Ѓерѓиковиќ, поранешен српски офицер. Мотото на весникот беше „Македонија на Македонците- Балкан на –Балканците“. Основните начела на весникот беа: прво - создавање на Автономна Македонија, второ- македонското прашање не е прашање на било која балканска држава туку само на Македонците од Македонија и трето создавање на Балканска федерација во која Македонија ќе биде рамноправен член. За жал, осуден од пошироката српска јавност, посебно од весниците во Белград, овој весник по излегување на три броја згасна. Поинтензивно навлегување на српските чети во Македонија се случува во 1904, 1905 и 1906 година. Четата на Анѓелко Алексиќ беше прва позначајна чета, со 24 четника која навлегува во Кумановскиот крај, пролетта 1904 година, меѓутоа поради неискуство и грешки сторени по патот, биле откриени и до еден убиени од турската војска кај Четирце. Во тој период , како резултат на пропагандите Куманово и селата во Околијата биле поделени помеѓу егзархистите и патријаршистите ( бугарофили и србомани). Од еден извештај на австрискиот конзул Пара од 20 мај 1905 година се гледа дека селата Враготурце, Рамно, Длабочица, Карловце, Малотино, Коинце, Жегљане, Арбанашко, Дејловце, Степанце, Кокино, Бајловце, Дренак, Сув Ора, Аљинце и Пузаљка биле под српско влијание. Приврзеници на српската пропаганда биле и дел од селата Кокошиње, Скачковце,Доброшане... При ова треба да се каже дека поради мошне добрите односи со Турција, српската влада официјално била против уфрлуваање на чети во Македонија, истото го мислел и српскиот конзул во Скопје Михајло Ристиќ, а за тоа мислење се залагал и прота Ташко Петровиќ од Куманово. Ташко Петровиќ, бил влав од Крушево кој бил прота во Куманово и играл важна улога во таборот на србоманите во Куманово и заедно со Ѓорѓе Денковиќ ги координирале нештата во градот и околијата. Бил убиен на 1 јануари 1905 година од кумановскиот војвода Крсто Коњушки во непосредна близина на црквата „Света Троица.

    Меѓу четничките војводи во Куманово и Кумановскиот крај посебно се истакнувал Јован Станојковиќ Довезенски, роден во с. Довезенце. Тој во Белград ја завршил познатата Светосавска школа, а извесно време бил учител во селото Шопско Рударе. Во 1904 година влегол во Српската четничка организација, а во ноември 1904 година ја преминал српско/турската граница и работел на ширењето на четништвото во Македонија. Тој ја создал српската тајна организација на левиот брег на Вардар. Важел за голем авторитет меѓу четниците.Нему му се придружиле:чича Павле Младеновиќ, Саватије Милошевиќ, Ѓорѓе Ристиќ, познат како Ѓорѓе Скопљанче, Илија Пчињски, Павле Нагорички, Ристо Стефановиќ Старачки, Тодор Алгуњски од с. Алгуња, Спасо Гарда, Вангел Скопљанче и други. Споменатите војводи дејствувале во Прешевска, Кумановска, Кратовска, Кривопаланечка, Скопска и Малешевска околија. Сите тие дејствувале на левата страна на Вардар, додека на десната страна се истакнувале Мицко Крстиќ, Јован Бабунски, Глигор Сокол, Василије Требиќ и други. Кумановскиот крај беше полигон на многу судири по 1904 година, како помеѓу комитите, независно дали врховисти или внатрешни, со Турците или пак српските чети. По борбата кај Четирце, прв посериозен судир меѓу српските чети и Турците се случил на 14 март 1905 година во Табановце кога во битката загинаа 11 четници, а дел беа заробени и ѕверски убиени на кумановската Тумба. Во овој период се одиграле и борбите: на 16 април кај Чолопек, 17 април кај Вуксан, на Китка на Козјак и кај Петрлица на 31 мај, Бељаковце на 3 јуни, Страцин и Мургаш. Во текот на 1906 година се евидентирани борбите кај Пклиште, на 19 јануари, Челопек 25 јануара, Шталковци 3 маја, Јачинце 23 февруари, Стрновац 24 февруари... Најзначајна од овие борби беше онаа кај Челопек од 16 април во која учествувале седум чети со околу 160 четници под водство на Чича Павле Младеновиќ, Ѓорѓе Скопљанче, Воја Танкосиќ и др. Сите овие борби се водени со турската војска и жандармерија и во нив загинале преку 180 четници.

    Српските чети кои војувале и се движеле по десната страна на Вардар имале значително повеќе судири со врховистички или централистички елементи на ВМОРО, отколку со турските сили. Инаку пред воените судири помеѓу припадниците на врховистичките или четите на ВМОРО со српските чети, постоела многу солидна соработка помеѓу Србите и Бугарите, главните играчи во борбата за Македонија. Тоа било карактеристично кај младите академски сили, посебно меѓу студентската младина кои сосема на друг начин го перцепирале македонското прашање. Во една Резолуција од 8/ 9 јануари 1903 година од студентското советување во Софија, младите од Србија и Бугарија порачуваат:„Макеедонското прашање не е ниту српско ниту бугарско ниту грчко, тоа е исклучиво прашање на поробеното население кое живее во таа земја и единствен пат за извојување на нивната слобода е автономна Македонија што може да се постигне со револуција која би била резултат на зрела политичка самосвест и на обединето население“.Собранието на студенти одржано во Софија на 23 февруари 1904 година ја изгласало и потвдило јануарската Резолуција во која во втората точка се вели:„Сметаме дека се штетни и опасни за македонската слобода сите мешања од надвор насочени во насока да се елиминира правилниот развој на македонското револуционерно движење додека не се постигне политичка свест на македонскиот народ, посебно во критични мигови какви што се сега за сите балкански народи.“